Култура
Заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп: „…Медеја“ е најдобра претстава
Синоќа со врачувањето на наградата за претставата „Се викам Медеја“ (My Name is Medeja) на Народниот театар од Битола за најдобро уметничко остварување во целина заврши 57. фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Награда за најдобра режија доби Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога – Илина Чоревска, за најдобра музика – Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал – Сашо Илковски.
Скопскиот Драмски театар и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ освои 5 награди, меѓу кои и за главна машка улога за Дамјан Цветановски и за најдобра женска епизодна улога за Емилија Мицевска.
Наградени беа и Турскиот театар за претставата „Човек перница“, како и Прилепскиот театар за „Мистерија Буфо“ и на Театарот за деца и младинци, за „Роња, ќерката на ограбувачот“.
Наградата за современа сценска драматизација ја доби Лидија Митоска-Ѓоргиевска за „Мистерија Буфо“.
Наградата за млад актер „Трајко Чоревски“ ја доби Хакан Даци за улогата на Катуриан во претставата „Човек перница“ во изведба на Турскиот театар од Скопје, копродукција со „Машина продакшн“ и „Пик продукција“. За истата претстава, за улогата на Микаил, актерот Дин Ибрахим ја доби наградата за најдобра машка епизодна улога. Наградата за млада актерка ја доби Матеа Јанковска за Роња во „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.
Со свечената вечер со наградените на финалето на „Черондрински“ и со изведбата на „Последниот балкански вампир“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски, на Српското народно позориште од Нови Сад, се спушти завесата на годинешниот МТФ „Војдан Чернодрински“, со најава за нова свежина и афирмација на македонската драма вгодина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Шопен под отворено небо со Дино Имери
Во сабота со почеток во 12 часот ќе се одржи музички настан организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот.
Имено, во Градскиот парк, на „Школка“, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.
„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.
Станува збор за навистина редок настан, затоа што класичната музика не се изведува често на отворено.
Но, идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти.
Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј кој светот го направи подобро место за живеење.
Настанот е бесплатен.
Култура
ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби инспирирани од творештвото на Франц Кафка
По повод 100 години од физичкото заминување на Франц Кафка (1883-1924), еден од највлијателните европски и светски писатели на 20-от век, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија распишува награден конкурс за книжевни творби.
Делата, напишани на македонски јазик, може да бидат во вид на расказ или есеј, а секој автор може да учествува со една творба на слободна тема, инспирирана од книжевните дела и/или животот на Кафка.
Максимална должина на секоја од испратените творби е 5 000 зборови.
Творбите да се потпишат со шифра, а на посебен лист да се пополни пријава за учество на конкурсот со следниве податоци: шифра, име и презиме, наслов на испратено дело, телефонски број, e-mail адреса и адреса на живеење.
Пријавите за литературниот конкурс да се испратат на е-адресата на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија: [email protected], најдоцна до 25-ти мај 2024 година.
По завршувањето на конкурсот, ќе бидат доделени парични награди за трите најдобри творби.
Конкурсот е без возрасни ограничувања за авторите или авторките.
Секоја непотпишана и нецелосна пријава на конкурсот нема да биде разгледана од страна на жири-комисијата, се наведува во соопштението.
Култура
Музичкиот ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово добива простории за работа на трајно користење
Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука со којашто на Националната установа Музички ансамбл во Република Северна Македонија – Тетово, му се даваат на трајно користење, без надомест, простории кои се наоѓаат на улица „Тетово” б.б, Тетово, сопственост на Република Северна Македонија.
Задолжение да се реши просторното сместување на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата
Во врска со сместувањето на Н.У. Галерија Гостивар, формирана со одлука на Владата на Република Северна Македонија, по насока на претседателот на Владата, задолжено е Министерството за култура да ја разгледа постојната документација, испратена од Н.У. Галерија Гостивар до Владата и да излезе со предлог решение во врска со нејзиното трајно сместување.