Македонија
Доцна синоќа поплава во Куманово, за денеска УХМР издаде жолт аларм

Регионалниот ЦУК Куманово известува дека по силниот пороен дожд што го зафати градот Куманово, во вечерните часови, а поради неможноста атмосферската канализација да ги прифати големите количества вода, дошло до поплавување на куќи, Екипите од ТППЕ Куманово биле излезени на терен за испумпување на вода во с.Черкезе, додека ЈП ,,Водовод“, била на ул. Никола Вапчаров каде што известува дека подигнато реката и има поплава на улицата, и на ул. ,,Србо Томовиќ”, бр.36, при што имало поплавени подрумски простори каде известуваат дека не можело да се реши веднаш случајот и треба самата вода да се повлече.
Денес на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради големата енергија и влажност во атмосферата локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме проследени со обилен пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.
И во Скопската Котлина денес попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за појава на град, велат од УХМР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Според очевидците пожарот кај Јасен бил разгорен од удар на гром, Мицкоски вели се прават натчовечки напори

Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување беше во ловиштето „Јасен“, каде што веќе неколку дена вработени во ДЗС, припадници на специјалните единици на МВР и Министерството за одбрана се борат со пожарот.
„Пожарот е делумно под контрола, иако во позадина има огромни јазици пламен. Дејствуваат воздухоплови, Ер трактори и хеликоптери, а се надевам дека наскоро ќе биде ставен под целосна контрола“, изјави Мицкоски, додавајќи дека се прават натчовечки напори при неговото гаснење.
Тој посочи дека вчера на територијата на државата имало околу 34 активни пожари, од кои 33 биле изгаснати, а денеска останатиот дел од територијата е целосно под контрола, без активни пожари, иако состојбата се менува од минута во минута.
Премиерот упати благодарност до сите кои учествуваат во гаснењето и потсети на тешката состојба со пожари на Балканот, каде што во некои држави има и човечки жртви.
Мицкоски апелираше граѓаните да се придржуваат кон забраната за движење во шуми и наведе дека според сведочењата на терен, пожарот во „Јасен“ е предизвикан од удар на гром.
Македонија
Уште гори кај Јасен – регистрирани седум пожари во државата

До 12 часот денеска во земјата се регистрирани вкупно седум пожари на отворен простор, од кои три се активни, еден е под контрола, а три се изгаснати.
Активни пожари има во повеќенаменското подрачје „Јасен“ во општина Македонски Брод, на Октишка Краста во општина Струга и во атарот на селото Могила во истоимената општина, соопшти ЦУК.
Под контрола е пожарот меѓу селата Радуша и Дворце во општина Сарај, а изгаснати се пожарите кај селото Челопеци во општина Кичево, кај селото Крапа во општина Македонски Брод и во атарот на селото Нерав, местото наречено Биљино, во општина Крива Паланка.
Македонија
„ЕВН Македонија“ и СОС „Детско село“ ја прошируваат соработката за поддршка на младите

ЕВН Македонија и СОС Детско село потпишаа меморандум за соработка за поддршка на деца и млади во социјален ризик. ЕВН ќе обезбеди стипендии за овие млади со цел продолжување на средното или високото образование како и финансиска поддршка на програмите на СОС Детско село за зајакнување на капацитетите и одржливоста. Покрај тоа, стипендистите ќе имаат можност да реализираат практикантска работа и менторска програма во просториите на ЕВН, со што ќе им се помогне да ја градат својата професионална иднина.
„Ова партнерство е одраз на нашата посветеност кон општеството. Инвестирањето во образованието и развојот на младите е најдобрата инвестиција за иднината.“ нагласи Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г-дин Волфганг Маиер.
„Партнерството со ЕВН Македонија се совпаѓа со нашата стратегија за воведување национална програма за млади од ранливи категории. Oва е само почеток на една успешна соработка која ќе придонесе кон посигурна иднина за младите поддржани од СОС Детско село.“ кажа директорката на СОС Детско село, Јулијана Накова Гапо.
„Ја искажуваме нашата искрена благодарност кон ЕВН што ја овозможи оваа соработка и се надеваме дека многу други австриски компании во иднина ќе го следат примерот за поддршка на СОС Детско село и неговата мисија во Северна Македонија.“ рече австрискиот заменик амбасадор, г-дин Матијас Хуменбергер.
Преку меморандумот се официјализира поддршката за програмите на СОС Детско село, каде што се опфатени образовните интереси, како и здобивањето на потребни искуства и вештини насочени кон професионален и личен развој на младите.