Македонија
Документи откриваат нов скандал со Дрин, внукот на Али Ахмети

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, објави договор склучен помеѓу државната ЕСМ и фирмата на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети во кој стои дека истата фирма има само еден вработен а има добиено концесија уште од претходната влада на СДСМ и ДУИ за ископ на варовник во вредност од 3.600.000 денари.
„Поврзано за кланот Ахмети има и нови моменти. Јас денеска ќе ги објавам. Станува збор за договор кој што го има потпишано исто така Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, што го купи трговскиот центар Соравиа за 30 милиони евра. Овде имам во мене договор со ЕСМ, значи човекот Дрин Ахмети е сопственик на фирма Еверест ЏД кој што има концесија за ископ на варовник, и таа концесија е некаде 16, 17 години и е добиена уште во времето на претходната влада на СДС и ДУИ. Договорот се однесува на купопродажба на варовник од страна на ЕСМ и изнесува околу 3.600.000 денари. Значи станува збор за фирма која што е од кланот на Ахмети и која што склучува договор со државната ЕСМ, значи ги троши народните пари. Симптоматично е што до нас стигна информација дека оваа фирма има само еден вработен. И сега доколку е тоа така како тогаш може тој еден вработен да подготви и апликација за тендерска документација, како може да ги врши ископи итн. Значи прилично сериозен случај како овој со купувањето на Соравиа и за кои што треба да се заинтересираа институциите“, објасни Ковачки.
Тој ја повика ДКСК веднаш да постапи за овој случај.
„И тука ќе повикам уште еднаш до ДКСК да не се правда и да не се објаснува дека немала право да истражува, односно да утврдува затоа што не се работело за именувано и избрано лице. Веднаш ќе кажам во законот точно е предвидено кои се блиски лица на функционерот, и ќе се види дека ДКС може веднаш да постапува“, посочи Ковачки.
Дрин Ахмети неодамна купи и дел од Соравија, а за „Макфакс“ рече дека парите биле чисти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.