Македонија
(Видео) Бог да го благослови Али Ахмети, не го цените доволно, вели внук му, кој ја купи „Соравија“
Али Ахмети ми е чичко и Бог да го благослови, тој ми е мотивација во мојот живот, рече внук му Дрин Ахмети на прес-конференцијата за трговскиот центар „Соравија“, а прашан дали лидерот на ДУИ имал влијание.
Дрин рече дека не сака да коментира политички изјави, но зборуваше за Ахмети и за Љубчо Георгиевски.
„Ахмети ѝ помогна на оваа држава. Немаше да ја имаме Македонија денес ако го следевме Љубчо Георгиевски да ја дели државата. Али Ахмети не го потпиша тоа и вие не го цените доволно. Не сум тука да коментирам политички изјави. Се гордеам што ми е вујко, но тој нема ништо со мојот бизнис. Нула. Ова што го прават медиумите сега е на штета на мојата мрежа на соработници. Луѓе од Америка ме прашуваат што ти се случува со македонските медиуми, ти правиш сè по прописи“, рече Дрин Ахмети додавајќи дека да се случело тоа во САД, со медиумите би се објасниле на суд.
Потоа рече дека само еден новинар го прашал за купувањето на „Соравија“ и тој му одговорил, а одговорот бил скратен.
Прашан каде живеел и работел бидејќи не знае македонски и од кога се занимава со бизнис, младиот бизнисмен прашањето го оцени како „приватно прашање“.
„Живеам во Македонија. Многу луѓе, особено луѓето со кои работам зборуваат англиски јазик. Имам 85 проценти од вработените, кои се етнички Македонци, и тие говорат англиски јазик. Не гледам проблем во тоа. Мислам дека младите луѓе не ги засега оваа тема. Учат албански, учат јазици ако им помагаат во кариерата“, рече Дрин заклучувајќи дека парите и капиталот немаат етничка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

