Свет
Песков не можеше да одговори на прашањето каде е Пригожин
Прес-секретарот на претседателот на Руската Федерација, Димитриј Песков, изјави дека нема информации каде би можел да биде шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин.
„Немам такви податоци и не можам да ви кажам ништо“, им рече Песков на новинарите на прашањето дали Кремљ има податоци за тоа каде се наоѓа Пригожин.
Тој исто така се воздржа од коментари за тоа како точно ќе им се даде можност на борците на „Вагнер“ да патуваат во Белорусија – индивидуално или организирано.
„Не можам да дадам подетаљни информации од она што беше најавено во врска со ова“, рече Песков.
На прашањето каква ќе биде идната судбина на борците од „Вагнер“, кои ќе одлучат да заминат во Белорусија, дали ќе продолжат да учествуваат во воените операции во Украина, Песков рече: „Не можам да ви дадам никакви дополнителни детали“.
Песков го остави неодговорено и прашањето што ќе биде со регрутните центри на „Вагнер“ и какви се очекувањата на Кремљ, колку „вагнеровци“ на крајот ќе склучат договор со Министерството за одбрана.
Како одговор на појаснувачкото барање да се откријат деталите од договорот со Пригожин за тоа што ќе се случи со „вагнервците“, Песков потсети на зборовите на претседателот на Руската Федерација.
„Вчера, во својот говор претседателот јасно рече дека некој може да потпише договор со Министерството за одбрана или со други наши безбедносни агенции, некој може да се врати дома, некој да оди во Белорусија – ова беше кажано вчера“, рече тој.
На 27 јуни ФСБ објави дека за време на истрагата за бунтот било утврдено дека учесниците престанале со акции директно насочени кон извршување кривично дело, случајот бил затворен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Напад за време на божиќен пазар во Германија: малолетник избоден со нож
Сериозен инцидент се случи во германскиот град Херфорд, каде што 16-годишно момче e во животна опасност по напад со нож.
Нападот се случил во споредна улица на работ на божиќен пазар, потврди портпаролот на локалната полиција, според германскиот магазин „Шпигел“.
Според првичните полициски извештаи, напаѓачот и жртвата се познавале.
Сторителот успеал да избега по нападот и сè уште се бара. Од тактички причини, полицијата сè уште не е подготвена да открие повеќе информации за осомничениот.
Шеснаесетгодишно момче е избодено во грб и е однесено во болница на лекување.
Одделот за убиства го презеде случајот, а полицијата апелираше до сите можни сведоци да дојдат со информации што би можеле да помогнат во истрагата.
Свет
(Видео) Убиецот на Чарли Кирк за прв пат се појави пред суд
Мажот обвинет за убиство на десничарскиот активист Чарли Кирк, 22-годишниот Тајлер Робинсон, се појави за прв пат лично на суд во четвртокот.
Неговото појавување доаѓа во време кога судијата одлучува за клучно прашање – дали на медиумите ќе им биде дозволено да снимаат во судницата за време на овој високопрофилиран случај, пишува Би-Би-Си.
Адвокатите на Тајлер Робинсон и Канцеларијата на шерифот на округот Јута побараа од судијата да ги забрани камерите, изразувајќи загриженост дека интензивното медиумско внимание може да го загрози правото на фер судење. Од друга страна, вдовицата на Кирк и коалицијата на национални и локални медиумски куќи инсистираат на транспарентност на постапката.
Ерика Кирк, која се бори против теориите на заговор за смртта на нејзиниот сопруг, исто така повика на транспарентност. Минатиот месец, таа изјави за Фокс њуз, „заслужуваме камерите да бидат таму“.
Робинсон е обвинет за тешко убиство и други кривични дела, а обвинителите објавија дека ќе бараат смртна казна. Обвинетиот сè уште не се изјаснил за виновен.
Робинсон им се предаде на властите по обемната потрага започната откако Кирк беше застрелан и убиен на настан на отворено на Универзитетот Јута Вали во септември. Тој му го признал злосторството на својот татко, кој го препознал на фотографиите објавени од властите и кој на крајот го убедил да се предаде.
Појавување пред судија
Робинсон бил изведен на суд во четвртокот со лисици на рацете и нозете. Според извештајот на CBS, тој носел кошула, вратоврска и панталони и им се смешкал на членовите на семејството што седеле во првиот ред. Неговата мајка, татко и брат биле присутни во судницата.
Дел од рочиштето било затворено за јавноста за да може судијата Тони Граф да го прегледа аудио-снимката и транскриптот од претходните рочишта одржани во октомври. „Треба да слушнам што треба или не треба да биде запечатено или заштитено и не би било корисно за сите да слушнат што треба да биде запечатено“, рече судијата Граф, објавувајќи ја одлуката подоцна во текот на денот.
Уште во октомври, судијата му дозволи на Робинсон да носи цивилна облека за време на предсудските рочишта за да се избегнат предрасуди меѓу потенцијалните поротници, но наредил тој да мора да носи лисици. Фотографирањето или снимањето на Робинсон со лисици е забрането.
Свет
САД воведуваат нови санкции врз Венецуела, насочени кон внуците на Мадуро и нафтениот сектор
САД го зголемуваат притисокот врз Венецуела со нови санкции насочени кон тројца внуци на претседателот Николас Мадуро, меѓу другите. Двајца од нив претходно беа осудени во САД за трговија со дрога, а подоцна ослободени во размена на затвореници, објави CNN.
Покрај членовите на семејството на Мадуро, Вашингтон го таргетираше и виталниот нафтен сектор на Венецуела. Санкции се воведени врз еден панамски бизнисмен и шест бродски компании за кои се тврди дека транспортирале венецуелска нафта. Министерството за финансии на САД, исто така, идентификуваше шест брода за кои вели дека се вклучиле во „измамнички и небезбедни практики на превоз“ за да обезбедат финансирање за владата на Мадуро.
Новите мерки доаѓаат само еден ден откако САД запленија танкер за нафта покрај брегот на Венецуела, дополнително затегнувајќи ги односите. Генералниот обвинител Пам Бонди рече дека танкерот бил под санкции на САД со години „поради неговата вмешаност во нелегална мрежа за транспорт на нафта што поддржува странски терористички организации“, вклучувајќи ги Венецуела и Иран.
Претседателот Мадуро реагираше остро во четврток, велејќи дека заплената означи „нова ера на криминално поморско пиратство во Карибите“. Истиот ден, неговата влада поднесе официјална жалба до Меѓународната поморска организација, осудувајќи го потегот на САД.
фото: Depositphotos

