Македонија
Обвинителството не гледа индиции за сериозен криминал кај внукот на Ахмети, ќе чекаат пријава за да постапат
Обвинителството ќе постапи ако надлежните институции достават известување или пријава за криминал во случајот за сопственоста на деловниот центар „Соравија“.
Обвинителството нема да постапи по допрен глас.
„Јавното обвинителство ги следи информациите. Доколку органите надлежни за откривање кривични дела и контрола на финансиските текови (Управата за финансиска полиција, Единицата за финансиски истраги при МВР, Управата за јавни приходи или др.) постапат и достават известување или пријава, Обвинителството ќе постапи во согласност со своите законски надлежности. Инструментот на допрен глас се користи доколку во конкретниот случај постојат сериозни индиции или наводи за сторен криминал или кога органите надлежни за откривање кривични дела не постапуваат во согласност со своите надлежности“, велат од Обвинителството за „Макфкас“.
Претходно денес, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека Обвинителството ќе може да отвори истрага и да ги провери фактите за сопственоста на „Соравија“.
Внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети, ќе стане втор по големина сопственик со удел од 39 отсто во деловниот центар. Мнозински сопственик со 51 отсто од акциите ќе биде Владимир Пјетерѓокај со албанската компанија „Пе-Вла-Ку“, а 10 проценти ќе има досегашниот сопственик Хано Соравија.
Одлуката Ахмети да биде косопственик на објектот предизвика реакции во јавноста.
На вчерашната прес-конференција Хано Соравија не ја откри цената за купопродажбата велејќи дека е деловна тајна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

