Култура
Со голем музички хепенинг заврши 22. издание на „Битола отворен град“

Уметноста и музиката на новата генерација млади луѓе, но и социјалните промени, беа во фокусот на „Битола отворен град“, кој изминатата недела го трансформира градот во отворена сцена за многубројни музички настани и неколку арт-перформанси.
„Овој наш настан, кој влезе во третата деценија, беспрекорно умее да се справи со новите генерации и новото време. Да ги спојува уметноста, музиката и општествениот ангажман обезбедувајќи платформа за младите таленти да се изразат себеси додека поттикнуваат позитивни промени. Од трансформација на говорот на омраза во улична уметност до наелектризирани музички изведби, годинешниот фестивал испорача извонредно искуство за илјадната публика која нè следеше во сите фестивалски денови“, истакнуваат од МКЦ – Битола, кој е организатор на овој фестивал.
Една од истакнатите работилници на фестивалот се фокусира на трансформативната моќ на уличната уметност. Водени од вешти уметници и педагози, волонтерите учеа како да ги повратат јавните простори со трансформирање на пораките на омраза во уметнички дела што предизвикуваат размислување. Овој заеднички напор не само што го разубавува градот туку и испрати и моќна порака за единство и толеранција.
МКЦ – Битола отсекогаш бил и сцена за демо-бендовите, кои на овој фестивал ги правеле првите чекори. Така, оваа година на „Битола отворен град“ настапија три нови млади локални бендови за кои допрва ќе се слуша: Everest, Tsar Von Time и Sinful Glare.
Од изложба во дворот на МКЦ, лоциран во старото градско јадро на Битола, на млади талентирани личности до славење на зајдисонцето по битолската калдрма во Старата чаршија, пред првата знаковна кафетерија во Македонија, „Улаф сте“, се одвиваа дневните активности на учесниците на фестивалот, но и уживање за многубројната публика. А една од вечерите беше посветена на електронската музика, на која настапија домашни диџеи како локална поддршка за гостинот од Барселона, Joe Diem.
Фестивалот „Битола отворен град“ викендот заврши со големиот музички хепенинг, на кој настапија домашниот хеви-метал бенд LUCENT, кој испорача незаборавен настап пред своите верни фанови, гостите ARUMBO од Шпанија/Белгија, кои со румба и џез-варијации ја пренесоа многубројната публика низ некои нови музички сфери. И, конечно, белградскиот REPETITOR , трио што ужива почит на глобално ниво заработувајќи и шанса да биде предгрупа на европските турнеи на Arcade Fire, ја ослободи својата сурова енергија на заразен гаражен рокенрол со пост-панк примеси оставајќи ја публиката да копнее по повеќе.
Уметност, музика и социјален ангажман, останува кохезија на креативните сили, младинскиот арт-фестивал „Битола отворен град“, кој верува во новите генерации и нивниот општествен ангажман. Фестивалот останува да биде платформа за младите луѓе да се изразат креативно, истовремено поттикнувајќи дебати, кои би поттикнале позитивни промени, преку работилници, перформанси и инклузивни настани славејќи ги различноста, единството и огромниот потенцијал на младите луѓе да обликуваат подобра иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
СДСМ: Нема плата за Влегден за културните работници

Денес е 17 април. Два дена после законскиот краен рок за исплата на платата, во Светата седмица, на Велики четврток – симбол на смирение и човечност, само три дена пред големиот христијански празник Велигден, вработените во културата сè уште немаат добиено плата за месец март, велат од СДСМ.
Според партијата ова не е само административен пропуст, туку директен удар врз достоинството на оние што ја чуваат нашата културна меморија, ја создаваат уметноста и се грижат за духовното богатство на нацијата.
Да не се исплати плата навреме, велат од СДСМ, а особено во овие празнични денови кога семејствата се собираат, кога традицијата повикува на трпеза, топлина и заедништво – значи да се покаже рамнодушност кон нивниот труд и живот.
„Министерот за култура,Зоран Љутков, потфрли. Потфрли не само како институционален раководител, туку и како човек кој некогаш самиот стоел на сцена и знае што значи љубовта кон културата. Разочарува фактот што токму тој, дојден од светот на уметноста, не покажа ни минимум емпатија и одговорност кон своите колеги – вработените во установите од културата низ целата земја“, велат од СДСМ.
Се додава дека културата не може да биде последна на листата. Луѓето што работат во театарите, музеите, библиотеките, галериите… заслужуваат почит и сигурност, не понижување и несигурност. Оваа ситуација не смее да се повтори.
СДСМ повика на одговорност.
Култура
Бесплатен концерт на македонско-турско дуо во Даутпашиниот амам

Овој четврток, со почеток во 20 часот, во Даут Пашиниот Амам – објект на Националната галерија на Северна Македонија, ќе се одржи концерт на интернационалното дуо составено од Даниела Неделковска (флејта, Северна Македонија) и Пинар Челик (пијано, Република Турција).
Концертната програма опфаќа дела од македонски и турски автори, нудејќи музичко доживување кое ги спојува традициите, културата и естетиката на Балканот и Анадолија. Настанот има за цел да ја потенцира блиската културна соработка помеѓу двете пријателски земји преку јазикот на музиката.
Настанот се одржува под покровителство на Амбасадата на Република Туркије во Скопје, а во организација на Институтот Јунус Емре – Скопје, кој континуирано работи на зближување на културите преку уметнички и образовни проекти.
Влезот за концертот е бесплатен.
Култура
Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Актерот на Драмски театар Скопје, Сашо Тасевски е добитник на наградата за најдобра споредна машка улога на четвртото издание на Театарскиот фестивал „5РЕ” во Велес. Наградата ја доби за улогата на Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ во продукција на Драмски театар Скопје.
Наградата за најдобра споредна машка улога ја донесе жирито во состав: Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски и во образложението на наградата се истакнува неговата фантастична изведба на ликот Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“ и се додава: „Сашо Тасевски, со неговиот хумор, енергија и актерска виртуозност, ја донесе една од најзначајните улоги во оваа претстава. Неговата игра ги плени сите сетила, одржувајќи баланс меѓу забавата и длабоките емоции што го носат со себе карактерите од оваа комедија“.
Режисерката Теа Беговска воедно е и автор на текстот и адаптацијата на претставата. Во уметничкиот тим што ја работеше „Фамилијата Адамс“ се сценографот Никола Пијанманов, костимографите Ратка Џамбазовска Коцев и Раде Василев, а музиката е на Енес Беговски. Кореографија ја направи Бојан Лазаров.
Ликовите во претставата ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Гомез Адамс – Предраг Павловски, Мортиша Адамс – Трајанка Илиева Вељиќ, Бабата – Гордана Ендровска, Венздеј Адамс – Нина Елзесер, Фестер Адамс – Сашо Тасевски, Пагзли Адамс – Томислав Давидовски, Лукас, момчето на Венздеј – Марјан Наумов, Деби, бившата љубов на Фестер – Емилија Мицевска, таткото на Лукас – Златко Митрески и мајката на Лукас – Маја Вељковиќ Пановска.
Ликовите на ДУХОВИ во претставата „Фамилијата Адамс“ ги играат студенти на Факултетот за драмски уметности и Факултетот за театарски уметности при Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима: Јована Миладинова, Ема Лазарова, Луна Миќевиќ, Стефан Арсиќ, Кристијан Петковски, Енис Билаловиќ, Анастасија Митровска и Мартин Мазнев. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.
Режисерката Теа Беговска во програмската белешка истакнува дека: „Фамилијата Адамс, овие добро препознатливи и екцентрични ликови со мрачен хумор, сместени во т.н. гробница на Светот (каде се закопани нивните предци) – “танцуваат” во СВОЈАТА нормалност, во СВОИТЕ вредности за живот и смрт. Овој мрачен дом на Фамилијата Адамс е светилиште каде се слави смртта, но, се слави и љубовта – тајната состојка со која опстојува династијата Адамс“.
Претставата Фамилијата Адамс е на редовниот репертоар на Драмски театар Скопје и наредната изведба е на 26 април во 20 часот. Тоа ќе биде нејзина тринаесетта изведба по премиерата на 25 декември 2024 година.