Македонија
Нотарската комора ја демантира австриската амбасада
„Во врска со објавата и реакциите на австриската амбасада за вклученост на нотари и злоупотреба на службената положба и овластувањето во трговскиот спор помеѓу македонската фирма ‘Дена продукт’ увоз-извоз Велес и австриската фирма „АММА импорт-експорт џи-ем-би-ејџ“, Нотарската комора на Република Северна Македонија, по прибирање релеванти информации од аспект на нотарското постапување, во целост ги демантира и не се согласува со изнесените реакции насочени против нотари од следните причини:
1. Нотарите се лица со јавни овластувања доверени од државата, чија дејност се извршува во неоспорни работи, што значи дека во ниеден случај нотарите не може да бидат вклучени и да преземаат дејства во какви било спорови, а најмалку во трговски спор;
2. Според податоците од решението за определување привремена мерка, донесено од надлежен суд, недвосмилено е дека ниеден нотар во државата не составил ниту, пак, заверил нотарска исправа со која е осуетено или повредено какво било право на австриската фирма;
3. Во конкретниот случај станува збор за недвижност, па доколку надлежен суд издал правосилна привремена мерка за обезбедување побарување поврзано со таа недвижност, судот по службена должност треба да ја спроведе со доставување до Агенцијата за катастар на недвижностите заради прибележување во јавните книги во кои се запишуваат правата на недвижностите, како и до соодветните регистри во кои се запишуваат права на подвижни предмети, до носителите на платен промет и до Централниот депозитар за хартии од вредност;
Нотарот би сторил повреда и може да се повикува на одговорност само доколку спротивно на запишаната забрана за располагање дозволи склучување правно дело во форма на нотарска исправа (нотарски акт или солемнизација на приватна исправа), а која ќе се однесува на недвижноста за која постои забрана.
Фактот што нотар издал правосилно и извршно решение за нотарски платен налог нема никаква поврзаност со недвижноста и со забраната за нејзино отуѓување од причини што нотарски платен налог претставува решение на нотарот со кое, врз основа на веродостојна исправа, му се налага на должникот да исплати некое достасано парично побарување. Нотарскиот платен налог е инструмент за вонсудско намирување парични побарувањата и тој му овозможува на доверителот, по негова правосилност и извршност, доколку доброволно не биде исполнето, да побара присилна наплата преку надлежен извршител. Што значи дека станува збор за постапка што се води за достасани парични побарувања и е сосема поинаква и независна од постапката за составување нотарска исправа за недвижен и друг имот.
Оттука, реакциите не може да имаат правно релевантно значење од аспект на законитоста во постапувањето на нотарите. Одговорноста за располагање со имот или права спротивно на изречена забрана или ограничување, со одлука на судот, кое не е запишано во јавна книга или регистар, е на страна на лицето што постапило спротивно на забраната или ограничувањето и тоа е од значење за правната валидност на склученото правно дело за што е предвидена и правна заштита во соодветна постапка. Но, доколку австриската амбасада има потреба од дополнителни појаснувања, Нотарската комора на Република Северна Македонија ѝ стои на располагање за какви било информации и консултации во врска со постапувањето на нотарите во конкретниот случај.
4. Еден од основните постулати на кои се темели нотарската служба, а кој нотарите го манифестираат во вршењето на службата, е ЗАКОНИТОСТА, која се огледа во: законски определени надлежности и овластувања на нотарот, почитување на законските процедури и постапки при спроведување на нотарските дејства, законитоста на нотарските исправи и заверки кои ги сочинуваат нотарите во рамките на нотарската служба, несомнено утврдување на идентитетот на учесниците и релевантните факти за правните дела, должност на нотарот да одбие преземање нотарско дејство доколку утврди незаконитост во правното дело или, пак, во постапката, одговорност на нотарот за законитоста на постапувањето, одговорност за евентуална штета, која ќе произлезе од некое нотарско дејство под услови пропишани со законот.
Врзаноста на нотарското работење за Уставот и законите и другите прописи е императив за државата, во која владеењето на правото е уставна темелна вредност, особено за остварување на правата, слободите и интересите на граѓаните и другите субјекти во постапките пред нотар“.
Нотарска комора,
Претседател, Методија Ристоски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

