Свет
Франција на раб на вонредна состојба: „Ова може да се опише со еден збор – апокалипса“
Според последниот извештај на француското МВР, билансот од четвртата ноќ на немири низ Франција е 994 апсења, повредени се 79 полицајци, а нападнати се 31 полициска станица и 11 касарни на жандармеријата.
Како што јави БФМ ТВ, опожарени се 1.350 возила и 234 објекти.
Немирите и судирите со полицијата се случија откако во вторникот полицаец уби 17-годишник.
Управниот суд потврди дека во петокот е воведен полициски час во „жешкото“ париско предградие Кламар, како и дека постои можност слични мерки да се воведат и во други општини.
Секретарот на регионалниот полициски синдикат на Алијансата во Марсеј, Руди Мана, синоќешните немири ги опиша како „герилски сцени“.
„Резултатите од ноќта може да се сумираат во еден збор: апокалиптично. Имавме сцени од герилски борби во центарот на Марсеј, северните квартови исто така беа погодени од грабежи, палење возила“, рече Мана.
Тој додаде дека полицајците „се во состојба на неверојатна физичка и психичка исцрпеност“.
Министерот за внатрешни работи Џералд Дерманин во петок најави мобилизација на 45.000 полицајци.
Полициското убиство на 17-годишникот, кој беше идентификуван само како Нахел, предизвика бран незадоволство и протести кои се претворија во судири со полицијата ширум Франција.
Демонстрантите запалија објекти и возила и ограбуваа продавници, а насилството го втурна претседателот Емануел Макрон во неговата најтешка криза од протестите на жолтите елеци кои започнаа во 2018 година.
Смртта на тинејџерот, снимена на видео, предизвика бес во сиромашните и расно мешаните урбани заедници поради полициската бруталност и расизмот.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат експлозија што го потресува старото пристаниште Марсеј. Градските власти соопштија дека ја истражуваат причината, но веруваат дека нема жртви.
Демонстрантите ограбија продавница за оружје во центарот на Марсеј и украдоа неколку ловечки пушки, но без муниција, соопшти полицијата. Едно лице е уапсено со пушка, најверојатно од продавница, соопшти полицијата која сега го обезбедува дуќанот.
Тројца полицајци се полесно повредени во саботата наутро.
Во Лион, третиот по големина град во Франција, полициските сили на жандармеријата распоредија оклопни транспортери и хеликоптер за да ги смират немирите.
На прашањето на главниот вечерен ТВ дневен весник TF1 дали владата може да прогласи вонредна состојба, Дарманин рече: „Едноставно не исклучуваме никаква можност и ќе видиме што ќе избере претседателот на Републиката“.
Во Париз синоќа полицијата ги растера демонстрантите од централниот плоштад. Повеќе од 200 полицајци се повредени од избувнувањето на немирите, а стотици демонстранти се уапсени, рече Дарманин, додавајќи дека нивната просечна возраст е 17 години. Од почетокот на немирите, бунтовниците ограбија десетици продавници и запалија околу 2.000 возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Фото+видео) Русија изврши голем напад врз Украина, Полска подигна борбени авиони
Русија изврши голем ракетен напад и удари со дронови врз украински градови, при што беа повредени најмалку три лица во Киевската област.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека руските сили лансирале ракети и десетици дронови кон градовите во околината на украинската престолнина.
Поради нападите, низ целата земја беа активирани аларми за воздушна опасност.
Дронови биле забележани и во Лавовската област на западот на земјата, додека Русија лансирала повеќе бранови напади.
Военото воздухопловство ја пријавило последната серија ракетни удари непосредно пред 7 часот по локално време.
Експлозии биле забележани во Полтава, Луцк, Одеса, Запорожје…
Гувернерот на Киевската област, Никола Калашник, соопшти дека 42-годишен маж бил повреден во градот Фастив, околу 60 километри југозападно од центарот на Киев.
I saw it today –
two banks of Kyiv:
one with electricity,
the other without.A powerful sight. pic.twitter.com/T8tnW7911t
— Yaroslava (@strategywoman) December 5, 2025
Украинските железници соопштија дека Русија извршила „масовно гранатирање на железничката инфраструктура“ во Фастив.
Калашник исто така соопшти дека две жени, на возраст од 46 и 40 години, биле повредени во Вишгородската област, северно од Киев. Една од нив е хоспитализирана.
Градоначалникот на Луцк, Игор Пољишчук, соопшти дека повеќе складишта за храна биле зафатени од пожар.
Kyiv metro stations tonight. People hide from Russian attack.
📸: Yan Dobronosov pic.twitter.com/Q1JGrv7jB8
— Kate from Kharkiv (@BohuslavskaKate) December 6, 2025
Полското воено воздухопловство соопшти на социјалните мрежи дека подигнало борбени авиони за да го заштити својот воздушен простор за време на повеќечасовниот напад на западна Украина.
За потсетување, украинските дронови пред две вечери извршија напади врз клучни руски енергетски објекти, погодувајќи го морското пристаниште Темрјук во Краснодарскиот крај и нафтената рафинерија Сизран во Самарската област, пренесува „Киев Индепендент“.
Свет
МААЕ: Заштитната структура на Чернобил е тешко оштетена
Заштитната структура на напуштената нуклеарна електрана Чернобил, која треба да го спречува ширењето на радиоактивен материјал, повеќе не може да ја извршува својата безбедносна функција поради штетата предизвикана од напад со дрон на почетокот на годината, соопшти Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).
Инспекцијата на заштитната структура што МААЕ ја спроведе минатата недела покажала дека нападот со дрон во февруари предизвикал пропаѓање на конструкцијата, објави агенцијата на ОН.
Во мисијата е потврдено дека заштитната структура ги загубила „примарните заштитни функции“, вклучувајќи го и задржувањето на радиоактивниот материјал, но дека на носечката конструкција и на контролните системи нема трајна штета, се наведува во соопштението.
Веќе се извршени привремени поправки на покривот, изјави директорот на агенцијата Рафаел Гроси, нагласувајќи дека за спречување на понатамошно пропаѓање и обезбедување долгорочна нуклеарна безбедност е неопходно да се спроведе сеопфатна обнова.
Врз основа на истрагата, МААЕ препорачува понатамошна обнова и заштита на структурата, како и ажурирање на системите за следење на влага и корозија и други надзорни програми, се наведува во соопштението.
На 14 февруари дрон ја пробил надворешната обвивка на заштитната структура и предизвикал пожар. Украинските власти тогаш соопштија дека нападот го извела Русија, а Москва го демантираше тоа.
Заштитната структура е поставена во 2019 година околу реакторот број 4, кој експлодираше во нуклеарната катастрофа во 1986 година, со цел да се спречи понатамошно истекување на радијација во околината.
По нападот со дрон, радијацијата останала на нормално и стабилно ниво и немало извештаи за нејзино истекување, соопштиja ОН во февруари.
Несреќата во Чернобил се случи во април 1986 година. Советските инженери околу реакторот поставија саркофаг, кој подоцна беше заменет со нова структура. Преостанатите три реактори постепено беа исклучени, а последниот престана со работа во 2000 година.
Руските сили накратко ја окупираа нуклеарната електрана на почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година.
МААЕ во Чернобил има постојан тим експерти и ќе продолжи да прави сè што е во нејзина моќ за да го поддржи повторното воспоставување целосна нуклеарна безбедност во Чернобил, нагласи шефот на агенцијата на ОН.
Истовремено со инспекцијата во Чернобил, МААЕ спроведе и истражување на штетата на електричните трафостаници низ Украина.
Свет
Во САД укината универзалната препорака за вакцинација против хепатит Б за новороденчиња
Американските советници за вакцинација ја укинаа долгогодишната препорака сите новороденчиња во САД да ја примаат вакцината против хепатит Б веднаш по раѓањето. Наместо тоа, вакцината ќе се дава само на бебиња чиишто мајки (помалку од 1 отсто) се позитивни на вирусот.
За останатите новороденчиња, комитетот одлучи лекарите и родителите самостојно да одлучуваат кога ќе започне вакцинацијата, со препорака првата доза да се даде пред детето да наполни два месеца.
Јавноздравствени експерти и медицински здруженија ја критикуваа одлуката, предупредувајќи дека може да го загрози напредокот постигнат од 1991 година, кога рутинската вакцинација драматично го намали бројот на заразени деца.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), со новото раководство назначено од министерот Роберт Ф. Кенеди Џуниор, ќе ги користи препораките за изработка на јавноздравствени упатства. Стручњаците предупредуваат дека ставањето акцент на „изборот на родителите“ е главен аргумент на противниците на вакцините.
Светската здравствена организација и понатаму препорачува сите новороденчиња да се вакцинираат што е можно побрзо по раѓањето, бидејќи 95% од заразените бебиња развиваат хроничен хепатит.

