Свет
Речиси 500 уапсени лица во немирите во Франција, синоќа помирно во споредба со претходните денови
На петтиот ден по полициското убиство на 17-годишниот Нахел М., насилните немири продолжија изминатата ноќ низ Франција, но според министерот за внатрешни работи Жералд Дерманин, било помирно и помалку насилно од претходните денови, иако вкупно 486 демонстрантите беа уапсени.
Во саботата ширум Франција беа мобилизирани и распоредени 45.000 полицајци и жандарми. Само во Париз беа уапсени 196 лица, а во Марсеј 65, пренесува BFMTV.
Младиот Нахел М, кој беше убиен од полицаец за време на рутинска сообраќајна контрола во вторникот, беше погребан во саботата на гробиштата Мон Валериен во Нантер во присуство на неговата мајка, баба и неколку стотици луѓе кои дојдоа да се простат од него.
Церемонијата завршила околу 17:30 часот и била многу мирна, со присуство на голем број млади луѓе, дознава BFMTV од лице кое присуствувало на погребот. Полицаецот (38) кој го испукал смртоносниот истрел доби кривична пријава за убиство со умисла и во четвртокот му е одредена мерка притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Лукашенко помилува 123 затвореници во замена за укинување на американските санкции
Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 123 затвореници како дел од договор со САД за укинување на американските санкции поврзани со увозот на белоруски калиумови ѓубрива, познати како поташа, јавија меѓународните медиуми.
Според информациите, ослободените лица се од различни националности и биле осудени по обвиненија кои вклучуваат шпионажа, тероризам и екстремизам.
Меѓу помилуваните е и Алеш Бјалијатски, основач на белоруската организација за човекови права „Вијасна“ и добитник на Нобеловата награда за мир за 2022 година, како и две истакнати опозициски фигури – Марија Колесникова и Виктор Бабарико, потврди американската амбасада во Вилнус.
Договорот бил постигнат по дводневни преговори меѓу Лукашенко и Џон Кол, претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, објави Ројтерс.
Меѓу ослободените има и петмина украински државјани, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој му се заблагодари на Вашингтон за посредувањето.
„Началникот на военото разузнавање Кирил Буданов презентираше детали за подготовката на специјална мисија за ослободување на нашите граѓани притворени во Белорусија. Благодарение на активната улога на САД и соработката на разузнавачките служби, околу сто лица, меѓу кои и петмина Украинци, сега се слободни“, напиша Зеленски на Телеграм.
Поташата е еден од најважните извозни производи на Белорусија и клучна суровина за производство на минерални ѓубрива, а санкциите кон овој сектор беа воведени од САД поради состојбата со човековите права во земјата.
Фото: depositphotos
Свет
Мерц: Носталгијата нема да помогне, ерата на Pax Americana за Европа е во голема мера завршена
Германскиот канцелар Фридрих Мерц порача дека ерата на американската доминација по Втората светска војна, позната како „Pax Americana“, за Европа во голема мера е завршена. и дека континентот мора да се приспособи на новата глобална реалност.
„Децениите на Pax Americana за нас во Европа, а со тоа и за Германија, во голема мера завршија. Носталгијата нема да промени ништо“, изјави Мерц, пренесува Ројтерс.
Тој нагласи дека САД сè појасно ги следат сопствените национални интереси, поради што и Европа мора да развие поголема стратешка самостојност.
Според Мерц, промените што се случуваат во меѓународните односи не се обични подеми и падови во сојузништвата, туку, како што рече, „речиси тектонски поместувања“ во глобалниот поредок.
Германскиот канцелар оцени дека Германија не мора повторно да се гради од почеток, но дека ѝ е потребна длабока модернизација, што не може да се постигне за кратко време.
Тој исто така порача дека Германија треба да создаде услови младите и иновативни луѓе да можат да се реализираат дома, без да мораат да заминуваат во Соединетите Американски Држави.
Изјавите на Мерц доаѓаат во период на засилени дипломатски напори поврзани со војната во Украина и идната улога на Европа во безбедносната архитектура, при што, според оценките на аналитичарите, Берлин настојува да заземе појасна и поавтономна позиција во однос на Вашингтон.
Фото: depositphotos
Свет
Германија домаќин на преговори за прекин на огнот во Украина
Германија викендов е домаќин на клучни дипломатски разговори за можен прекин на огнот во Украина, на кои учествуваат американски и украински делегации. Разговорите претходат на самитот што во понеделник ќе се одржи во Берлин со европски лидери и украинскиот претседател Володимир Зеленски, потврди германски функционер.
Од Вашингтон беше потврдено дека американскиот пратеник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер, пристигнале во Германија, што се толкува како сигнал дека САД гледаат можност за напредок во мировниот процес.
Во понеделник, германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе биде домаќин на самит со Зеленски и европски лидери. Средбата се одржува во услови на засилен притисок врз Киев да го прифати мировниот план на Вашингтон, кој, според нацртите, вклучува територијални отстапки, откажување од членство во НАТО и ограничувања на украинските вооружени сили.
Велика Британија, Франција и Германија во изминатите недели работат на измени на американските предлози.
Фото: pexels

