Македонија
Ковачки: Синот на Ахмети со братучедите сака да гради фотоволтаична централа, разговарале и со банка
Синот на Али Ахмети, Шкумбин Ахмети, заедно со внуците на Али Дрин и Бесијан влегуваат во бизнис од 35 милиони евра, за изградба на фотоволтаична централа од 60 MW, во реонот на Кичево, изјави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Како што кажа, синот на Али, Шкумбин Ахмети, заедно со неговите први братучеди Дрин и Бесијан веќе ја формирале фирмата „Хелиос“, во која секој од нив има по една-третина од компанијата.
Според документите кои стигнале до ВМРО-ДПМНЕ од страна на свиркачи, а се анализа на банката во која фирмите на Ахмети имаат сметки, видливо е големо мешање на политиката во бизнисот и со тоа енормно богатење на кланот од Зајас, рече Ковачки.
„Имено од анализата на банката дознаваме дека Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети ја информирале банката дека тие имаат изготвено физибилити студија за 60 MW фотоволтаична централа, во која имаат наведено потенцијални локации. Во анализата пишува дека семејството Ахмети ја информирале банката дека за таквата централа веќе имаат добиено дозвола од надлежните владини органи, а чекаат лиценца од министерството за транспорт. Но, како што се наведува во истата Ахмети не приложиле документи со кои може да го потврдат тоа“, рече Ковачки.
Како што додаде, за изградба на таква фотоволтаична централа, тие рекле дека им треба финансиска конструкција од 35 милиони евра, а дека истата ќе биде јавно приватно партнерство.
„Од анализата на банката на фирмите на семејството Ахмети може да заклучиме дека синот на Али Ахмети, Шкумбин, заедно со неговите братучеди Дрин и Бесијан или ја лажеле банката дека прават крупен бизнис или откриле дека тие веќе имаат усмен договор со врвот на власта, во овој случај премиерот Димитар Ковачевски, кој е потписник на јавно приватно партнерство дека државата ќе влезе во бизнис со семејството Ахмети за изградба на 60 MW фотоволтаична централа.
Дополнително ако семејството Ахмети не ја лажеле банката, а не доставиле документи дека имаат одобренија од надлежните владини органи за 60 MW фотоволтаична централа, дали тогаш истите имаат усмен договор со низа функционери дека ќе ги добијат потребните договори.
Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети, настапиле пред банката со презимето Ахмети, и со целата политичка тежина на Али Ахмети во Македонија, тоа им дава дополнителна тежина на истите во разговорите и степенот на сериозност.
Овие разговори во банка во Македонија на Шкумбин, Дрин и Бесијан Ахмети не можеле да бидат водени без знаење на Али Ахмети, па јавно го прашуваме, дали тој стои зад изнесените информации на неговиот син и внуци во банката, каде што кажале дека им требаат 35 милиони евра финансиска конструкција за да бидат партнери со државата во изградба на фотоволтаична централа? Истовремено го прашуваме и Ковачевски дали тој разговарал со Шкумбин, Дрин и Бесијан дека ќе потпише како премиер договор за ЈПП со нивната фирма „Хелиос“ и ќе градат фотоволтаична централа или можеби тоа го разговарал со Али Ахмети или Артан Груби?
Очекуваме Ахмети и Ковачевски да излезат и да и објаснат на јавноста што договараат и како ги делат бизнисите.
И, во наредниот период ќе излегуваме со уште информации за бизнисите на кланот од Зајас“, рече Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

