Македонија
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ овој бугарски диктат нема да го поддржи

„Пораките од Владата на ДУИ поддржана од СДСМ се збунувачки. Прво, пораките се дека на соодветно ниво не се средбите. Па потоа кога ќе бидат тие средби на соодветно ниво, аха, значи на овие средби се разговарало за нешто друго. Па, потоа добро, кога се среќавате, зошто не објавувате слики. Па, кога ќе објавиме слики, аха на тие состаноци се случувало нешто конспиративно, тајно. Нема ништо ниту конспиративно, ниту тајно. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е поврзан со бугарскиот диктат и т.н. процес на уставни измени е јасен и тој е непроменет“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од Кисела Вода на новинарско прашање за изјавите на Бујар Османи и темата за уставните измени.
Мицкоски додаде дека на дневна основа во Македонија има многу теми што граѓаните ги мачат, а тоа е инфлација, лошата економија, скапите цени, ниските пензии, ниските плати, младите што се селат, луѓе што умираат по ходници во болници, ученици кои што добиваат учебници на крај од годината наместо на почетокот на учебната година итн.
„Во целиот овој сплет се споменува и темата за уставни измени, а таа тема соговорниците го добиваат одговорот како што го кажавме и пред година дена. А, тоа е дека под овие околности, ќе повторам, ВМРО-ДПМНЕ овој бугарски диктат нема да го поддржи, не сега туку и во иднина. Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, ако навистина европските вредности не бидат на маса, ако навистина не видиме од нашите соговорници од исток промени во однесувањето, вистински европски вредности, гаранции, ние немаме намера да поддржиме таков процес“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата стојат зад одлуката дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности нема да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни дождови, студ и снег на планините – од среда промена на времето

Утре времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималните температури ќе се движат од 5 до 14, а максималните од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе преовладува слично време – променливо облачно со сончеви периоди и слаб северен ветер. Утринската температура ќе се спушти до 12, а дневната ќе достигне до 22 степени.
Од среда попладне до петок се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, локално пообилни над 30 литри на метар квадратен. Во четврток и петок, со продор на постудена воздушна маса и засилен северен ветер, на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Температурите значително ќе опаднат.
За време на викендот се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури.
Македонија
Судот оваа недела ја завршува оценката на обвинението за „Пулс“

Скопскиот Кривичен суд најави дека до петок ќе ја донесе одлуката дали обвинението за пожарот во кочанската дискотека ќе биде прифатено. Судиите треба да утврдат дали актот е јасен, правно издржан и поткрепен со доволно докази.
Постапката се одолговлекуваше поради тоа што дел од адвокатите на обвинетите не биле достапни за прием на документацијата, но сега, според судот, сите рокови истекуваат на 3 октомври.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази незадоволство од начинот на кој обвинителството ја води постапката и порача дека сите поврзани со случајот мора да одговараат. Од опозициската СДСМ, пак, обвинија дека власта ги штити своите функционери кои биле чести гости во дискотеката.
Во пожарот загинаа 62 млади луѓе. Паралелно се води и истрага за 29 полициски службеници, за кои сè уште се анализираат доказите.
Македонија
Можност за воведување на нови авиолинии, тема на средбата меѓу вицепремиерот Николоски и шведскиот амбасадор Солстром

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со новоименуваниот амбасадорот на Шведска, Ола Солстром.
На средбата, вицепремиерот Николоски го запозна амбасадорот со владината програма во делот на капиталните проекти и вклученоста на Македонија во регионалните инфраструктурни проекти со што сe дава придонес во развој и промоција на регионалната соработка.
Се разговараше и за можностите и услови за инвестирање што ги нуди Македонија и јакнење на економската соработка.
Исто така, вицепремиерот Николоски ја отвори и темата за поквалитетна поврзаност меѓу двете земји и можностите за зголемување на авиолиниите меѓу Македонија и Шведска.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Шведска кои традиционалнo се пријателски. Двајцата соговорници ја нагласија потребата од интензивирање на соработката во дејностите од заеднички интерес за двете земји.