Економија
Николовски: Навремено на почетокот од жетвата креираме нови мерки за производителите на јачмен и пченица и дополнителна поддршка за производителите на ориз
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, по извршени повеќе консултации со подсекторската група за жито, навремено, на самиот почеток на жетвата, подготви нови мерки за поддршка на земјоделците за пченица и јачмен. Мерки прифатени од земјоделците и во интерес на земјоделците. Во таа насока, вака подготвените мерки Министерството ќе ги достави како предлог до Владата за усвојување.
Преку интервентната програма се креира нова мерка за поддршка на пченицата. Мерка со која предлагаме дополнителни 3 денари за продаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи во период до 31 август 2023 година.
„На овој начин производителите на пченица добиваат дополнителна поддршка, а целта на поддршката е да ги наполниме домашните капацитети со домашно производство“, истакна министерот Николовски.
Во уредбата за директни плаќања креираме мерка, дополнителна субвенција за остварено производство на јачмен, во вредност од 12.000 денари од хектар, без скалесто субвенционирање.
„Мерка наменета за производителите на јачмен, кои оствариле минимален принос од 3.000 кг/ха и кои своето производство го имаат продадено кај регистрирани откупувачи или складирано во регистрирани објекти, продадено на домашни фарми или, пак, производството го искористиле во сопствените фарми во период до 31 август 2023 година“, изјави министерот Николовски.
Исто така, се прави измена кај подмерката 1.3. од уредбата за директните плаќања за 2023 година, со која велиме дека годинешното производство на пченицата и јачменот треба да биде продадено кај регистрирани откупувачи. Со ова земјоделците добиваат поширок простор сами да изберат каде ќе го продаваат своето производство на откупувач што повеќе им одговара.
„Навремено, со цел да им излеземе во пресрет на производителите на житни култури, правиме измени и на програмата за директни плаќања кај мерката 7, преку која обезбедуваме финансиска поддршка за складирање пченица и јачмен од домашно производство од родот 2023 година. Со измената што ја правиме се зголемува рокот за предавање во складишни капацитети на производството од пченица и јачмен, кој, наместо од 1 август, ќе почнува од 15 јуни и ќе трае до 1 септември 2023 година, со цел да ги опфатиме и оние земјоделци што досега веќе го предале своето производство. Ова би значело дека сите земјоделци што ќе го предадат производството на складирање заклучно со 1 септември ќе може да добијат финансиска поддршка за целиот период, додека количините се во складиштата, односно до крајот на годината. Очекуваме зголемени количини и затоа ја зголемуваме сумата за оваа мерка од 500.000 на 1.500.000 денари од корисник“, изјави министерот Николовски.
Нова поддршка предвидуваме и за производителите на ориз менувајќи ја подмерката 1.2 од уредбата за директни плаќања.
„Преку измените висината на дополнителни директни плаќања за ориз изнесува 12.000 денари од хектар, без употреба на сертифициран семенски материјал, а 19.000 денари од хектар, со употреба на сертифициран семенски материјал“, изјави министерот Николовски.
Сите земјоделци што имаат засеано површини со ориз со сертифициран семенски материјал доказите за набавка треба да ги достават до подрачните единици на МЗШВ, каде што имаат поднесено барање за финансиска поддршка, најдоцна до 14 јули. Врз основа на овие докази потоа АФПЗРР ќе изврши пресметка на износот на исплата на оваа дополнителна поддршка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,09% во однос на одлуката од 12.12.2025 година.
Од 16.12.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 66,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,635 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 2,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,248 ден/кг и сега ќе изнесува 32,635 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 4,932%, кај дизелот за 4,357%, кај екстра лесното масло за 1,790% и кај мазутот намалувањето е за 1,013%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,1167%.
Економија
СЕТЕК РОДЕНДЕН во СИНО – блискост, радост и исполнети желби
СЕТЕК го обои овој декември во сино – симбол на блискост, доверба и на вредноста на желбите што си ги упатуваме едни на други. Декември е месец кој поттикнува поврзување и ја истакнува магијата на споделената радост. Денес, многу од тие желби се поврзани со технологијата која го прави животот поедноставен, порадосен и поубав.
Веќе 32 години, СЕТЕК ја следи мисијата – да ги поврзува луѓето и технологијата, да креира успех и да инспирира радост.
Годинава, роденденот на СЕТЕК се поврзува со кампањата Blue December, која ја слави моќта на дарувањето и можноста за блискост со техниката. Поволностите што ги нудиме – роденденски и во текот на целиот месец – не се само обични попусти. Тие се внимателно осмислени решенија за сите кои сакаат да израдуваат некој свој близок, со вистинска вредност, значење и впечаток.
“Упатуваме искрена благодарност до сите кои низ годините се дел од нашата мисија – заедно растеме, се усовршуваме и го приближуваме светот на технологијата до секој човек. Вашата поддршка и доверба ни овозможуваат да продолжиме и да го подобруваме секојдневието на луѓето” – изјавија од Сетек.
Нека овој декември биде исполнет со топли моменти, споделена радост и остварени желби – вистински празнично син. Нека секој подарок, секоја насмевка и секое внимание, поттикне искрена поврзаност што ќе нѐ потсетува колку е важно да бидеме тука едни за други.
Сетек нуди голема палета на улуги како лојална програма, кешбек, премиум достава, можности за кредитирање.
Промотивните попусти ќе бидат достапни во сите салони на Сетек низ земјата, како и онлајн преку веб-страницата www.setec.mk
Придружете ни се во прославата со специјални роденденски попусти!
ПР

