Македонија
Кисела Вода субвенционира материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, поправка на лифтови, пелети и печки на пелети
Четири јавни повици за субвенции објави денес Општина Кисела Вода, кои на жителите од овој дел на градот ќе им обезбедат финансиска поддршка за набавка на печки за пелети, за пелети како енергент, за кофинансирање при набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради, како и за поправка и санација на постојни лифтови во станбени згради на подрачјето на општината.
Во согласност со програмата за локален економски развој на Општина Кисела Вода за 2023 година, вкупниот износ за четирите субвенции што ги обезбеди локалната самоуправа изнесува 3.600.000,00 денари. Од нив, 2 милиона се предвидени за кофинансирање при набавка на материјали за реконструкција на фасади, 600.000,00 денари за поправка на лифтови, а по 500.000,00 денари се наменети за пелети и за печки на пелети. Распределбата на средствата за сите повици ќе се врши по принципот на прв дојден, прв услужен.
За субвенцијата за набавка на термоизолациски материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територијата на општина Кисела Вода, може да аплицираат заедниците на сопственици или управители на станбени згради за колективното домување, чии станбени згради се изградени пред 2010 година. За ова ќе треба да се достави доказ заедно со нотарски заверена изјава дека набавените материјали наведени во испратницата и предметот на количини во целост ќе бидат наменети и вградени во соодветната станбена зграда за која се однесува барањето во рок од 1 година од датумот на решението за субвенционирање и финансиска поддршка донесено од страна на градоначалникот на општина Кисела Вода и дека ќе биде потпишан договор.
Јавниот повик ќе трае 60 дена од датумот на објавувањето, а локалната самоуправа финансиски учествува со парични средства во висина од 60 % од вредноста.
Сите критериуми и услови за учество се достапни на следниот линк објавен на веб-страницата на Општина Кисела Вода
https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/fasadi1.PDF
Во поглед на финансиска поддршка за поправка и санација на постојни лифтови во станбени згради, Општина Кисела Вода ќе учествува со средства во износ од 30 % од вредноста, но не повеќе од 200.000,00 денари. Право на учество имаат сите влезови поединечно, кои имаат регистрирано заедница на сопственици на станови или имаат избрано управител на станбените згради и кои во потребната документација ќе достават и одлука за поправка и санација на постојниот/те лифт/ови потпишана од мнозинството сопственици на посебни делови на станбената зграда, понуда од економски оператор со детален опис по позиции, како и одлука или изјава со која се потврдува дека ќе се обезбедат 70 % од потребните средства за поправка и санација на лифт/ови на нивната станбена зграда. Јавниот повик ќе трае до исцрпување на предвидените средства за оваа намена, најдоцна до 31.10.2023 година, а сите критериуми и услови се достапни на
https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/liftovi1.PDF
И оваа година Кисела Вода ќе субвенционира набавка на печки за пелети во износ од 50 % од вредноста, но не повеќе од 20.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За аплицирање ќе биде потребна изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект, кој не е поврзан на градско парно и за кој нема искористени субвенции за набавка на печка на пелети или инвертор од кој било извор во државата, како и доказ дека е извршено купувањето печка на пелети, од 1.1.2023 година до завршување на јавниот оглас во согласност со правилникот, со приложување фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оргинална форма.
Како новитет, оваа година Општина Кисела Вода субвенционира и набавка на пелети како енергент во износ од 50 % од вредноста, но не повеќе од 10.000,00 денари со вклучен персонален данок на доход. За добивање ваква субвенција потребна е изјава заверена на нотар дека се работи за индивидуален станбен објект кој не е поврзан на градско парно и за кој нема искористени субвенции за набавка на пелети од Општина Кисела Вода по основ на овој повик и поседува печка на пелети за односниот објект, како и доказ дека е извршено купувањето на пелетите, од 1.1.2023 година до завршување на јавниот повик, со приложување фискална сметка или фактура и извод од деловна банка за извршена уплата во оригинална форма.
За двата повика, за субвенција на печки на пелети и за пелети, критериумите за учество се наведени на следните два линка достапни на веб-страницата на Општина Кисела Вода:
https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/pecki1.PDF
https://www.kiselavoda.gov.mk/content-data/Broshuri/peleti1.PDF
Барањето со потребната документација се доставува во архивата на Општина Кисела Вода.
Подетаљни информации за субвенциите за материјали за фасади и за набавка на пелети заинтересираните може да добијат на следната имејл-адреса: [email protected], а за субвенциите за печки на пелети и за поправка на лифтовите на следната имејл-адреса: [email protected].
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

