Македонија
Герасимовски: Нова градинка на две нивоа вцртана во новиот ДУП за Крњево 2
Нова градинка на површина од 312 м2 на 2 нивоа ќе добие Крњево 2 според новиот ДУП, кој го донесе општинскиот Совет на последната 26. седница. Градинката ќе биде со развиена површина од 623 м2 на градежна парцела од 728 м2. Според важечкиот ДУП од 2012 година, на оваа локација не е предвиден објект за здравствено-социјална заштита – детска градинка иако бројот на жители е околу 7.764 во двата дела на Крњево. Оваа градинка воедно би била и прва градинка во населбата земајќи го делот од Крњево 2, источно од Универзитетот, а западно од предвидената траса на булеварот Крушевска Република, известува Општина Центар.
„Измените што се направени во однос на важечкиот план имаат значително подобрување во новиот ДУП. Една од нив е новата градинка, која ја планираме во Крњево 2, со која ќе го решиме горчливиот проблем на граѓаните. Со години жителите од овој реон децата ги носат на згрижување во градинки во соседните населби за што по 12 години, конечно, го донесовме новиот ДУП, со кој ги скратуваме маките на родителите. Воедно, новата градинка значително ќе ги намали и листите на чекање за упис во претшколските детски установи, а со градинката што ја планираме и во Маџир Маало ќе обезбедиме место за згрижување на сите дечиња во Центар“, вели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
Како што соопшти Општината, во новиот ДУП Градска четврт ЦС 07 – Крњево 2 предвидено е намалување и на станбената развиена површина во споредба со стариот план.
„Според актуелниот ДУП од 2012 година се предвидува домување за 4.460 жители, а во новиот е намалена на површина соодветна за 2.881, со што на државното неизградено земјиште се добива простор за повеќе јавни намени за граѓаните. Во однос на зеленилото, наместо 1 мал локален парк од 483 м2, во новиот ДУП се вцртани 4 мали локални паркови, на вкупна површина од 1.624 м2“, се додава во соопштението на Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

