Македонија
Премиерот на Албанија Рама во официјална посета на државата
Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе го пречека и ќе му биде домаќин на претседателот на Владата на Албанија, Еди Рама, кој е во официјална посета на државава.
Во рамките на посетата предвидена е тет-а-тет средба меѓу премиерите Ковачевски и Рама. Потоа ќе се одржи билатерална средба, на која, покрај премиерите, ќе присуствуваат и владините делегации од двете земји. Во состав на делегацијата предводена од премиерот Рама се Нико Пелеши, министер за одбрана, Мајлинда Дука, државен министер и главен преговарач на Република Албанија, како и заменик-генералната секретарка Елира Кокона.
Во состав на македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за правда, Кренар Лога, како и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Потпишан нов договор за соработка меѓу Народната банка и Државниот завод за статистика
Квалитетната статистика е клучна за процесот на носење добри одлуки и за водењето солидни економски политики. Оттаму, функционалниот статистички систем и соработката помеѓу институциите од тој систем се од суштинско значење за осмислувањето на јавните политики, но и за носењето деловни одлуки од приватниот сектор.
Потпишувањето на новиот договор за меѓусебна соработка и размена на податоци и публикациски материјали помеѓу Народната банка и Државниот завод за статистика, со кој понатаму се унапредува досегашната соработка на овие две институции, е од особено значајно за функционалноста и ефикасноста на домашниот статистички систем, којшто го исполнува највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на Меѓународниот монетарен фонд – СДДС плус. Со новосклучениот договор се проширува опфатот на податоците коишто се разменуваат, се олеснува и се осовременува начинот на таа размена, а истовремено се скусуваат и роковите за доставување податоци. Сето ова ќе придонесе за исполнување на статистичките барања на европските и меѓународните институции и подготовка на квалитетни, веродостојни и навремени статистички податоци. Договорот за соработка во име на институциите го потпишаа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и в. д. директорот на Државниот завод за статистика, Дејан Станков.
На средбата беше истакнато дека во изминатиот период, следејќи ги глобалните статистички трендови и меѓународните иницијативи, националната статистика е надградена со нови податоци, како и дека подготовката и дисеминацијата на статистичките податоци е во согласност со најновите европски и меѓународни стандарди. Беше посочено и дека секој учесник има своја улога и одговорност во производството на статистики од својот домен на работење, затоа координацијата и усогласеноста на сите чинители во статистичкиот систем е предуслов за исполнување на целите и обврските на овие институции.
Економија
СДСМ: Просечната плата се намалува, потфрлија економските политики на Мицкоски
Сведочиме на пад на просечната плата за 1.000 денари после години постојано покачување, велат од СДСМ преку соопштение.
„Намалувањето на просечната е директен одраз на погрешните политики на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и значи удар врз стандардот на граѓаните.
Економските политики на Христијан Мицкоски и владата на ВМРО-ДПМНЕ потфрлија.
Неприфатливо е која било влада да дозволи пад на платите, особено во време кога семејствата се соочуваат со зголемени трошоци за живот и покачени цени на производите.
Падот од 1.000 денари значи помалку средства за основни потреби, намален квалитет на живот и понизок стандард.
Во изминатите години, СДСМ континуирано ги зголемуваше платите, дури и во време на кризи, достигнувајќи над 41.000 денари. За споредба, во 2015 година, просечната плата под ДПМНЕ изнесуваше само 20.853 денари.
Наместо да поттикнуваат раст и зголемување на платите, ВМРО-ДПМНЕ се враќа на политиките од минатото, каде работниците беа третирани како евтина работна сила.
Бараме од владата на Христијан Мицкоски да ја промени оваа погрешна политика и да преземе итно мерки за покачување на платите“, се вели во соопштението на СДСМ.
Економија
Димитриеска Кочоска: Да обезбедиме влез на поголем број учесници на Берзата, ќе работиме на развој на секундарниот пазар
Министерството за финансии и Македонската берза во наредниот период активно ќе работат на развој на секундарниот пазар за тргување со хартии од вредност со цел да се зголеми бројот на учесници и тие да го најдат својот интерес во тоа. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на денешната 23. Годишна конференција на Македонската берза, што се одржува во Охрид.
„Берзата е место на кое се сретнуваат инвеститорите, место каде што се движи капиталот и затоа е многу важно да се создадат услови за влез на што поголем број учесници. Да го најдат интересот и правните и физичките лица, кои можат да вложуваат средства во алтернативни извори на финансирање коишто се нудат на Берзата, покрај она што е традиција кај нас, а го нуди банкарскиот сектор. Во таа насока, во наредниот период, заедно со Македонската берза, поактивно ќе дејствуваме, меѓу другото, и во развој на секундарното тргување на хартиите од вредност кое има повеќекратни придобивки. Имено, за примарниот издавач ќе има придобивка бидејќи ќе се зголеми интересот за инструментите што се ликвидни. За Македонската берза придобивката ќе биде зголемување на обемот на тргување, додека за имателот на хартиите од вредност предноста е во тоа што ќе поседува ликвиден инструмент којшто ќе може да го продаде во секое време, односно да го материјализира“, истакна министерката за финансии и додаде дека Берзата ќе се користи како примарен пазар за обврзници кои Министерството за финансии планира да ги издава во наредниот период.
Според министерката, соработката со Берзата е исклучително важна затоа што клучно за зголемување на интересот за тргување со хартии од вредност што ги издава Министерството за финансии е имателите на тие хартии од вредност да бидат сигурни дека можат во секое време да ги материјализираат на секундарниот пазар и на тој начин да обезбедат ликвидни парични средства.
Најави дека се работи на донесување Одлука за 23-тата емисија на обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милиони евра, којашто ќе ја зголеми понудата на хартии од вредност со кои ќе се тргува на секундарниот пазар на Македонската берза. Инаку, вкупната вредност на претходно издадените 22 емисии на обврзници за денационализација изнесува 397 милиони евра.
Поздравувајќи ги позитивните резултати од работењето на Македонската берза во првата половина од оваа година, рече дека Министерството за финансии ќе продолжи со унапредување на регулативата со цел да се обезбеди дополнителен развој на пазарот на капитал.