Македонија
(Фото) Абази дојде со Трајчева за да ја чуе пресудата за Рашковски
Шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, дојде на рочиштето за изрекување пресуда на Драги Рашковски и другите обвинети во случајот „Софтвери“.
Тој ја придружува обвинителката Ивана Трајчева, која го застапува обвинението.
Ова значи дека тој ќе ја проследи одлуката што ќе ја донесе судечкиот совет на денешното рочиште – дали Рашковски и другите ќе бидат прогласени за виновни или не.
Ова е вторпат како Абази се појавува во Кривичниот суд за овој предмет. Претходниот пат беше кога обвинителката Трајчева даваше завршни зборови за случајот.
По изборот за шеф, Абази ретко се појавува во јавност и не застапува обвиненија.
Што направиле
„Софтвери“ е предмет отворен по допрен глас од обвинителката Ивана Трајчева. Обвинението е за набавка на два софтвера и исплата на хонорари. Првиот софтвер е за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, кој, според обвинителката, никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управуваше Рашковски ги набавил иако немал надлежност за тоа. Дополнително, обвинителката докажуваше дека тендерите биле наместени.
Вториот дел од обвинението е за хонорарите. Тој склучувал авторски договори со физички лица што не ги извршувале работните обврски. Според обвинението, тие подигнувале дел од парите и му ги враќале на Рашковски. Со тоа е направена штета на буџетот во вкупен износ од 1.320.000 денари.
За што се гонат
Првообвинет е Рашковски. Обвинет е дека сторил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело. Дополнително, во текот на постапката му беше ставено на товар уште едно кривично дело – фалсификување исправа бидејќи презентира извод од банка со нецелосни податоци, а ги претставуваше како целосни.
Второобвинет е Ивица Димитровски, професор на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и ангажиран во Генералниот секретаријат. Се гони за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето. Според обвинението, иако изготвувал техничка спецификација за тендерите, а истовремено учествувал и во постапките за јавни набавки за нив – во едната како изведувач, во другата како подизведувач. И Димитровски се товари дека ги враќал парите што му биле исплаќани од Генералниот секретаријат.
Третообвинет е Игор Христов. Станува збор за сопственик фирмата „ГБЦ системи“. Доколку се следи текот на набавката на опремата, која секогаш завршувала во Генералниот секретаријат, ќе се утврди дека секоја фирма што склучила некој од четирите договори за јавни набавки ја набавила од неговата фирма. Истовремено, и тој бил надворешен соработник во Владата. Рашковски и сам призна дека се стари пријатели.
Даниел Станчев е четвртото обвинето лице. Тој е сопственик на фирмата „Инвока груп“ за која јавноста дозна кога беше утврдено дека користела простории на Правниот факултет, каде што предава првообвинетиот Рашковски. Според презентираните пораки од Обвинителството, тој бил во постојана комуникација со Рашковски кога се подготвувале тендерите, кога се спроведувала јавната набавка и се договараат за последна цена во јавната набавка. Сите овие пораки беа презентирани во судница, а Рашковски никогаш не ја демантира содржината, туку само дека не се гледа неговото име. Притоа обвинителката на секое рочиште потенцира кои лица и броеви биле во посочените вибер-групи, меѓу нив и Рашковски, потпишан како „Перо 078“. Дури и обвинетите кога контактирале меѓусебно, зборувале за „Перо“, а според обвинението, тоа е Рашковски. Тој негира дека има ваков прекар.
Хонорарците што се гонат дека зеле пари без да работат се Игор Ивановски и Маја Силјановска. Истовремено, хонорарец е и Ирена Ивановска, која ја има во комуникациите од вибер-групите заедно со Станчев и Рашковски. Обвинението е дека Ирена Ивановска им ги дава своите извештаи на својот брат Игор Ивановски и на Маја Силјановска за тие да ги достават извештаи само со сменето име. Дополнително, двајцата хонорарци Игор и Маја, според обвинението, враќале дел од парите што завршувале кај Рашковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АВМУ со реакција за заканите кон новинарот Александар Видиновски
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и смртните закани упатени кон новинарот на Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски, по неговата објава на социјалните мрежи во врска со непрописно паркирани возила на тротоарот пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или насилство.
Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, соопшти АВМУ.
Македонија
650 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 590 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 650 прекршоци, извести МВР.
Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 36 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 590 прекршоци, а за нерегистрирани возила 24 прекршоци. При тоа изречени се вкупно 61 забрани за управување на моторно возило, информираше Министерството за внатрешни работи.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за безбеден сообраќај на територијата на целата држава“, соопшти МВР.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.

