Култура
Костадиновска-Стојчевска: Новиот предлог-закон за културата се изготвува со јавна дебата и отворен пристап на сите засегнати субјекти

Во Кинотеката денеска се одржа јавна дебата за предлог-законот за културата, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи.
Предлог-законот за културата го изготвија: Министерството за култура; експерти од областа на културата, на културните политики и на менаџментот; претставници од независната културна сцена; претставници од организаторите на настани (т.н. ивент-индустријата); претставници од двата репрезентативни синдиката во културата – СОНК и СКРМ и вработени во установите од областа на културата.
Пред почетокот на дискусијата присутните ги поздрави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која информира дека на предлог-законот за културата се работеше подолг временски период и им се заблагодари на сите што досега активно и конструктивно се вклучија во неговото изготвување.
„Овој закон е правна рамка, која е неопходна за да се уреди еден креативен и слободен простор, како што е културата, која ќе нè доближи до европските модели на остварување на културата и до современите тенденции за развој на уметноста и културата. Културата е важен двигател на промените во едно општество“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура додаде дека Министерството за култура со години е отворено за сите забелешки и потреби што се јавуваат во тековното работење на институциите и на независната сцена и во минатото изготвуваше измени на постојниот закон за да се олесни работата во секојдневието, а сега, од 2017 година наваму, активно работи на овој предлог-закон, со кој, како што истакна, ќе постигнеме современа правна рамка како основа за развој и унапредување на условите за уметничко творење и за заштитата на културното наследство.
Во партнерска атмосфера во изминатите години искрено и посветено беа и се вклучени голем број експерти, а како што нагласи Костадиновска-Стојчевска, тоа уверува дека добиваме современа правна рамка, која ќе ја унапреди оваа сфера како темелна вредност за секоја држава.
„Искрено се надевам дека имаме стимулативна основа и поволен амбиент за остварување на културата, усогласена нормативна рамка, која ќе обезбеди професионално и правично остварување на сите облици на културата, на начинот и условите за финансирање, правата од работен однос во областа на културата и правата од работен однос во националните установи, како и други прашања од интерес за културата“, нагласи министерката за култура.
Таа изрази уверување дека со овој предлог-закон сме на вистинскиот пат приклучувајќи се кон современите тенденции што ја третираат културата како исклучително важен фактор на општествениот напредок.
Владимир Ангелов, член на работната група и директор на Кинотеката на Северна Македонија, го образложи текстот на новиот предлог-закон за културата.
Ангелов истакна дека со предлог-законот се уредуваат: остварувањето на јавниот интерес во културата во Република Северна Македонија; субјектите што го остваруваат јавниот интерес во културата; основањето, раководењето и управувањето со установите од областа на културата; начинот и условите за финансирање на јавниот интерес во културата; надзорот над спроведувањето на овој закон, како и други прашања од интерес за остварувањето на јавниот интерес во културата.
„Како новина, со овој предлог се утврдени мерливи, јасни и прецизни критериуми за избор на органите за раководење и за управување со јавните установи, со што ќе се придонесе за зголемување на професионалноста во раководењето и управувањето на установите од областа на културата. Исто така, со предлог- законот е даден правен основ за спроведување на втората фаза од децентрализацијата во културата, односно за пренесување на надлежностите на основачките права на дел од националните установи од државно на локално ниво, а тоа претставува една од основните претпоставки за темелна реформа во културата“, додаде Ангелов.
Во посебна глава од законот е уредено финансирањето на јавниот интерес во културата како еден од клучните сегменти на реформата во културата, со што ќе се овозможи поотчетно и потранспарентно финансирање на проектите и работата на установите од областа на културата.
„Како клучни прашања утврдени со овој предлог, меѓу другото, се и: донесување годишен план за финансирање на културата, со кој ќе се утврдат приоритетите за финансирање на културата за следната година и како новина е донесувањето план за финансирање на заштитата на културното наследство за период од пет години. Новина е утврдената обврска предлог-годишната програма за работа на националната установа, со исклучок на предлог-годишната програма за работа на национална установа од областа на заштитата на културното наследство, задолжително да содржи најмалку еден проект што ќе биде реализиран во партнерство/копродукција со автори, уметници, културни работници, самостојни уметници, здруженија и фондации од областа на културата, млади уметници и правни лица, кои вршат дејности или активности од областа на културата, како и проекти со кои се афирмира културата на припадниците на заедниците во Република Северна Македонија или да содржи најмалку еден проект на друг носител на проект што ќе се реализира во просторот што го користи националната установа. Новина во законот е министерот за култура да може да склучи и посебен договор/програма за повеќегодишно финансирање одреден проект или активност на националната установа во согласност со Законот за буџетите“, појасни Ангелов.
Други новини се: се дава можност и менаџери во културата, куратори и стручните работници во областа на заштитата на културното наследство да може да се стекнат со правото на поволности како самостојни уметници; стручната евалуација на проектите доставени на конкурсите на Министерството за култура да ја вршат оценувачи што ќе бидат избрани на јавен повик; можноста врз основа на конкурс да се склучи договор за период од три години за финансирање програми, односно проекти на приватни установи, здруженија и фондации и на други правни лица, чиј основач не е Република Северна Македонија, односно единиците на локалната самоуправа, односно кои не се основани со јавни средства; поимот даватели на услуги се заменува со поимот носители на дејност; наместо досегашната реаудиција, утврдено е дека во постапката за унапредување на уметникот му се врши проверка на уметничките способности за повисокото место за кое се унапредува и друго.
Новина со овој предлог-закон е пропишувањето постапка во која доколку при вршењето надзор над работата на органите на општината и на Градот Скопје, Министерството за култура констатира дека и покрај дадените укажувања и преземените мерки и активности, органите на општината и на Градот Скопје не го обезбедат извршувањето на работите, кои со закон се утврдени како нивна надлежност и за чие извршување се одговорни општината и Градот Скопје, по сила на овој закон може да им се одземе вршењето на соодветната надлежност.
Сите забелешки и предлози дадени на јавната расправа беа нотирани и ќе бидат разгледани, а некои од дискутантите најавија писмени сугестии.
Министерството за култура и работната група продолжуваат со работа на финализирање на предлог-законот за култура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Младешки ентузијазам и висока професионалност на уметниците од Музичката младина на Македонија

Восхитувачка интерпретација и музичка префинетост покажаа професионалните млади инструменталисти од Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски-Ѓумар“ музицирајќи вчеравечер на „Охридско лето“.
Концертот традиционално се одржува секоја година на фестивалот во црквата „Света Софија“ , овојпат се одвиваше под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ кој има богато професионално портфолио. Ова не е негова прва соработка со уметниците од Музичката младина младина.
-Се работи за младински оркестар но со искусни музичари. Некои од нив веќе подолго свират во Македонската опера и балет и во Македонската филхармонија. Секогаш е прекрасно чувството да се работи со младина. Тие се секогаш подготвени, секогаш зрели. Годинава за публиката на „Охридско лето“ подготвивме одлична и интересна програма. Имавме еден вид натпревар помеѓу двајцата великани Антонио Вивалди и Астор Пјацола изведувајќи ги нивните годишни времиња, секој од својата доба. Имаше многу убава фузија на звуци. Репертоарот го завршивме со еден, би рекол, бисер на вечерта од нашиот композитор и уметник, Дамјан Темков. Композицијата носи наслов „За една драма“ или „За една дама“, кој како сака може да си ја протолкува. Верувам дека публиката уживаше, вели маестро Еминовиќ.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 38 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој уникатен состав, а диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги и Елена Митревска.
Оркестарот има остварено повеќе од 100 концерти добивајќи голем број позитивни критики и признанија, а на неговиот репертоар, покрај делата од светската класика, свое место наоѓаат и делата на современите македонски композитори.
Веќе 38 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Култура
Саем на книгата во рамките на „Битфест“

Под слоганот „Светот во страници“, во рамките на Битфест 2025, беше отворен саемот на книги, под платото на Народниот театар во Битола.
Седум учесници, со свои штандови и различна литература, ќе го доближат пишаниот збор до секоја генерација, преку ликовите за најмладите, до литература која ги задоволува вкусовите на најприбирливите читатели. Со сопствен штанд со книги е застапена и НУУБ „Св. Климент Охридски“ Битола, а меѓу излагачите се и „Бата прес“, „Антолог“, „Прозарт медиа“, „Топер“, „Матица македонска“ и „Збор“.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот Тони Коњановски истакна дека патувањето низ страниците на пишаниот збор е вистинско патување кон себе си, надежта, кон непознатото, но и кон научните достигнувања и стручните, експертски анализи. „Вечерва со отворањето на овој Саем на книги, битолската ризница на научната мисла и пишаниот збор НУУБ „Свети Климент Охридски“, активно работи на доближување на пишаното богатство, до сите наши сограѓани, а пред се до нашите најмлади, кај кои мораме сите заедно да ја поттикнуваме љубопитноста, а со тоа да ги поттикнуваме да читаат, зошто нели и нивниот омилен херој – Спајдермен – чита.
Битола е град со голема културна историја, а многу битолчани се веќе докажани читатели, зошто книгата е нашата најмоќна врска со минатото, со сегашноста, но и со визијата за иднината. Затоа, на овој настан, создаваме можности, но славиме и идеи, мисли, соништа и светови што се отвораат преку читањето. Од срце им благодарам на организаторите, на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, и на сите учесници, кои вложија љубов и ентузијазам во оваа приказна што верувам ќе трасира нови патишта на животен напредок, кај секој оној што ќе избере добра книга од богатиот избор на наслови на овој саем“, рече Коњановски.
Пред присутните се обрати и директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, Емилија Стефановска Давкова. Саемот на книги ќе биде отворен за сите посетители до 1 август, кои по саемски цени можат да ги набават своите омилени дела.
Култура
Изложба на Сашо Блажес „Нурни во мене“ во Куќата на Робевци

Самостојна изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена „Нурни во мене“ ќе биде отворена на 01 август со почеток во 20 часот, во Куќата на Робевци.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје, а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид.
Изложбата го носи насловот „Нурни во мене“, а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска, виш кустос при Националната Галерија од Скопје.Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана, куратор од Париз и Маја Чанкуловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германиј, Романија и Австрија.