Свет
(Видео) 3Д-анимација на имплозијата: објавена снимка на која се гледа како е уништена подморницата „Титан“
На социјалните мрежи вирално стана видео кое детаљно прикажува како имплодирала подморницата „Титан“ и како загинале нејзините пет патници.
Како што пишува „Дејли мејл“, анимацијата за 11 дена ја гледале дури пет милиони луѓе.
Јутјуб-каналот AiTeli покажа како и зошто подморницата „Титан“, чии патници загинаа минатиот месец додека беа на експедиција до потонатиот брод „Титаник“, била уништена поради огромниот подводен притисок.
Подморницата изгубила контакт со матичниот брод на 18 јуни при нејзиното спуштање до „Титаник“, 3.800 метри под површината. Неколку дена подоцна беа пронајдени нејзините останки. Се вели дека се случила катастрофална имплозија.
Британскиот истражувач и милијардер Хамиш Хардинг (58), извршен директор на „Оушн гејт“, Стоктон Раш, 73-годишниот француски истражувач Пол Анри Наргелет и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд, управник на Институтот СЕТИ, и неговиот 19-годишен син Сулејман, загинаа.
Новата анимација покажува како експерименталниот дизајн на подморницата се разликува од постојната технологија, која користи челик, титаниум и алуминиум.
„Дејли мејл“ пишува дека на каналот „Јутјуб“ му биле потребни 12 часа за да вметне податоци за компанијата „Оушн гејт“ (ОГЕ) во софтверот за 3Д-моделирање со цел да создаде динамична анимација за гледачите.
На крајот, според експертите, проблемот била конструкцијата на „Титан“ од јаглеродни влакна бидејќи овој материјал може „наеднаш да пукне и да се скрши“. Аниматорите дури и создадоа како би изгледала внатрешноста на подморницата.
„Ова е, веројатно, една од најосновните подморници за длабоко нуркање што некогаш ќе ги видите“, рекоа тие.
„Титан“ нурна во Атлантскиот Океан на 18 јуни околу 8 часот над потонатиот брод „Титаник“. Петтемина патници почнале да се спуштаат додека Раш управувал со пловилото. Во 9.45 часот е изгубен контактот со бродот.
На компанијата ѝ требаа осум часа да ја пријави исчезнатата подморница до американската крајбрежна стража по губењето контакт.
Извештајот предизвика голема меѓународна спасувачка операција за петтемина патници. Бродови од целиот свет тргнале да помогнат во потрагата бидејќи се верувало дека преостанатиот кислород на подморницата е при крај. Откриени беа и звуци на тресок, но подоцна беше кажано дека тие, најверојатно, не дошле од подморницата, туку дека таа имплодирала при спуштањето.
Откриено беше и дека системот за следење на американската морнарица го забележал можниот звук на имплозија за време на нуркањето, но потрагата сепак продолжила.
Неколку дена подоцна, на 22 јуни, во близина на потонатиот брод „Титаник“ беа пронајдени остатоци од експлодирана подморница. Морнарицата почна истрага на крајот на јуни, еден ден по дознавањето дека човечки останки биле пронајдени за време на мисијата и делови од подморницата биле исфрлени на брегот.
Во меѓувреме, Брајан Зас, посинокот на еден од загинатите патници, Хамиш Хардинг, предизвика бес на социјалните мрежи кога рече дека е подготвен да го добие своето наследство, но сепак не може да добие датум.
Зас и претходно беше критикуван дека присуствувал на концерт додека неговиот очув исчезнал во Атлантикот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

