Македонија
Министерката Шукова ќе дојде на протестот за „Иловица“: „Лично сум против нови рудници“
Министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, најави дека ќе присуствува на протестот против рудникот во Иловица, кој е закажан за утре во 11 часот во Струмица.
Министерката ја разбира загриженоста на граѓаните и лично вели дека е против нови рудници во државата, но го повтори ставот на Владата дека спојувањето на концесиите за „Иловица“ е од административна природа.
„Јас ќе се придружам утре во Струмица. Сакам да ги слушнам граѓаните и сакаме да бидеме дел од овој процес. Владата, во координација со премиерот и со другите министри, повторно ќе ја разгледа одлуката за спојување на двете концесии иако тоа во принцип не значи зголемување на концесискиот обем, туку административно спојување на две концесии“, рече Шукова додавајќи дека сме мала држава и земјоделството треба да ни биде приоритет.
Зад утрешниот протест стои иницијативата „Здрава котлина“. Активистите повторно се кренаа на нозе по информацијата што беше објавена во „Службен весник“ дека Владата на седница ги споила концесиите. Според одлуката, се спојуваат концесијата за експлоатација на злато и бакар во с. Иловица во општина Босилово заедно со концесијата за експлоатација на минерална суровина злато и бакар во општина Босилово и општина Ново Село. Ова се случи, како што беше посочено од Министерството за економија, откога Управниот суд ја уважи тужбата на компанијата „Еуромакс“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, а Вишиот управен суд го врати предметот на повторно одлучување.
Од Министерството за економија порачаа дека не се менува фактичката состојба, туку се изменети координатите на доделените концесии во насока тие да преставуваат една целина. Велат станува збор за административна постапка со која само технички се спојува просторот на веќе доделените концесии. Министерството уверува дека рудник без согласност на граѓаните нема да има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

