Економија
Најавата од млинарите за откуп на пченицата за 9, 10 и 11 денари за килограм ќе доведе до колапс на производителите на жито

Реакција од ЗП Пелагонија, нашиот најголем производител на жито, по најавата на мелничарите дека пченицата ќе ја откупуваат по цена од 9,10 и 11 денари:
Во услови кога сточното брашно има цена од 12 денари за килограм, несватлива и нереална е најавата од млиновите во Македонија дека пченицата од годинешната реколта ќе ја откупуваат по цена од 9, 10 и 11 денари. Ваквата цена е нереално ниска и ќе доведе до колапс на домашниот сектор за производство на жито.
Ваквата откупна цена ќе доведе до загуба на производителите на пченица, а загубата кај примарното производство значи загуба и во следната година. Земјоделецот нема да има средства за набавка на потребните репроматеријали за финансирање на следна реколта, што значително ќе се одрази и на квантитетот и квалитетот на идното производство.
Ние ЗК ПЕЛАГОНИЈА АД Битола како најголем производител на пченица кој со години наназад целокупното производство го предава на Македонските млинови поддржувајќи го македонското производство на брашно, а со кои имаме долгогодишна успешна соработка, сакаме да презентираме неколку факти поврзани со производството на брашно во Македонија.
Имено, ако се знае дека при преработка на 1000т пченица, се добиваат 300 тони сточно брачно, 330 тони брашно ТИП 500 и 370 тони брашно ТИП 400 и ако на тоа се додадат трошоци за преработка на пченица и тоа за електрична енергија, амбалажа, работна рака, како и остварување на добивка, пресметките покажуваат дека откупната цена пченицата треба да изнесува 14,42 ден./кг.
Споредбено со цените на светскиот пазар и во соседството, откупната цена на пченицата на светската берза МАТИФ изнесува 232,75 евра за тон, а во Србија изнесува 195 евра за тон, плус од 35 до 40 евра за превоз, односно цената со испорака во Македонија чини најмалку 230 евра за тон, односно 14,20 ден./кг што значи дека и набавката на пченица од Србија во моментов изнесува многу повеќе од бараните цени на млиновите во Македонија.
Со оглед на сето претходно наведено, сакаме да укажеме дека здружувањето на млинарите со цврст став да ја откупуваат пченицата по ниски цени, нема никаква реална основа земајќи ги во предвид сите пазарни услови и воопшто нема никаков фер однос кон производителите на пченица.
Доколку се дозволат бараните нереално прениски цени од млинарите, тоа ќе доведе до загуба на производителите и прашање е само колку истата ќе изнесува, односно дали доколку се обезбеди одредена финансиска помош од страна на државата, ќе се успее да се дојде до позитивна нула.
Инсистираме да се има предвид и да се води посебно сметка дека пченицата е стратешки производ за Македонија, а неоснованото задирање и нарушување на пазарот на пченица повлекува негативни последици врз целокупното стопанство и економските текови на државата.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.
Економија
Владата работи на зголемување на просечната плата, најави Мицкоски

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со растот на платите во државата, со оглед на најновите статистички податоци, според кои просечната нето плата бележи раст и изнесува 45.800 денари, изјави:
„Прво што сакам да кажам е дека и тоа не е доволно. Дека треба да биде уште поголема просечната плата, и во таа насока продолжуваме, како Влада, да работиме. Но и самиот факт и бруто и нето, од просечната плата растат повеќе од 11% е демант за сите оние, би рекол, некрофили во рамките на опозицијата, кои што изминатиов период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста, дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Но овие податоци коишто пристигнуваат се само доволен доказ дека тие, освен тоа што не говорат вистина, шпекулираат, конструираат и креираат невистини. Друго ништо не можат да сработат и токму затоа таква е состојбата во опозицијата, и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив.“
Владата продолжува да работи, рече премиерот, за граѓаните да имаат уште повисоки примања.
„И нормално, ние како Влада продолжуваме и понатаму да работиме за уште повисоки примања на работниците, затоа што тоа е наша цел, да испорачаме тоа што граѓаните од нас очекуваат.“, објасни Мицкоски.