Економија
ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за данок на солидарност
Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина насловена „Погрешните економски политики-предизвик за преживување на стопанството и граѓаните“ во организација на партијата вели дека само еден ден пред одржување на јавна дебата за законот за данок на солидарност како политичка партија добиле покана од страна на министерот за финансии, укажувајќи дека вакви крупни работи треба да се комуницира со тие кои што ќе го доживеат најголемиот удар од ваквата законска новина, а тоа се коморите и компаниите.
Некаде на почетокот на јануари месец, министерот за финансии ни достави покана на која што требаше да присуствуваме на една јавна дебата која што ја организираше Министерството за финансии. Но, не покани еден ден пред да се случи тој настан, а притоа не информира дека ќе воведува нов закон односно нов данок, што беше шокантно за нас како политичка партија, бидејќи нели станува збор за сериозно. Не покани еден ден пред состанокот и немаш време да се подготвиш, односно сметам дека за вакви крупни работи треба да се комуницира со коморите и компаниите, односно тие кои што ќе го доживеат најголемиот удар од ваквата законска новина, рече Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска потенцираше дека тие не присуствувале на тој состанок, но испратиле документ во кој јасно дефинираат дека ВМРО-ДПМНЕ е против тој закон.
Ние не присуствувавме на тој состанок, но писмено ги информиравме каде што кажавме дека сме против овој закон и денеска исто стоиме на истиот став, изјава таа.
Според Димитриеска Кочоска има големи недоречености во законот додавајќи дека владата која е најголем извор на криминал и која што не се откажала од ниту еден трошок измислува закон нови давачки за компаниите.
Солидарност значи кога сите заедно солидарно ќе учествуваме во нешто. Е сега владата која што е најголемиот извор на корупција и криминал, која што не се откажа од ниту еден трошок, која што ги полни во континуитет своите џебови сега има празен буџет и притоа измисли еден нов закон за данок на солидарност, објасни Димитриеска Кочоска.
Кај нас одиме со закон за солидарност при што не дефинираме за кои дејности ќе биде, туку ставаме една граница и велиме сите компании кои што имаат над 10 милиони евра приходи. Значи влада која што месец дена пред тоа планира скоро 1 милијарда евра на оние разни трансфери, најкоруптивни, најсомнителните каде што нема јасна дефиниција на што ќе се трошат, и во исто време паралелно спрема еден данок врз основа на кој што вели дека ќе обезбеди дополнителни во буџетот 90 милиони евра, истакна таа.
Димитриеска Кочоска вели дека владата на СДС врз основа на законот за данок на солидарност и собирање на 90 милиони евра сака да си го покрие неодговорното работење, потенцирајќи дека државата само врз основа на казнени пенали за раскинатите договори за изградба на Клиничките центри во Скопје и Штип, надзорот на коридорите 8 и 10д, како и издавање и повлекување на еврообврзницата ќе плати многу повеќе.
Колку се 90 милиони евра? Значи 53 милиони евра плативме само за надзор за изградба на коридорите 8 и 10д. Нешто повеќе од 18 милиони евра ќе платиме поради грешките на министерот за финансии, влада, министерот за правда како и да го дефинираме во оној период која ја издадовме еврообврзницата па се повлековме, па ја ре-издадоа, зошто немаше кој да ја потпише во Министерството за правда. Го раскинавме договорот за изградба на Клинички центар во Скопје каде што исто така имавме казнени пенали повеќе од 20 милиони евра, го раскинаа договорот за Клинички центар во Штип повторно казнени пенали. И вака по принципот на казнени пенали ќе добијам многу повеќе од 90 милиони евра. Значи собираме 90 милиони евра пари со кои што треба да покријат неодговорност на владата, децидна е Димитриеска Кочоска.
Димитриеска Кочоска порача дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да го прифати и да го гласа овој закон за данок на солидарност, како и дека за сето ова кое што го прави владата на СДС и ДУИ на стопанството и граѓаните ќе одговара.
ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да поддржи ваков закон и може да коментираат колку сакаат дека сме блокирале. Да ќе блокираме и секогаш ќе блокираме секогаш кога тие ќе теретат една група на граѓани да плаќаат и нема да биде еднакво за сите. И она кое што е клучно секогаш ќе бидеме против за да се полнат нивните џебови и да можат уште малку да покрадат бидејќи знаат дека следуваат избори и ќе се смени власта, и ќе одговараат за ова што го прават како на стопанството така и на граѓаните, порача Димитриеска Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за квалитет на „Алкалоид“ при официјалната посета на владина делегација на компанијата
ГЛАВНАТА ЦЕЛ НА МИКРОБИОЛОШКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ЗА КОНТРОЛА НА КВАЛИТЕТ, НАЈНОВАТА ИНВЕСТИЦИЈА НА „АЛКАЛОИД“ АД ВРЕДНА 3,1 МИЛИОНИ ЕВРА, Е ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НАЈВИСОКО НИВО НА КОНТРОЛА НА МИКРОБИОЛОШКИОТ КВАЛИТЕТ НА СУРОВИНИТЕ, ПРИМАРНАТА АМБАЛАЖА, ПОЛУПРОИЗВОДИТЕ И НА ГОТОВИТЕ ПРОИЗВОДИ.
На простор од близу 700 м2 се спроведуваат активности како што се мониторинг на просториите и површините, мониторинг на системите за производство и дистрибуција на прочистена фармацевтска вода, мониторинг на компримираниот воздух, верификација на чистењето на процесната опрема, тестови за стерилност, идентификација на микроорганизми, тестирање на антимикробната ефикасност, потврда за ефикасноста на дезинфициенсите, како и други анализи, во согласност со регулаторните барања.


Оваа најнова инвестиција на „Алкалоид“ беше пуштена во употреба при официјалната посета на владина делегација на компанијата, предводена од Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски, придружуван од д-р Азир Алиу, Министер за здравство, и од г. Сашо Клековски, Директор на Фондот за здравствено осигурување.
„Со Микробиолошката лабораторија за контрола на квалитет Македонија се позиционира како регионален лидер не само во фармацевтската микробиологија, туку и во целокупната контрола на лекови. Проектот е целосно финансиран и реализиран од ’Алкалоид’ АД, со сопствени ресурси, интерна експертиза и со инвестиција од околу 3,1 милиони евра реализирана во период од речиси две години, што е јасна потврда за визијата, знаењето и за долгорочната посветеност на компанијата на врвниот квалитет“, изјави Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.

„За мене претставува огромна чест и задоволство што денеска во ’Алкалоид’ видовме работи кои ги гледаме во најсовремените светски фармацевтски индустрии. Горди сме што се македонски. Благодарност до Генералниот директор и до сите вработени кои денеска стручно ни објаснија со што сè се занимава оваа компанија и можам со задоволство да констатирам дека над 3000 вработени ја градат својата иднина во ’Алкалоид’. Извозното портфолио на компанијата, кое е повеќе од две третини од производството, позитивно влијае во насока на економската состојба на државата и зголемувањето на БДП и на индустриското производство, па затоа ние како Влада секогаш ќе поддржуваме успешни македонски приказни бидејќи нема подобра промоција за државата од ваква успешна приказна надвор од границите“, изјави Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски.

Новата Микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет на „Алкалоид“ АД Скопје има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице. Одделот за контрола на квалитет носи стратешка одговорност за усогласеност со меѓународните регулаторни стандарди во фармацијата, а со него раководи д-р Ѓорѓи Петрушевски, доктор по хемиски науки со значаен научен придонес (33 објавени научни трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание и повеќе од 500 цитати) и со експертиза на полето на фармацевтската хемија и фармацевтските системи за квалитет.


Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.

