Култура
Нова награда за „Кајмак“ на Манчевски, следува американската премиера
Со нова награда продолжува успешниот пат на „Кајмак“, најновиот филм на нашиот најтрофеен режисер, Милчо Манчевски. За улогата на Доста во „Кајмак“, Сара Климоска е прогласена за најдобра актерка во главната натпреварувачка програма на Филмскиот фестивал во Сомбор, Србија. Овој млад фестивал своето петто издание годинава го одржа со мотото „За оние што доаѓаат“. Србија е една од земјите во која „Кајмак“ беше и на редовниот кинорепертоар.
„Сара е глумец од светски калибар, талент што се раѓа еднаш во генерација“, изјави Манчевски за Климоска.
Набргу „Кајмак“ ја очекува и американската премиера, на 33-тото издание на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија од 15 до 30 август. „Синеквест“ е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силициумската Долина, седиште на најголемите технолошки гиганти („Фејсбук“, „Епл“, „Твитер“, „Нетликс“, „Зум“, „Линкедин“). Токму на „Синеквест“ пред 3 години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата за најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“.
Минатиот месец „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген.
„Кајмак“ е еден од македонските филмови што имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек.
„Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Ја освои специјалната награда на жирито на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија.
„Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година.
Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција ,поддржана од „Еуримаж“, главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг-директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Јан Прајор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонски претставници на најголемиот Меѓународен уметнички фестивал во Шангај
На покана на ChinaSPAF 2025 и Network of Silk Road Arts Festivals, Џез Фабрика Фестивалот и Народниот театар од Битола ја претставија Македонија на 24-тиот Меѓународен уметнички фестивал во Шангај, Кина, како дел од 5-та годишна конференција.
Како еден од највлијателните фестивали од ваков вид во Кина, CSIAF е годишен фестивал што трае еден месец и се одржува во Шангај од 1999 година. Фестивалот, кој се одржува од средината на октомври до средината на ноември секоја година, опфаќа сценски уметности, визуелни уметности, музика, танц итн.
Саемот за изведувачки уметности CSIAF (ChinaSPAF) е водечкиот годишен пазар за нови дела од Кина, кој ги поврзува уметниците и уметничките професионалци од целиот свет. По големиот успех на минатогодишното издание, оваа година понуди уште побогата содржина, подлабоки разговори и нови можности за соработка.
Оваа година, ChinaSPAF конференцијата се одржа од 17. до 20. октомври 2025 година во Шангај.
Џез Фактори фестивалот претставен од директорот на истиот, професорот Сашо Поповски и Народниот театар од Битола, претставен од долгогодишниот новинар од областа на културата, воедно и ПР, Неда Маретиќ, ја претставија Битола, Македонија, но и Југоисточна Европа, споделувајќи ја визијата за поврзување на културите преку џезот, театарот и креативноста.
„Нашето учество означува уште еден чекор во нашата мисија да „Одиме во светот“, а воедно да го донесеме светот во Битолa – градејќи мостови меѓу уметниците, публиката и заедниците ширум светот. Чест ни е што креативната енергија на Битолчани резонира на меѓународната сцена и сме благодарни на сите што го поддржуваат нашето патување на звук, соработка и културен дијалог. Оваа година можам да кажам дека организацијата на фестивалот е на многу повисоко ниво и зголемен е бројот на претставници кои ја посетуваат конференцијата, а од друга страна се сретнав со многу пријатели од минатата година, воспоставивме комуникација со нови лица и партнери. Една од тие соработки ексклузивно можам да откријам е со еден фестивал во Кина и еден фестивал во Куба, така што се надеваме следната година да биде доста плодна за нашиот фестивал“, изјави професорот Сашо Поповски, директор на Џез Фактори фестивалот.
„Кога не поканија на фестивалот благодарение на проф. Поповски, не се двоумевме за претставување на институција, па го избравме Народниот театар и неговата долгогодишна успешна дејност. Чест ми беше да можам пред толку голем аудиториум во Шангај, да зборувам за најстариот театар во Македонија, од првата претстава на македонски јазик токму во Битола, до претставувањата на повеќе светски сцени од Глоуб во Лондон до гостувањата два пати во Кина на светски реномирани театарски фестивали, за кои гостувања организаторите на конференцијата со задоволство се потсетија. Како долгогодишен новинар во областа на културата и следење и објавување на театарската дејност на Битолскиот театар, гордост е да се претстави 81 годишната работа на оваа институција, да се претстави Битола како град на културата и лулка на уметноста, што верувам со професорот Поповски достојно тоа го направивме“, изјави Маретиќ.
Покрај Џез фактори фестивалот и Народниот театар од Битола, учесник и претставник на Македонија беше и д-р Иванка Апостолова Баскар од Македонскиот центар на Интернационалниот театарски Институт.
Присуството на македонските претставници обезбеди одлична можност на уметниците и уметничките и медиумските професионалци, од овој сектор во светот да дознаат повеќе за културната сцена на Битола, Скопје и воопшто Македонија.
Култура
Фотографии од браќата Манаки во старо-ново руво
Во понеделник, 27 октомври во 20 часот, во Културно Информативниот Центар – Скопје, ќе се отвори изложба на дела настанати на работилниците за алтернативна фотографија кои се одржаа во село Смилево, во организација на фестивалот Зрно.
Од 17 до 23 јули, манастирот „Св. Петар и Павле“ во Смилево беше дом на едно од највпечатливите летни уметнички собирања каде колу педесет фотографи и млади автори од различни европски земји, заедно со волонтери од Македонија, Србија и Словенија, учествуваа на четвртото издание на Зрно, посветено на благородните фотографски процеси.
Оваа година, Зрно понуди осум работилници исполнети со експерименти, споделена страст, хемија и љубов кон уметноста. Учесниците заедно истражуваа и создаваа, градејќи искрен и креативен однос кон фотографијата.
Во Смилево се одржаа следниве седумдневни интензивни работилници под водство:
· Предраг Узелац (Нови Сад) – колодиумска фотографија
· Ивана Брезовац (Белград) – напредна црно-бела фотографија
· Мартина Павлоска (Милано) – креативна игра со Полароид
· Флориан Копр (Виена) – стратегии за развивање уметничка визија
· Вјеран Хрпка (Осијек) – Фоџо и хемиграм техники
· Дамијан Диаконеску (Темишвар) – гумоил и гум-бихромат принт
· Емилија Сандиќ (Белград) – експерименти со мордансаж
· Сашо Алушевски (Скопје) – цијанотипија и лумен принт
Оваа година, фестивалот Зрно ја збогати својата програма со исклучително значаен сегмент – изложба што вклучува негативи од опусот на браќата Манаки, љубезно отстапени и дигитализирани од Архивот на Македонија – одделение Битола. Овие ретки материјали, сведоштва на првите чекори на балканската фотографија, беа повторно оживеани преку нивна современа интерпретација во различни историски техники. На тој начин, им беше подарен нов живот – како поетски дијалог меѓу минатото и сегашноста, и како искрена почит кон визионерството и наследството на браќата Манаки, во рамки на овогодинешната соработка меѓу Зрно и Архивот на Македонија.
Оваа година Зрно со разни активности обедини над 250 фотографи од целиот свет. Зрно е повеќе од настан – тоа е движење што ја спојува уметноста, природата и луѓето во едно исконско искуство. Тоа е место каде фотографијата дише, инспирира и обединува – каде магијата се создава со светлина, време и љубов.
Култура
Концерт на „Никола Бочваров квартет“ во КИЦ – Скопје
Целвечерен концерт на “ Никола Бочваров квартет “ ќе се одржи на 28 октомври во Културно Информативен Центар – Скопје, Салон 19:19. Никола Бочваров квартет е еден од најиновативните состави во регионот, составен од искусни музичари кои креираат оригинална музика инспирирана од различни стилови и култури.
Членови на квартетот се : Никола Бочваров – бас , Иван Петровски – гитара , Филип Димишковски – клавијатури и Александар Ванчовски – тапани.
Активен од 2020 година, квартетот бележи настапи на повеќето значајни фестивали во регионов : “ Нишвил џез фестивал “, “ It’s all about jazz “, “ Прилеп џез викенд “, настапот на доделување орден за заслуги на Македонија , како и многу самостојни концерти. На престојниот концерт во Културно Информативен Центар – Скопје, репертоарот ќе опфати како постари, така и нови композиции од вториот албум на квартетот, се уште официјално неиздаден, најави организаторот.

