Македонија
Колку вреди македонскиот пасош, Македонците без виза можат да посетат 125 дестинации
Сингапур е земјата која обезбеди најголема слобода за патување за своите жители, според новиот квартален извештај објавен од лондонската истражувачка компанија за глобално државјанство и престој „Henley & Partners. Сингапурците уживаат безвизен пристап или со виза на барање до 192 дестинации ширум светот.
На второ место се искачија три европски земји – Германија, Италија и Шпанија, чии граѓани можат да посетат 190 дестинации без виза.
На третото место на Јапонија и Јужна Кореја им се придружија Австрија, Финска, Франција, Луксембург и Шведска. Нивните граѓани уживаат пристап до 189 дестинации без потреба од претходна виза.
САД и Велика Британија се на надолна траекторија од 2014 година, но Велика Британија скокна за две места и сега е на 4-то место во рангирањето (188 дестинации). Во меѓувреме, САД паднаа уште две места, на осмото место, со безвизен пристап до само 183 дестинации.
Хрватска е на 14 место со 175 дестинации без потреба од претходна виза.

Србија ја зазема 34-та позиција (137 дестинации), Македонија и Црна Гора се на 43-та и 44-та позиција (125 и 124 дестинации без визи), додека Босна и Херцеговина е на 47-та позиција со 118 дестинации.
Зад БиХ се Албанија (117), Грузија (117) и Русија (115). Косово е на 94-та позиција со само 42 дестинации во кои граѓаните можат да влезат без виза.
Граѓаните на Авганистан без претходна виза можат да посетат само 27 дестинации, веднаш над нив се државјаните на Ирак (29 дестинации) и Сирија (30).
Индексот за пасоши на Хенли е еден од неколкуте индекси создадени од финансиските фирми за рангирање на глобалните пасоши според пристапот што им го обезбедуваат на своите граѓани. Покрива 227 дестинации за патување. Се ажурира во реално време во текот на годината, кога ќе стапат на сила промените во визната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

