Култура
Со доделувањето на наградите и премиерата на „Бизнисот на задоволството“ затворено 22. издание на „Синедејс“
Со проекцијата на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски заврши 22. меѓународен фестивал на европскиот филм „Синедејс“
Со слоганот „Муви најт“ и годинава фестивалот обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и намалени простори за проекција на филмовите. Сепак, повеќе од 5.000 вљубеници на европскиот филм беа присутни на репертоар, кој го обезбеди ова 22. издание на „Синедејс“.
„Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое се гордееме, особено поради условите во кое го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни кански премиери, врвни европски гости, публика што не доаѓа само на филмови, туку учествува активно на работилниците и дебатите и професионалци филмаџии, кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности“, вели Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.

Годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба ги доделиваше жири-комисијата, во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума – режисерка и Ереник Бекири – режисер.
Добитници на наградите се:
„Златна ѕвезда“ за најдобар филм е „Обичните“ на Софи Линенбаум
Со создавањето незаборавен свет преку користење улоги во филмови за да се прикаже неправедноста во нашите општества, ова дебитантско дело ни дава единствен глас, кој се осмелува остроумно да експериментира воспоставените филмски правила. Режисерот остро пркоси на дискриминацијата со досетлива сатира и трогателна драма. Наградата за најдобар филм ја добива „Обичните“.
„Сребрена ѕвезда“ за најдобра режија за „Тајмаут“ на Ев Душман
Голем предизвик е да се направи филм што паралелно прикажува живот на три лика, кои уште од почеток се прикажани како антагонисти што излегуваат од затвор. Режисерката со леснотија нѐ запознава со овој свет. Начинот на кој ги води ликовите остава без здив и навивате за нив, дури и во нивните најмрачни моменти преку разни невозможни потфати во обид повторно да се поврзат со своите најблиски. Наградата за најдобра режија ја добива Ев Душман за „Тајмаут“.

„Сина ѕвезда“ за најдобро сценарио за „Обичните“ на Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натанаски
За создавањето уникатен универзум користејќи го светот на кинематографијата како алегорија на репресивно трокласно општество, наградата за најдобро сценарио ја добиваат Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натански за „Обичните“.
Специјално признание за најдобра изведба за „Матријархат“ на Марија Васкез
Водена од постојаниот страв дека ќе остане без пари и време, Рамона го движи филмот и ја понесува публиката. За нејзината извонредна и воодушевувачка изведба, жирито одлучи да ѝ додели специјална награда на Марија Васкез за улогата во дебитантскиот филм на Алваро Гагос, „Матријарх“.
SEE (South Eastern Europa) селекција
„Златно сонце“ за најдобар филм за „Шолја кафе и нови чевли“ на Гентиан Кочи
Филмот „Шолја кафе и нови чевли“ на Гентијан Кочи ја добивја наградата поради визуелната и тактилната поезија на филмот кој ја кани публиката да внимава на секој детаљ. Филм кој покажува оригинален пристап кон комуникацијата и неможноста да се комуницира, како и кон тишината. Освен одличната актерска игра, зад оваа необична приказна се крие и современо чувство на изолација со кое сите можеме да се поврземе.

На фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател, и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови, кое ја донесе следнава:
Истакнувајќи ја исклучително квалитетната годинашната програмска селекција во официјалната натпреварувачка категорија, жирито едногласно донесе одлука, наградата на филмската критика да му биде доделена на унгарскиот филм ЛЕРИ (Larry) на сценаристот и режисер Шилард Бернат. Оваа ангажирана социјална драма ги осветлува проблемите на семејното и родово насилство и созревањето на главниот лик комбинирајќи го текот на приказната со супериорна визуализација и одлична актерска игра. Исклучително умешно е изведено преплетувањето на контрастните социјални пејзажи – од руралноста до хипхопот.
Во програмата филмови од Југоисточна Европа, во која доминираа личните судбини на протагонистите, за најдобар филм жирито едногласно го прогласи албанскиот филм „Шолја кафе и нови чевли“ на сценаристот и режисер Гентијан Кочи. Оваа приказна на извонредно суптилен начин ја доловува интимната драма и трагична судбина на браќата близнаци. Публиката е емотивното вовлечена во трагичната судбина на главните ликови, а наративот и визуелната постапка се во мајсторски изведена синергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков: Македонија мора да стане држава на приказни – културата, гастрономијата и историјата да бидат во срцето на туризмот
Македонија може да стане дестинација со силен културен идентитет, одржлив туризам и препознатлив национален бренд – ако ја стави културата во центарот на развојот, ако ја модернизира презентацијата на наследството и ако ги поврзе градовите во единствена туристичка мрежа. Ова го смета министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој истакна дека државата мора да се претстави преку автентични приказни, силна гастрономија, археолошки богатства и современа креативна сцена. Тој вели дека Македонија има потенцијал да го удвои туристичкиот ефект доколку ја претвори културата во двигател на економијата, а транзитниот коридор Е75 во вистинска културно-туристичка рута.
Љутков нагласува дека нашето културно наследство е „најмоќниот ресурс што го имаме“, нешто што не може да се реплицира и што ја издвојува државата од сите околни дестинации. Според него, историјата, археологијата, занаетите, духовноста, современата уметност и гастрономијата не смеат да функционираат одвоено, туку како единствен национален производ.
Во таа насока, тој истакна дека Македонија треба конечно да почне да се претставува како земја во која историјата живее – преку дигитални водичи, модерни музејски наративи и обновени археолошки простори кои раскажуваат и му нудат на туристот доживување, а не само поглед.
Голем дел од неговите планови се однесуваат на туристичките пакети од 48 и 72 часа, кои, како што рече министерот во интервју за Медиумската информативна агенција, ќе овозможат логичен, привлечен и содржаен престој за секој посетител. Тие ќе комбинираат културни локации, гастрономски тури, винарии, уметнички програми и локални приказни – со јасна цел да го зголемат бројот на ноќевања и да креираат економска вредност во локалните заедници.
Министерот ја нагласи и улогата на гастрономијата, за која рече дека е „сетилниот доказ за нашиот идентитет“. Според него, храната не е самостоен атрактивен елемент, туку продолжение на културниот бренд, важен дел од приказната што туристот ја носи со себе. Во новиот концепт, традиционалната кујна ќе се врзува со културните точки: антички рецепти во Стоби, рударски специјалитети во Кратово, езерска гастрономија во Охрид – модел што, како што рече, дава извонредни резултати во земји како Словенија, Италија и Грузија.
Посебно внимание Љутков посвети на коридорот Е75, кој го оцени како „најмалку искористениот културно-туристички потенцијал на земјата“. Илјадници патници секој ден минуваат без да знаат дека на неколку километри се наоѓаат музеи, манастири, локалитети, винарии и уникатни домашни кујни. Тој додаде дека проектот „Stop and Discover“ треба да го промени тоа и да го претвори транзитот во економска и културна можност.
Дополнително, министерот се осврна и на ЕКСПО 2027 во Белград, за кој рече дека, иако Министерството за култура и туризам директно не ја води организацијата, настанот е голема шанса Македонија да се претстави со она што е суштински најсилно – културата и автентичноста. Тој истакна дека ЕКСПО не смее да биде само штанд со предмети или формални презентации, туку сцена на која државата ќе се покаже преку доживување, преку сетилни и емоционални содржини. „Македонија треба да се претстави преку чувството што го остава, преку приказните, преку наследството што зборува“, рече Љутков, додавајќи дека со вистински пристап секој посетител може да почувствува дека стапнал на земја која не личи на ниту една друга.
Во делот за институционалната поврзаност, министерот рече дека Македонија мора да изгради дигитална национална туристичка платформа која ќе ги обедини културните институции, општините и приватниот сектор. Таквиот систем, според него, ќе создаде чувство дека целата држава функционира како една мрежа и ќе го олесни патувањето и одлуките на посетителите.
На крај, Љутков го сподели и својот амбициозен поглед за 2028 година: Македонија да стане земја со силен туристички идентитет, модерни атракции, професионален систем и уникатни културни доживувања. Тој рече дека сака светот да ја гледа Македонија како место што ги почитува корените, но гради современа европска приказна – место кое се чувствува, се доживува и се памети.
Култура
Изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски
Во Шибеник, Хрватска во рамките на Деновите на македонската култура, во тек е изложба на слики „Допир на светови“ од Сашо Георгиевски (2-8 декември 2025 година). Организатор на настанот е Хрватско-македонска тангента, со покровителство на Советот за национални малцинства на хрватската влада.

На отворањето присуствуваа многубројни граѓани и личност од хрватскиот (шибенскиот) естаблишмент. Посебно е поздравена ликовната рецензија која ја напиша реномираниот македонски писател Томислав Османли.

„Треба да се има на ум целото богатство на еден визионер на световите во допир кога се гледаат неговите слики во комбинирана техника, форми и колорити, раскошниот свет на Сашо Георгиевски, кој во оваа прилика ни ги подарува на препознавање своите интимно, но и универзални уметнички визии од повеќе периоди на едно богато слоевито наследство, искуство и живот“, напиша меѓу другото Османли во рецензијата.

Честитки по повод изложбата упатија Иво Јосиповиќ, Јадранка Косор, Стипе Месиќ, Златко Крамариќ, Зоран Димитровски, Милаим Фетаи, Здравко Зима, Љупчо Арсовски…

Култура
Браќата Дарден, македонска копродукција и концерти вечерва на „Синедејс“
Со вечерашниот репертоар започнува официјалната натпреварувачка програма на 24 CINEDAYS. Во двете селекции, Официјална конкуренција и СЕЕ се натпреваруваат европски филмови и копродукции кои ја претставуваат флуидноста и непосредноста на можни соработки меѓу филмските работници.
Филмот ЕРА, во режија на Парта Келменди е првата македонска копродукција која ја гледаме на овогодинешниот фестивал, а е селектиран во СЕЕ програма.
„За мене, копродукцијата на филмот ЕРА беше истовремено големо задоволство и значаен предизвик, бидејќи филмот навлегува во чувствителен историски период кој бара искрено, прецизно и автентично раскажување. Рекреирањето на деведесеттите во денешна Приштина беше комплексна задача, но под водство на режисерката и сценаристка Парта Келменди и со посветената работа на македонскиот тим – сценографот Кирил Спасовски, директорот на фотографија Наум Доксевски, монтажерот Михаил Димитров и целата останата креативна и техничка и екипа од Македонија и Косово – успеавме да создадеме филм со кој искрено се гордееме. Извонредните актерски интерпретации на Зана Бериша, Армен Смаили, Албан Укај, Мајлинда Косумовиќ и многу други, ја носат тежината и значењето на приказната со длабока свесност за нејзината културна важност. Соработката меѓу Косово и Северна Македонија во филмската уметност секогаш доаѓа природно и лесно, благодарение на блиското разбирање на нашите култури. Верувам дека ЕРА е уште еден силен пример за тоа колку успешни и вредни дела произлегуваат од ова партнерство“ – вели Марија Димитрова, која е македонски копродуцент во оваа Косовско – македонска продукција.
Во клуб МКЦ од 20:30 часот е закажан Синедејс музичкиот блок, во кој публиката ќе има можност бесплатно да ги проследи концертите на музичките групи Stoinost (Бугарија), Elizabeta Bam (Хрватска), Ubili su batlera (Србија) и Sunblinds (Бугарија). Музичката програма на фестивалот е финансирана од програмата Лајвјуроп.
Во останатиот репертоар на вечерашниов 24. CINEDAYS ќе гледате:
Кратки филмови
17 часот – режија: Флака Коколи – 19 часот 25 Мај
Пријатни летни денови – режија: Невена Десивојевиќ – 19 часот 25 Мај
АМРА – режија: Васил Христов – 20 часот Кино Фросина
Состојба на умот – режија: Александра Кардалевска – 20 часот Кино Фросина
Официјална конкуренција
Кралот Кат – режија: Ури Маранц – 19:30 часот 25 Мај
Нашата прекрасна кланица за свињи – режија: Адам Мартинец – 21 часот Кинотека
СЕЕ
ЕРА – режија: Парта Келменди – 20:20 часот Кино Фросина
Месо – режија: Димитрис Накос – 19:00 часот Кинотека
ГАЛА
Млади мајки – режија: браќата Дарден – 22:00 часот Кино Фросина

