Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски тврдеше дека во Македонија не се користи шпионски софтвер „Предатор“, грчките медиуми го демантираат
„Грчки медиуми тврдат дека македонската ОТА незаконски го поседува и користи контроверзниот софтвер за следење на интернет активности Предатор. Овој софтвер, кој има капацитет да ги следи сите интернет активности на сите граѓани во Македонија, е веќе подолго време во фокусот на јавноста во регионот и пошироко, па дури и НАТО го смета за проблематичен“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Избија и скандали со прислушување на опозициски политичари токму со овој софтвер, па логично се поставува прашањето дали истиот софтвер бил користен од ОТА, Владата или било кој друг да следи граѓани. Да биде скандалот поголем на пратенички прашања Димитар Ковачевски одговорил дека шпионскиот софтвер Предатор не е користен во Македонија. Од друга страна грчките медиуми кажуваат нешто друго, а Владата, МВР и ОТА упорно молчат и ја прикриваат темата“, се наведува во соопштението на опозициската партија.
„Тоа може да значи дека Ковачевски излажал и дека може контроверзниот софтвер се злоупотребува за прислушкување и следење на граѓаните во Македонија. ОЈО молчи како мачка да им го прегризала јазикот“, се вели во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, ова се сериозни индиции кои треба да се проверат и истражат, бидејќи се работи за потенцијално кршење на човекови права на граѓаните.
– Имајќи ја предвид можноста на овој софтвер буквално сите граѓани може да бидат жртви и нивната приватност да биде нарушена, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека за оваа афера мора да има одговори, бидејќи, како што соопштуваат, по промената на власта сето тоа ќе се провери и открие, а во случај да имало злоупотреби тогаш ќе има одговорност и за тие кои злоупотребувале, но и за тие кои тоа го прикривале и штителе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

