Македонија
Бабовски во Брисел: Презентиран ќе биде интегрираниот пристап во областа на безбедноста на храната во Македонија
Претставници на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предводени од директорот Николче Бабовски, денес и утре, во Брисел, Белгија, учествуваат на вториот состанок со Европската комисија за објаснувачкиот скрининг за Поглавјето 12 – Безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика за преговори за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ). На состанокот учествуваат и претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство – Државен инспекторат за земјоделство и Фитосанитарна управа.
„Како институција носител на надлежностите од Поглавјето 12, едно од најобемните, кое интегрира голем дел од европската легислатива од областа на безбедноста на храната, ветеринарна и фитосанитарната политика, Агенцијата за храна и ветеринарство во овие два дена ќе ја презентира усогласеноста на националното законодавство со европското и неговата примена, кое е опфатено со ова поглавје. Презентиран ќе биде интегрираниот пристап во областа на безбедноста на храната во Република Северна Македонија, кој има цел обезбедување висок степен на безбедност за граѓаните, здравствената заштита и благосостојба на животните и здравјето на растенијата. Во текот на експланаторни/ објаснувачки сесии подетаљно ќе се запознаеме со европските прописи и искуствата, нивната имплементација на ниво на Унијата, што е во прилог на нашата идна подготовка како носители на Поглавјето 12 за следните фази од пристапните преговори“, вели Бабовски.

На состанокот Европската комисија ќе го презентира новото законодавство на ЕУ од ова преговарачко поглавје. Од посебен интерес за АХВ, додава Бабовски, е законодавството на ЕУ за здравствена заштита на животните и за официјални контроли од областа на безбедноста на храната и ветеринарната политика, а на состанокот ќе се дискутира и за отворени прашања од технички, стратешки и појаснувачки карактер.
„Состанокот е настан од особено значење бидејќи на него се добиваат корисни информации од Европската комисија за следниот чекор од процесот за преговори за членство на нашата земја во ЕУ, за билатералниот скрининг, кој ќе се одржи во четвртиот квартал од годината. По експланаторниот/објаснувачки прелиминарен скрининг, како прв клучен чекор во подготовките за почнување на преговорите за членство во ЕУ, следува скринингот, кој ќе го спроведе Европската комисија, како аналитичко испитување на усогласеноста со правото на ЕУ и за Поглавјето 12. Овој процес ќе овозможи Комисијата и земјите членки на ЕУ да го оценат степенот на подготвеност на нашата земја во областа на безбедноста на храната, ветеринарна и фитосанитарната политика“, заклучува Бабовски и додава дека потоа за соодветното поглавје Советот ќе одлучи за почнување на преговорите по препорака на Комисијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

