Економија
Ковачевски и евроамбасадорот Гир на експресниот пат Градско – Дреново: Милијарда евра досега преку ИПА за македонската инфраструктура
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Дејвид Гир, како и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беше на теренот каде што се гради експресниот пат Градско – Дреново.
Станува збор за современ експресен пат – со мостови, клучки, надвозници, подвозници, одводнување, во должина од 15,5 километри, што е финансиран, во најголем дел, со пари од европските ИПА-фондови.
„Овој нов експресен пат што се гради од Дреново до клучката кај Градско, дел од Коридорот 10 д, е уште еден пример дека посветено работиме на изградбата на безбедни и модерни патишта. Со тоа создаваме европски услови за живеење на граѓаните овде во државата и ја поврзуваме Република Северна Македонија со Европа“, рече премиерот Ковачевски.
„Делницата на експресниот пат од Дреново до клучката кај Градско практично се спојува со еден од најфреквентните патни правци во земјата, Градско – Прилеп. Со тоа ги поврзува источниот и западниот дел на државата и обезбедуваме комуникација и кон север и кон југ. Неговата изградба затоа е од големо значење за подигнувањето на нивото на безбедноста во сообраќајот во овој регион. А како дел од паневропскиот Коридор 10, односно крак 10 д, патот од Дреново до клучкат кај Градско влегува и на картата на европската патна мрежа“, посочи премиерот Ковачевски.
Патот е во должина од 15,5 километри. Станува збор за современ експресен пат – со мостови, клучки, надвозници, подвозници, одводнување, а е финансиран во најголем дел со пари од европските ИПА-фондови, посочи премиерот. Соопшти дека над 21 милион евра европски пари се вложени во изградбата на овој пат и над 3,5 милиони евра државни пари. Реализацијата на изведбата е 75 проценти. И во моментот се разгледува можноста за дофинансирање на околу 9,8 милиони евра, исто така од европската ИПА-структура, со цел проектот да се комплетира во првите месеци од следната година, какви што се процените од надлежните за проектот.
„Како што може да се уверат и граѓаните, ние како Влада имаме поддршка од нашите европски партнери, во нашите искрени напори да осигураме европски стандарди тука, како и да ја внесеме државата во ЕУ“, порача премиерот Ковачевски.
„Европската Унија е убедливо најголемиот донатор на Западен Балкан како и во нашата држава за исклучително важни проекти, како што е овој пат на кој сме денеска“, додаде премиерот, кој соопшти дека преку ИПА-програмата досега во земјата за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу милијарда евра неповратни средства. ИПА 3-програмата (2021-2027) е веќе почната. Проектираните средства за 2021, 2022 и за 2023 година се во вкупен износ од речиси 243 милиони евра. А во тек е програмирањето за 2024 година на финансиски средства со износ од 80 милиони евра.
Премиерот укажа и на другите видови европска помош и поддршка што ги добива државата: преку ИПАРД 2програмата – 60 милиони евра; зголемени средствата за 62 процента и доделени нови, неповратни 97 милиони евра на располагање преку ИПАРД 3-програмата за модернизација на македонското земјоделство; нови 100 милиони евра доделени од Европската комисија за макрофинансиска помош за Северна Македонија; 160 милиони евра за Северна Македонија од финансискиот пакет од 3 милијарди евра, што го предложи Европската комисија за десет партнери од проширувањето и соседството за да помогне во ублажувањето на економските последици од пандемијата; грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза.
„Јасно видлива е разликата на времето кога државата беше во меѓународна изолација и граѓаните тонеа во сиромаштија и денес кога сме членка на НАТО и одиме по јасен европски пат. Имаме рекорден број инвестиции, нови работни места и рекордно намалување на невработеноста, повисоки плати, пензии, највисока историска минимална плата, највисока историска просечна плата, трипати поголема социјална помош, како и најголема историска државна помош за домашните компании како за одржување на ликвидноста така и за нови инвестиции во компаниите. Сите може да се уверат што значи да се има европската поддршка во развојот и солидарноста и кога сме по европскиот пат. Таа поддршка ќе продолжи со многу повеќе средства преку нови програми и фондови кога ќе станеме членка на Унијата“, посочи премиерот Ковачевски.
Тоа го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска, рече премиерот Ковачевски укажувајќи дека една земја членка на ЕУ од фондовите на Унијата добива над 10 пати повеќе средства од жител отколку земјите кандидатки за членство. Премиерот додаде дека „овие пари значат инвестиции во животниот стандард, во нови работни места, во подобро живеење на граѓаните и примена на европските вредности дома, тоа што го очекуваат особено младите луѓе во нашата земја“.
„Ја имаме неповторливата шанса до 2030 година да станеме полноправна членка на ЕУ! А во меѓувреме, со тоа што ќе продолжиме со нови чекори напред по европскиот пат, ќе ни бидат достапни и бенефитите од новите чекори од ЕУ кон Западен Балкан. Нов план за раст на Западен Балкан веќе најави претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен. Тоа значи можност за пристап до единствениот пазар на ЕУ – пазар со околу 500 милиони луѓе и отворени врати за соработка и бизнис, што ќе ни овозможат забрзан развој. Значи, длабока регионална економска интеграција и зголемување на претпристапните средства. И должност на сите е сега, кога европскиот фокус кон нас е најголем досега, да не ги попречи од дома перспективите, туку да ги осигуриме, конечно, европските перспективи на граѓаните, на младите и на нашата држава“, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, упати благодарност до амбасадорот на Европската Унија, Гир, и до граѓаните на државите членки на ЕУ во името на граѓаните на Република Северна Македонија за големата поддршка од нашите европски партнери во реализацијата на големата стратешка европска цел.
По премиерот, се обрати и евроамбасадорот Гир, кој рече дека ЕУ ќе продолжи да вложува во економскиот развој и во просперитетот на државата.
„Целта на поддршка од Европската Унија е Република Северна Македонија да се спреми на стане полноправна членка и да ги ужива придобивките од членството во ЕУ. Да има пристап во поголеми ресурси“, порача амбасадорот Гир.
Евроамбасадорот Гир посочи дека тие придобивки значат повеќе работни места, подобрување на животниот стандард, поголеми деловни можности и укажа на можностите што ги отвора и планот за раст на земјите од Западен Балкан, чија цел е пристап до придобивките од членството во ЕУ и во текот на процесот на пристапувањето кон ЕУ.
„Ова се огромни можности што овозможуваат да напредувате во реформите и на европскиот пат“, порача амбасадорот на ЕУ во земјата, Дејвид Гир, кој во дел од обраќањето говореше на македонски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.
Економија
Поскап бензин од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,69% во однос на одлуката од 9.2.2026 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 2,599%, кај дизелот за 0,154%, кај екстра лесното масло за 1,247% и кај мазутот намалувањето е за 1,530%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,3576%.
Од 17.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 68,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 33,883 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,233 ден/кг и сега ќе изнесува 33,883 ден/кг.

