Македонија
СДСМ: Срамно, пратениците на ДПМНЕ и Левицата не гласаа за законот за македонски јазик
„Срамно е што пратениците на ДПМНЕ и Левица не гласаа во Собранието за новиот закон за употреба на македонскиот јазик“, велат од СДСМ.
Како што соопшти владејачката партија, со законот за употреба на македонскиот јазик се дава правна основа за донесување на Национална стратегија за македонскиот јазик, се прошируваат областите за употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и опсегот на лекторирање.
– ДПМНЕ и Левица покажаа крајно непочитување на сопствениот јазик и уште еднаш го потврдија своето лицемерие, од една страна манипулираат дека македонскиот јазик е загрозен, дека ќе стане бугарски дијалект, а од друга страна не го гласаат законот за употреба на македонскиот јазик, велат од СДСМ и додаваат дека со нив македонскиот јазик е заштитен.
Најсилен доказ дека македонскиот јазик е признаен од ЕУ, со чиста формулација без додавки и фусноти е договорот Фронтекс, за чија ратификација ДПМНЕ исто така не гласаше во парламентот, се наведува во соопштението на СДСМ.
Партијата вели дека ДПМНЕ останува деструктивна партија, „која застана против македонскиот јазик, која работи спротивно на интересите на државата и граѓаните“.
На ДПМНЕ и Левица им е приоритет да продолжат со блокади и деструкции на штета на државата, обвинуваат од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од две скопски населби без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, известува дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа без напојување со електрична енергија ќе останат:
• од 09:00 до 12:00 часот Сеизмологија, Пржино, Институт за земјотресно инженерство, Француска амбасада и ул.Милан Мијалковиќ. (Општина Центар)
• од 08:00 до 15:30 часот Дел од улица Регионален пат R1102 Скопје – Катланово на потегот од бензинска Мак Петрол до исклучок кон с. Огњанци, улица 3, дел од улица 7 и дел од улица 2. (Општина Петровец)
Македонија
Поради водоводен приклучок: дел од Центар без вода за пиење
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, соопшти дека денеска- петок, поради изведување на водоводен приклучок од Ф-80мм на ул.Македонија ( спроти Спомен куќата на Мајка Тереза ) во населба Центар, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од Димитрие Чуповски до Даме Груев и дел од Луј Пастер , од 08:30 часот до завршување.(општина Центар)
Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни и поројни, проследени со појава на грмежи.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 15, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, попладне пообилни проследени со грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 22 степени.
Во сабота во западните делови ќе има услови за слаб локален дожд. Потоа во следните денови времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.