Македонија
Андоновска: Срамно е што Арсовска се крие или е на одмор, па не доаѓа да го брани ребалансот на буџетот

На денешната седница на Град Скопје, советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, ја повика градоначалничката на град Скопје да дојде на седница на Советот, да дебатира и да го образложи предлогот што сама го дала за ребаланс на буџетот на Град Скопје.
„На почетокот на овој мандат се воведе една позитивна практика што ја немало во последните четири години, а тоа е градоначалникот, сите директори, да бидат присутни и да дебатираме заеднички за точките бидејќи се од интерес на граѓаните на Скопје и тоа беше така сѐ до некој момент, за жал, ние последните месеци гледаме отсуства неоправдани на директорите и, секако, отсуство на градоначалничката. На денешната седница како прва точка имаме ребаланс на буџетот, повторувам ребаланс на буџетот, нешто што е од исклучително значење за скопјани и тој е на предлог на градоначалникот на град Скопје“, рече советничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на град Скопје во моментот не е во салата, а ние треба да расправаме за овој предлог. Што е поважно од присуството во оваа сала, да дебатираме како за овој ребаланс така и за другите речиси 30 точки предложени на денешната седница. Што е поважно за градоначалничката што во моментот таа не се наоѓа во оваа сала. Како очекува да дадеме поддршка на нејзините предлози кога самата не е тука да ги објасни. Затоа барам, претседателе, да обезбедите присуство на градоначалничката, ценам дека нема ништо поважно како на претходните седници така и на оваа, таа треба да биде тука и да дебатира и да ги соочиме фактите и аргументите. Не знам како поинаку ние можеме да дебатираме на Советот сами со себе на предлог што го дала градоначалничката, а таа не е тука да си го објасни сопствениот предлог. Затоа барам пауза и барам да обезбедите присуство на градоначалникот да дојде бидејќи таа денеска треба да е тука да дебатира за она што го предложила“, нагласи Андоновска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Коцевски: Објавените пораки за пожарот во Кочани се дел од доказите

Обвинителството води предистражна постапка за вработени во УЈП и други институции за повеќе кривични дела поврзани со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Тој нагласи дека објавените пораки од ИРЛ се само мал дел од доказите што веќе се доставени до одбраната и судот, и дека постапката не е завршена. Според него, Обвинителството располага со уште десетина инкриминирачки дејствија.
„Имав состанок со обвинителите и овие податоци што беа изнесени од страна на Истражувачката репортерска лабораторија не се ништо нови. Сите овие пораки се испратени до одбраната, сите овие пораки се испратени до судот. Сите овие пораки ги имаше и Министерството за внатрешни работи, меѓутоа тоа се многу малку пораки во однос на она што Обвинителството располага во моментов. Има таму можеби уште десет инкриминирачки дејствија, што значи дека постапката воопшто не е ниту затворена не само во однос на УЈП, туку и на евентуално други институции и тука она што беше кажано сметам дека беше избрзано, имајќи предвид дека истражувачите не побараа информации од Обвинителството“, изјави Коцевски.
Во врска со предметот на ОЈО ГОКК против 13 полициски службеници, Коцевски рече дека по него постапува еден обвинител поради недостиг на кадар, но дека сите рокови се запазени. За изјавите на премиерот Мицкоски, додаде дека не сака да коментира политички оценки.
Македонија
Рекет во Скопје: Изнудувале пари со закани за убиство, организаторот од Дубаи

Обвинителството отвори истрага против тројца турски државјани за кои постојат сомненија за изнуда.
Тројцата осомничени во група, со сериозна закана по живот, присилиле еден оштетен, исто така државјанин на Република Турција, да им исплати 40.000 евра.
Оштетениот на 6 септември дошол во државава со намера да отвори фирма за градежништво и ИТ, а првоосомничениот, кој според досегашните сознанија се наоѓа во Дубаи, го контактирал телефонски преку мобилна апликација. Му се заканувал и му барал различни суми во износ до 70 илјади евра. Му испраќал и пораки со заканувачка содржина дека ќе го најде и во Македонија и ќе го убие доколку не продолжи да му плаќа рекет.
На 28 септември во земјава пристигнале другите двајца осомничени, од кои едниот внук на првоосомничениот и веднаш го контактирале оштетениот со намера да ги земат парите.
Се договориле да се сретнат со жртвата во еден трговски центар, па кога тој им го предал ковертот во кој се наоѓале обележани парични средства веднаш биле лишени од слобода.
Бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност да ги прикријат трагите или да влијаат врз сведоците, како и особени околности што го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело, јавниот обвинител предложи на двајцата уапсени осомничени да им биде определена мерка притвор. Во однос на првоосомничениот, се преземаат дејствија за негово лоцирање со цел обезбедување за натамошната постапка.
Македонија
Мицкоски: Со црвените линии за Бугарија, Филипче подготвува ново предавство и нов бонбона бизнис

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Вевчани порача дека на овие локални избори, Социјалдемократскиот сојуз го очекува уште еден изборен дебакл.
Посочи дека лицемерие е кога Венко Филипче вели, дека нема да води негативна кампања, а веќе во наредната реченица ја злоупотребува големата човечка трагедија која се случи во Кочани, а истиот тој, како што дополни Мицксоки, спрема и ново предавство и поклон за нашиот источен сосед, Бугарија преку нивните т.н. црвени линии.
„Тоа е всушност реалното лице на опозицијата која во најновите пазарџиски трикови сака и да спакува нов поклон за нашиот источен сосед. Тоа е подарок којшто тие го нарекоа Резолуција или црвени линии, после кој СДСМ сака, нормално, да изроди некоја нова отстапка на грбот на македонскиот народ, на грбот на македонските граѓани. Сосема сигурно оттука може да се заклучи ако францускиот т.н. предлог беше толку прекрасен и Венко ни велеше дека идентитетот бил заштитен, тогаш прашањето ни е зошто, тогаш, ни требаат овие црвени линии, коишто се дел од т.н. резолуција на СДСМ. Одговорот лежи во тоа дека СДСМ, повторно, со трикови сака да направи некој нов бонбона бизнис, познат за нив како карактерна особина од минатото“, истакна Мицкоски.
Затоа порача Мицкоски на овие избори мора да се излезе масовно и во огромен број и да се изрази волјата јасно, дека народот владее во оваа држава а не, како што рече, тесните клики кои владеењето го гледаат само преку призмата на наместени тендери.