Македонија
Aвионите за гаснење пожари се сервисирани и се очекува да стигнат во секој момент, рече Ангелов
Имаме три авиони „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување. Едниот е функционален, другите два се сервисирани и треба да стигнат во секој момент, изјави првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, на прес-конференција.
Говорејќи за реусрсите со кои Македонија располага за гаснење евентуално големи пожари на територијата, Ангелов оцени дека државата е подготвена.
Покрај „ертракторите“, како што рече Ангелов, имаме на располагање и два армиски хеликоптера. Сепак, овие летала имаат ограничување и во најжешките часови не може да се корситат бидејќи, како што образложи Ангелов, не е безбедна нивната употреба за екипажот. Понатаму, државата располага и со хеликоптери, кои се во функција, а директорот оцени дека соработката меѓу ЦУК, МВР и Армијата е на највисоко ниво.
Зголемен е и бројот на пожарникарите на ниво на целата држава.
„Генерално, имаме 935 професионални пожарникари. Покрај нив, тука се и 110 дозброволни пожарникари – одлични противпожарни друштва со сопствени возила. Имаме храбри пилоти на авионите и хеликоптерите, кои летаат над самите пожари. Вкупно 69 навални возила, помали цистерни со сопствени пумпи, полесно подвижни и на потежок терен. 86 цистерни од 6 до 9 тона, имаат сопствени пумпи, но често се користат за полнење на навланите возила. Едно хемиско возило. 36 терени возила за гаснење шумски пожари. 56 теренски возила за превоз на пожарникарите“, рече Ангелов и додаде дека пожарникарирте се исклучително храбри луѓе.
Моментната состојба со пожарите во Македонија, Ангелов ја оцени како добра и барем засега ги немаме и покрај високите температури, со исклучок на недамнешниот во Штип.
Вели дека напорот да се менаџиираат пожарите на друг начин дава резултати. Една од причините што нема големи пожари, како што рече Ангелов, е влажната вегетација. Од друга страна, вели тој, обилните врнежи предизвикаа бујна и висока трева, што деновиве веќе е сува, па надлежните очекуваат да постигне голема сувост и да претставува лесно запалив материјал.
Ангелов ги поздрави и граѓаните што ги почитуваат мерките и упати низа препораки.
„Не треба да се пали оган на отворено и во шума. Задоволството од скара на отворено може да чини многу пари и да загрози многу човечки животи. Пушачите да бидат внимателни, а отпушоците да ги гаснат во мало шише со вода. Да не се користат ниту плински уреди. Сточарите да не ги палат пасиштата за да се ослободат од трњето оти може да предизвикааат огромна штета“, рече тој.
Ангелов рече дека во 2020 година штетите од пожарите изнесувале 21 милион евра, а веќе следната година кога избувнаа големите пожари во Малешевијата и беше прогласена кризна состојба – 38,2 милиони евра.
Лани штета изнесувала 2 милиона евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
Македонија
Министри и градоначалници на средби со високи претставници на УНЕСКО во Париз, ќе се разговара за статусот на Охрид
Делегација на Владата во состав: заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски; министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќира, денес и утре престојува во дводневна работна посета на Париз.
Во рамки на посетата, делегацијата ќе оствари средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО, како и со други високи претставници на УНЕСКО.
„На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност“, соопштија од Владата.
Во него се додава дека делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација.
Во рамки на посетата, денеска е планирана средба со Ернесто Отоне, помошник генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура, потоа со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад Ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.
Македонија
Герасимовски: Почна реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, Дебар Маало добива уредена пешачка и резиденцијална зона
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на почетокот на градежните активности за реконструкција и пренамена на улицата „Мирослав Крлежа“ во пешачка и резиденцијална зона.
„Станува збор за проект што се реализира на барање и по мерка на жителите. Ова е зафат што долго време беше најавуван и ветуван, но денес конечно се реализира на терен. Овој дел од Дебар Маало, добива нов лик, уреден, безбеден и функционален јавен простор“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Проектот има за цел уредување на јавниот простор и воведување организиран резидентен паркинг. Реконструкцијата се изведува на вкупна површина од околу 6.000 квадратни метри, на потегот од „Партизански одреди“ до улицата „Никола Тримпаре“.
Во рамки на зафатот се предвидува инсталирање ново улично осветлување, поставување клупи и канти за отпад, како и целосна реконструкција на коловозот и тротоарите со поставување гранитни и травертин плочи.
На дел од улицата се поставува нова водоводна и атмосферска мрежа, додека фекалната канализација е веќе изведена, а каблите на ЕВН се спуштени под земја.

Проектот е изработен во соработка со Архитектонскиот факултет и вклучува уредување на зелените површини, замена на исушените дрвја со нови садници и поставување ниско зеленило, соопшти Општината.
Проектот се финансира со 70% средства од Светска банка, додека преостанатите 30% се покриени од буџетот на општина Центар.

