Македонија
Маричиќ: Нова европска финансиска поддршка за три проекти со вкупна инвестиција од 98,9 милиони евра

Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување официјално го извести вицепремиерот за европски прашања и национален ИПА-координатор, Бојан Маричиќ, за трите проекти што беа одобрени на 30 јуни 2023 година на состанокот на оперативниот борд на инвестициската рамка за Западен Балкан.
Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во која аплицираме на секој повик и во која имаме редовно поддршка на проекти, одобри 24 милиони евра грантови за три проекти, два во секторите енергетика и еден во транспорт, кој се однесува на Коридорот 8 за изградба на експресниот пат Крива Паланка – Страцин. Грантот е во износ од 14 милиони евра, а вкупната инвестиција од 36,7 милиони евра е поддржана со заем од Светската банка.
Во областа на енергетиката станува збор за два проекта, од кои едниот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, грантот е во износ од 2,2 милиона евра, а вкупната инвестиција од 27,5 милиони евра, која е поддржана со заем од Светската банка. Грантот е побаран за да може да се интервенира и зголеми енергетската ефикасност на 18 здравствени објекти, и тоа 4 во Скопје и Валандово, Крива Паланка, Герман, Злетово, Кратово, Пехчево, Штип, Пробиштип, Демир Хисар, Демир Капија, Долни Дисан, Ресен, Лозово, Неготино, Дебар.
Вториот грант од секторот енергетика од 8 милиони евра е за зајакнување на мрежата за пренос на струја во Југоисточниот Регион, со вкупна инвестиција од 34,7 милиони евра, поддржана со заем од ЕБРД. Целта на проектот е да се овозможи приклучок на мрежата за струја произведена од обновливи извори на енергија од хидроцентрали, соларни централи, ветерници и со тоа се зголеми независноста на земјата за производство на сопствена струја.
Вицепремиерот Маричиќ вели дека ваквата поддршка од ЕУ, во конкретни проекти, е доказ дека пристапниот процес и членството во ЕУ не е само политички туку и економски процес, со конкретни придобивки за граѓаните.
Во текот на летото Европската комисија ќе промовира 20-ина гарантни фондови за приватниот сектор за да се поттикне развојот на претпријатијата во Западен Балкан, да се подобри нивното работење и да се одржат приватните инвестиции. Досега Европската комисија помагаше во пристапот кон финансии, а во наредниот период ќе го преземе и ризикот од инвестициите за да го олесни и подобри приватниот сектор. Дополнителни информации за овие гаранции ќе се објават во септември годинава.
Вкупно одобрените проекти за земјите од Западен Балкан се во износ од 528 милиони евра со вкупна инвестиција од 2,1 милиона евра. Сите одобрени проекти се во насока на спроведување на економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан промовиран од комесарот за проширување, Вархењ, во 2020 година.
Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека ДГ НЕАР ги достави деталите критериумите за новиот деветти по ред повик за инвестициски грантови во рамките на инвестициската рамка за Западен Балкан, наменет за проекти од железницата. Во согласност со критериумите на овој повик земјите може да аплицираат со проекти за рехабилитација на постојната и изградба на нова одржлива и паметна инфраструктура на главните и продолжените ТЕН-Т железничка мрежа.
Максималниот износ на кофинансирање од инвестициската рамка за Западен Балкан е 50 % од вкупната инвестиција, а другите средства треба да бидат обезбедени од заеми од меѓународните финансиски институции во согласност со правилата за спроведување на инвестициската рамка за Западен Балкан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сајкоски: Време е Струга да добие надеж за подобра иднина

На денешниот митинг во Струга генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски истакна дека со преземањето на одговорноста да ја води Владата, ВМРО-ДПМНЕ покажа како за кратко време, односно за година и половина може да се направат многу проекти кои го подобруваат животот на граѓаните.
Сајкоски порача дека од новите советници на Општина Струга, како и од стружани кои се директните учесници во извршната власт се очекува да испорачаат проекти кои во градот ќе го направат услови за подостоинствено живеење кои го подобрат квалитетот на животот.
Додаде дека време е Струга да добие надеж за подобра иднина, надеж за развој, надеж за пораз на криминалот и корупцијата.
„Долго време Струга е во рацете на луѓе коишто немаат чувство ни за своите, ни за туѓите. Во рацете на оние коишто се борат само за себе, но за да ги поништат сите други, во рацете на оние коишто тонат во криминал и коишто направија огромна штета и за Струга и за сите општини со кои раководат тие. ДУИ направи штета и за своите, и за Албанците, и за Македонците, Турците, Ромите и другите граѓани и во Струга и во другите региони“, истакна Сајкоски.
Затоа, Сајкоски ги повика сите стружани на овие локални избори да направат референдумско гласање во Струга и со тоа да се поразат сите политички чинители и да се даде нова надеж на градот, за Струга да биде подостоинствен град и да се гради со поддршка од централната власт.
Сајкоски посочи дека изминатите години Струга беше препознаена по неработење и криминал, но заеднички, со гласање за број 9, Струга ќе стане туристичко место кое ќе сакаме да го посетуваме сите граѓани од Македонија, како и посакувана туристичка дестинација и за граѓаните од регионот. Сајкоски заклучи дека токму затоа е време за Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето Место! За твојата иднина!
Македонија
Додека светот ги забранува, ароматичните електронски цигари се помасовни кај нас: деветгодишни „вејпаат“ и бројат хитови

Повикот на Светската здравствена организација (СЗО) од мај годинава итно да се забранат ароматичните цигари за да се заштитат младите не допре до македонските институции. Ароматичните никотински производи, кои светот ги забранува, кај нас се во слободна продажба, а единствен исклучок треба да биде возраста. Како и сите други производи од тутун, и тие се забранети за лица под 18 години, но едноставна прошетка до најблиското училиште покажува дека огромен број деца излегуваат токму со електронски цигари в рака.
„Вејпање“, броење хитови и земање џус се меѓу главните теми за расправа на секој одмор во училиштата. „Макфакс“ побара објаснување за значењето на оваа нова терминологија, но и за тоа дали знаат дека се штетни и забранети во многу земји.
„Многу е едноставно, ‘вејпање’ е пушење оти ‘вејп’ се вика цигарата, хит е едно повлекување чад од цигарата, а џус не е сок за пиење, туку течност со некаква арома за електронска цигара. Има секакви ароми и вкусови. Штетни се, да, ама па и многу други работи се штетни?“, вели средношколка, која сведочи дека и во основно училиште многумина пушеле електронски цигари и „вејпале“.
Освен на училиште, искуства за електронските цигари си разменуваат и на социјалните мрежи. Организирани во посебни групи може да прашаат сѐ што ги интересира, а може и да си купат цигари откога, едноставно, ќе излажат за годините оти официјалните продавачи имаат прашалник за возраста, па на оние што ќе се изјаснат како малолетни не им е дозволен пристапот.
Границата за пушење цигари е симната под 12 години
Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија, го потврдува она што се гледа во училиштата за масовната употреба и на класичните и на електронските цигари. Неговиот став е дека, без дилема, што побргу треба да се послуша препораката на СЗО и да се забрани употребата на ароматичните електронски цигари, кои се особен предизвик за младите.
„Најдобро би било да се забранат. Кај нас тие се резултат на влијание од странство, ние немаме свое производство на електронски цигари, па доволно е да се забрани увозот, но се работи за една огромна индустрија, која нема да исчезне тукутака. Затоа треба итно да се почне со предавања уште во основните училишта оти податоците покажуваат дека границата на луѓе што употребуваат тутун во разни форми е симната под 12 години, тоа значи уште во основно училиште. Тоа треба да нѐ загрижи. Треба да се воведат часови на кои психолози и социолози ќе им зборуваат за штетното влијание и ако успееме да спасиме пет деца, тоа е успех за кој вреди да се потрудиме“, вели директорот Зафировски и нагласува дека нашата земја е меѓу првите три на Балканот по употреба на тутун.
Главниот слоган, според Зафировски, треба да биде „Биди паметен, не почнувај“ оти ако само еднаш пробаш, лесно ќе се навлечеш, а потоа е тешко да се одвикнеш. Тој смета дека совети треба да даваат и лекарите, тргнувајќи од матичните, кои се првата линија, но и сите други, и тоа не само со зборови, туку и со личен пример.
„Страшно е што кај нас и лекарите не може да влијаат оти и голем број од нив ги употребуваат овие цигари, па се случува – како вие ми кажувате дека се штетни, а самиот ги употребувате? Ние на Клиниката имаме посебен тим со психолог, кој помага за одвикнување од цигари. Има понекој што доаѓа, обично тоа се наши пациенти, но нема континуитет. Доаѓаат два-трипати и се откажуваат. Наши пациенти, кои имаат ХОБС или астма, знаеме дека употребуваат електронски цигари, но кога ќе ги прашаме, не признаваат. Мислат дека се помалку штетни, а ние како лекари немаме дилеми дека се штетни. Електронските цигари и уредите за згревање тутун, каков и да им е називот, се многу штетни. Високата температура што ја развиваат за да се загрее тутунот прави оштетувања и на горните и на долните дишни патишта. Ја оштетуваат слузницата и на трахејата и на белите дробови“, објасни директорот Зафировски.
Тој вели дека е во тек со сите нови истражувања на оваа тема и ги следи препораките за влијанието на електронските цигари и на оние со посебен мирис и вкус. Јасно е дека кардиолозите и пулмолозите во светот јасно укажуваат колку се штетни, но му пречи што сѐ останува само на препораки.
Канцеларијата за дрога и криминал на ОН ќе обучи 150 наставници за заштита од употреба на цигари, дрога и алкохол
Министерството за образование од оваа учебна година почнува со засилени активности преку кои ќе им укаже на учениците колку се штетни сите видови цигари. Воведен е слободен изборен предмет Учам за моето здравје за VII одделение за кој е изработен прирачник за наставници, направена им е и обука за начинот на предавање во соработка со Светската здравствена организација, а планирани се и активности во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.
„Во учебната 2025/2026 година Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, во соработка со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) и ЛЦИФ, ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма ‘Вештини за адолесценција’. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет, преведена е и се користи на над 40 јазици“, велат од Министерството за образование.
Освен новите активности, од Министерството за образование посочија дека за сите ученици има многу програми за наставни и воннаставни активности за заштита од злоупотреба на алкохол, тутун и дроги, во чии рамки се влијае и на употребата на електронските цигари. Списокот на активности од таму велат дека не е конечен, туку дека постои простор за унапредување на здравствената писменост во училиштата, ќе работат на тоа и секоја сугестија сметаат дека е вредна за разгледување.
ИЈЗ не ја исклучува можноста да иницира забрана за ароматични електронски цигари
Институтот за јавно здравје засега нема конкретни активности за постапување по препораката од Светската здравствена организација за забрана на ароматичните електронски цигари. Директорката Марија Андоновска вели дека сите досегашни препораки за заштита од пушењето се во согласност со Светската здравствена организација.
„Ние како Институт даваме препораки за заштита од пушење, кои се во интерес на јавното здравје онолку колку што ни дозволува законската рамка. Засега нема законска забрана за употреба на ароматични електронски цигари, но тоа не ја исклучува можноста да работиме и на иницијатива со која ќе се забранат. Употребата на електронските цигари кај нас бележи голем скок по либерализацијата на нивната употреба во 2021 година, односно откога употребата на електронски уреди за согорување тутун не се смета за пушење и тие не подлежат на забраните од Законот за заштита од пушењето“, вели директорката Андоновска за „Макфакс“.
Последното истражување на ИЈЗ за употреба на електронски цигари меѓу средношколците презентирано лани покажа дека има ученици што првпат пробале електронска цигара на 9 години и дека 29,6 отсто од учениците користеле електронски цигари, барем еднаш во животот.
Аромите во тутунските производи се манипулација со младите, алармира СЗО
Во мај годинава, по повод Светскиот ден без тутун, СЗО ги повика владите од целиот свет да ги забранат сите ароми во тутунските и во никотинските производи за да ги заштити младите оти аромите ја маскираат токсичноста на производите и ги претвораат во слатка мамка за младите. Според СЗО, вкусовите и аромите, заедно со шарената амбалажа и агресивниот маркетинг на социјалните мрежи, ја поттикнуваат зависноста и ја отежнуваат борбата против пушењето.
„Гледаме генерација што станува зависна од никотин преку кесички со вкус на гумени бонбони и ‘вапови’ во боите на виножитото. Ова не е иновација – туку манипулација и мора да ја запреме“, изјави д-р Рудигер Креш, директор за здравствена промоција во СЗО.
Според податоците на СЗО, над 50 земји во светот веќе забраниле ароматизиран тутун, повеќе од 40 забраниле продажба на е-цигари, 5 земји имаат забрана за еднократни е-цигари, а 7 земји забраниле ароми во е-цигари.
Македонија
Мицкоски: СДС и ДУИ бараат спас во корумпираното судство, тоа им е последно танго за избегнување одговорност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Струга, посочи дека една од картите на кои игра опозицијата, СДС и ДУИ е барањето на спас во корумпираното судство и обвинителство.
Според Мицкоски многу е јасно зошто се кријат за правосудниот систем.
„Тоа им е последното танго за спас на нивните кариери и шанса да одбегнат одговорност. Oд месечината се гледа дека последниот бастион на криминалот во државата остана судството и обвинителството кое ги штитат и СДСМ и ДУИ како бели мечки“, кажа Мицкоски.
Мицкоски посочи дека нема ниту еден случај кој институциите им е предочен, а истиот да завршил со обвинителен акт за било кој поранешен висок функционер.
„А случаи има колку сакате, само недостасува волја. А нема волја затоа што судот и обвинителството главни се аргатите на СДС и ДУИ. И со оваа корупција имам намера посебно да се занимавам по локалните избори, затоа што мора еднаш за секогаш да се стави крај со овој перманентен бастион на криминалот“, вели Мицкоски.
Мицкоски објасни дека не може да има слободни корумпирани политичари, ако нема корумпирани обвинители и судии што ги штитат тие политичари.
„Затоа по изборите следат реформи кои ќе ја откријат и вистината и ќе ја донесат правдата во нашата држава. Таа пресметка нема да биде политичка, туку пресметка за докажување на правдата која народот на Македонија ја заслужува“, заклучи Мицкоски.