Македонија
Коциќ: Ги ослободуваме од здравствена партиципација лицата со попреченост и над 26 години возраст

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ги усвои измените на Законот за здравственото осигурување, изјави пратеникот Ненад Коциќ на прес-конференција.
Коциќ рече дека со овие измени се ослободуваат од плаќање партиципација лицата со попреченост и со над 26 години возраст.
Образложи дека станува збор за долгогодишно барање на оваа категорија граѓани.
„На овој начин го олеснуваме пристапот до лекарски услуги на лицата со попреченост, кои повеќе нема да треба да плаќаат партиципација за услугите што ги добиваат. Ова, освен во делот на лекување, позитивно ќе влијае и на превентивата и на редовните лекарски прегледи на лицата со попреченост“, рече Коциќ.
Додаде дека унапредувањето на квалитетот на живот на сите категории граѓани останува врвен приоритет за СДСМ и за парламентарното мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ја предводи најголемата коалиција досега составена од 25 партии

„Денес ја формализираме коалицијата Твоја Македонија која заеднички ќе настапи на овие локални избори. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е убедливо најголемата коалиција која е составена од 25 партии кои се од различен карактер и во голема мера го претставуваат колоритот во македонското општество, различни структури и припадности што само потрдува дека се обединуваме околу заедничка платформа што подразбира обезбедување на иднина и напредок“, кажа Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер.
„Овие локални избори се важни за нас и иднината на државата поради најмалку две причини. Првата е што локалните самоуправи директно се надлежни да ги решаваат проблемите на граѓаните и не е сеедно каков градоначалник ќе се избере. А ние во изминатиов период покажавме и докажавме дека умееме да ги водиме општините без ниту еден скандал и со многу работа, дополнително што во наредните 4 години сите општини ќе ја имаат и поддршката од централната власт, нешто што и го докажавме и покажавме во претходната година иполовина.
Втората причина е што овие избори се околу тоа секој човек во државата да го направи вистинскиот избор за твоето место, твојата општина да се избере твојот човек кој ќе се бори за секој еден човек во општеството. Тој човек мора да ги брани интересите на граѓаните и да решава проблеми. Затоа ќе излеземе со понуда и со луѓе кои ќе бидат гласот на народот во администрацијата и општините ќе работат за граѓаните.
Уверени сме дека силата на државата не се мери само преку нејзините институции на централно ниво, туку преку секојдневниот живот во градовите и селата, во општините каде што граѓаните ги остваруваат своите права и ги живеат своите соништа.
Решени сме да изградиме општини кои ќе бидат пример за демократско управување, економска ефикасност, културна афирмација и меѓусебна почит.
Затоа и денес убедени сме дека визијата за „Твоја Македонија“ е визија за силни граѓани, силни општини и силна држава. Лидерите на политичките партии од Коалицијата „Твоја Македонија“, усвоивме и ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА НА ГРАЃАНИТЕ И ЗА ОПШТИНИ ШТО СОЗДАВААТ ИДНИНА.
Верувајќи дека инфраструктурата е основа за развојот на секоја заедница, ние се обврзуваме да вложиме во изградба и реконструкција на патишта, мостови, водоводи, канализациони системи, училишта, спортски сали и културни домови.
Ќе поттикнуваме политики кои ќе создадат нови работни места и ќе го зајакнат чувството на економска сигурност во секоја општина.
Ќе се залагаме за подобрување на примарната здравствена заштита преку модернизација на амбуланти, подобра опрема на здравствените домови и олеснет пристап до лекарски услуги, посебно фокус ќе имаат руралните средини.
Образованието ќе биде клучен инструмент за изградба на генерации кои ќе ја носат Македонија напред со знаење, вредности и одговорност.
Младите се најголемиот капитал на нашата земја, ќе креираме политики што ќе им овозможат квалитетно образование, можности за спорт и култура и пристојни услови за вработување. Ќе создадеме амбиент за нивен останок во своите општини, за да ја градат својата иднина овде, дома, во својата татковина Македонија.
Верувајќи дека животната средина е наследство за идните генерации, ќе се бориме за чист воздух, управување со отпадот, користење на обновливи извори на енергија и заштита на природата. Ќе ги втемелиме зелените политики во секоја општина, за здравје и поквалитетен живот на граѓаните.
Со верба во својата држава и во својот народ, со љубов кон местото каде што живееме и со доверба во заедничката иднина, ние ја потврдуваме нашата решеност да изградиме Македонија како просперитетна, праведна и модерна држава. Држава во која секој граѓанин ќе се чувствува почитуван и сигурен, во која општините ќе бидат двигатели на развојот, а целата заедница ќе живее во склад, достоинство и надеж. Нашата мисија е генерациите што доаѓаат да ја наследат Македонија посилна, побогата и постабилна од тоа што ние го затекнавме: Македонија која е дом и иднина за сите нејзини граѓани.
Заедно ќе го направиме вистинскиот избор за доброто на сите граѓани. Ова се избори за тоа каква иднина ќе имаме“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче, ако е доблестен, нека им се извини на граѓаните за целокупниот хаос во државата оставен од владеењето на СДС

СДС не може да си го среди хаосот во сопствените редови, не пак да друго. Прво што треба да направи Венко Филипче, ако е доблесен, на средбите со граѓаните наместо да им продава демагогија, да им се извини за општествениот, економски, социјален хаос кој го остави седумгодишното владеење на СДС, каде директен учесник беше и тој самиот, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Креаторот на проблемите, СДС не може да биде решение.
За седум години ја опљачкаа и ја презадолжија државата, економијата ја уништија, а народот го осиромашија.
Седум години институциите на СДС му служеле за испумпување пари и богатење на поединци.
Целиот државен апарат и безбедносен систем ги ставиле во функција на нивно останува на власт, па така го следеле, прислушкувале и документирале секој чекор и разговор на претседателот Христијан Мицкоски, партиски функционери и членови, како и новинари и бизнисмени“.
Сега, додаваат од владејачката партија, СДС, на чело со Венко Филипче, може да седи и да гледа како со ВМРО-ДПМНЕ се водат и се развиваат општините и државата, како се реализираат проекти и се креираат мерки и политики кои го подобруваат животот.
Македонија
Извршниот одбор на СДСМ утврди уште нови 4 кандидати за градоначалници

Со одлука на Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната попладневна седница е дадена согласност за уште четири нови кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори:
Едис Хасан – кандидат за градоначалник на Шуто Оризари.
Жика Стојановски – кандидат за градоначалник на Илинден.
Игор Христов – кандидат за градоначалник на Кочани.
Исуф Синани – кандидат за градоначалник на Долнени.
Со ова, СДСМ веќе има објавено 64 кандидати за градоначалници од СДСМ во 64 општини ширум државата.
„Сите кандидати на СДСМ се луѓе со интегритет, докажани кадри со желба за работа и јасна визија за развој на своите општини.
Кандидатите на СДСМ ќе бидат гласот на граѓаните, ќе работат за решавање на секојдневните проблеми, за подобрување на квалитетот на живот и развојот на општините“, велат од СДСМ.