Економија
Земјите од Г20 не постигнаа договор за намалување на фосилните горива, ниту за војната во Украина
Членките на групата Г20 не успеаја да постигнат консензус за постепено укинување на фосилните горива на состанокот во Индија денеска по приговорите на некои земји. Научниците и активистите се револтирани што меѓународните тела го одложуваат спроведувањето на мерките насочени кон спречување на глобалното затоплување. Во исто време, екстремните временски услови од Кина до САД укажуваат на климатската криза со која се соочува светот.
Енергетските претставници на членките на Г-20 требаше да дадат заедничка изјава на крајот на четиридневната средба во Бамболин, град во индиската крајбрежна држава Гоа, но на крајот тие се откажаа од тоа поради меѓусебно несогласување за повеќе прашања. Еден од нив е планираното тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија до 2030 година.
Консензус не беше постигнат ниту во однос на напорите развиените земји до 2025 година да собираат 100 милијарди долари годишно за климатски активности наменети за економиите во развој. Не можеа ни да се договорат за војната во Украина.
Упатени извори велат дека целодневната дискусија главно се однесувала на употребата на фосилни горива, но надлежните не успеале да постигнат консензус кога станува збор за нивната намалена употреба.
Индискиот министер за енергетика Синг на брифингот за печатот по конференцијата, рече дека некои земји сакаат да ги искористат предностите од задржувањето на јаглерод диоксид од атмосферата наместо да работат на постепено исфрлање на фосилните горива.
Екстракција и складирање на јаглерод диоксид е технологија чија цел е да ги намали емисиите на CO2, создадени со употреба на фосилни извори на енергија, во атмосферата. На овој начин се ублажува влијанието на употребата на фосилни горива врз глобалното затоплување. Синг не откри за кои земји станува збор.
Но, познато е дека главните производители на фосилни горива – Саудиска Арабија, Русија, Кина, Јужна Африка и Индонезија се против целта за тројно зголемување на капацитетот на обновливите извори на енергија во оваа деценија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Во октомври годишен раст од 11,0 отсто на вкупните депозити и од 9,2 отсто на вкупната кредитна поддршка
Годишниот раст на вкупните депозити изнесува 11,0%, којшто произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 9,2% како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на следниот линк.
Економија
Преку Wine vision by Open Balkan ќе се промовира македонското врвно вино и традиционалната македонска храна
Од 22 до 24 ноември оваа година се одржува најголемиот саем во Белград „Wine vision by Open Balkan“ каде што свое место ќе заземе и македонското вино и традиционалната македонска храна.
Оваа година од Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 наши винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Токму на овој настан посетителите ќе имаат можност да ги вкусат врвните македонски вина, да се запознаат со нашите традиционални вкусови и гастрономски особености.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поддржува нашите изложувачи се со цел да се промовираат земјоделските производи и да се прошири извозот на истите надвор од границите на државата.
Во склоп на настанот кој што се одржува овие неколку дена ќе се одржи и македонска вечер на која што ќе присуствуваат високи делегати и владини претставници од други држави.
Преку македонската вечер присутните гости ќе се запознаат со богатството со кое што располага Македонија кога станува збор за вино и храна, велат од МЗШВ.
Економија
Следната недела ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост
Следната недела, од 26 до 28 ноември, ќе се одржи осмото издание на Деновите на финансиската писменост, коишто ги организираат финансиските регулаторни институции во соработка со приватниот финансиски сектор и граѓанските здруженија. Конкретно, организаторите се Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално пензиско осигурување ‒ МАПАС и Агенцијата за супервизија на осигурување.
Деновите на финансиската писменост ќе бидат организирани главно како едукативни предавања. Сите институции коишто учествуваат во годинешното издание, преку своите веб-страници и преку страниците на социјалните мрежи, ќе ги информираат граѓаните за активностите и за настаните што се планираат, известувајќи и за начинот на пријавување на секој заинтересиран граѓанин.
Финансиските регулаторни институции ги повикуваат граѓаните да ги следат информациите за планираните активности и активно да се вклучат во годинешното издание на Деновите на финансиската писменост. Целта на оваа акција е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да се зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Конкретно, Народната банка организира Јавен повик до јавноста за земање учество на повеќе едукативни активности. На првиот ден, Народната банка ќе ги отвори вратите за сите заинтересирани лица коишто ќе можат да се информираат за правата на потрошувачите на финансиските услуги. Вториот ден ќе бидат организирани три он-лајн предавања на три теми: „Во светот на финансиите – Финансиска едукација за средношколци“, „Заштитни елементи на македонските пари“ и „Платежна сметка со основни функции“. Во текот на третиот ден ќе биде организиран студентски час во просториите на Народната банка наменет за студентите од факултетите во земјата на следните три теми: „Монетарната политика на Народната банка“, „Улогата и значењето на статистичките податоци на Народната банка“ од страна на претставници на Народната банка и „Младите и финансиската едукација“ во соработка со Здружението Алпбах.
Во текот на годинава, финансиските регулаторни институции спроведоа голем дел од планираните активности во сферата на финансиската едукација и финансиската инклузија. За следниот период се очекува дополнително засилување на ваквите активности, имајќи го предвид спроведувањето на Националната стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија.