Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали Груби има возачки дух па доби Ауди А6, кое не го пријавил, зошто не го купил официјалано, исто како што Дрин Ахмети имаше претприемачки дух па ја доби Соравија?
Зошто Груби го нема пријавено автомобилот кој е запален во неговиот анкетен лист?
Бараме ЈО да отвори постапка за прикривање на имот, потенцијално даночно затајување и злоупотреба на службена положба и овластување против Груби, кој автомобилот за кој цела влада потврди дека е негов не го пријавил во својот анкетен лист, и не го запишал на свое име.
Бујар Османи, Крешник Бектеши и другите министри од владата потврдија дека запалениот автомобил е возило на Груби. Според евиденцијата која ја објавија медиумите, автомобилот е во посед на друго лице за кое Груби вели дека му е пријател, велат ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
-Кој е тој пријател на Груби кој купил Ауди А6 возило вредно 80.000 евра и наместо да го вози сам го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свие возило? Дали Груби има возачки дух па доби Ауди А6, кое не го пријавил, зошто не го купил официјалано, исто како што Дрин Ахмети имаше претприемачки дух па ја доби Соравија?, – прашуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат ЈО да не го пробива дното и да отвори постапка. ДКСК да не молчи и да реагира. Дополнително да каже дали Груби е еден од функционерите кои имаат свој имот запишан на име на трети лица, за кои говореше нивната претседателка Билјана Ивановска?
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

