Свет
Талибанците: вратоврската го претставува христијанскиот крст, треба да се забрани
Вратоврската што ја носат мажите го симболизира крстот во христијанската вера, рече висок талибански функционер во Авганистан, нагласувајќи дека треба да се забрани.
„Понекогаш кога одам во болница или во некоја друга институција, среќавам лекари или инженери, авганистански муслимани кои носат вратоврски“, рече Мохамад Хашим Шахид Врор, шеф на владиниот оддел задолжен да го oбучува населението како најдобро да ги почитува исламските принципи.
Симболиката на вратоврската е јасна во исламот, рече тој на прес-конференцијата што ја емитуваше „ТВ Толо“.
„Што е вратоврска? Тоа е христијански крст. Шеријатот (исламскиот закон) ви наредува да ја симнете“, додаде тој.
Откако се вратија на власт, талибанците не наметнаа никакви правила за тоа како мажите треба да се облекуваат. Во исто време, жените мора да бидат целосно покриени кога ќе ги напуштат своите домови. Речиси сите талибански функционери носат шалвар, широки панталони и традиционална туника со елек и турбан на главата.
Западната облека е поретка во Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта, но кошули и вратоврски сè уште се носат во некои професии. Дури и претходно, авганистанските администрации се обидоа да наметнат кодекси за облекување на населението или барем на државните службеници.
За време на деценијата на советската окупација, по инвазијата во 1979 година, државните службеници беа охрабрувани да носат костуми наместо традиционални носии. Поранешниот претседател Ашраф Гани, кој избега од земјата во 2021 година кога Талибанците пристигнаа во Кабул, носел западна облека кога бил во странство и традиционални носии дома.
Во текот на дваесетте години од бунтот, талибанските борци носеа шалвар камиз, но по преземањето на власта, на вооружените сили им беа дадени модерни воени униформи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Италијанската полиција конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 луѓе
Во голема операција против илегалната трговија со дрога италијанската полиција откри и конфискува 1,4 тони наркотици и уапси 384 лица.
Во операцијата 655 лица се ставени под истрага, од кои 39 малолетни, а конфискувани се 35 килограми кокаин и повеќе од 40 парчиња огнено оружје.
Полицијата изврши контроли и во 312 продавници за канабис, при што привремено се затворени пет продавници во три града откако биле извршени 312 контроли. Конфискувани се 296 килограми производи од канабис.
Италија во јуни одобри безбедносен декрет со кој се забранува така наречениот „легален“ канабис и трговијата со „лесен канабис“ или коноп се прогласува за нелегална трговијата, кој, за разлика од марихуаната, нема психоактивни ефекти.
Свет
Во САД заврши првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација, соопшти Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во САД веќе е завршена првата рунда разговори меѓу украинската и американската делегација и оти очекува извештај од шефот на украинската делегација Рустем Умеров пред следната рунда преговори.
Зеленски го изјави тоа за време на заедничкото обраќање до медиумите со премиерот на Португалија Луис Монтенегро.
– Нашиот тим ќе ме контактира, така се договоривме, и ќе ми ги изнесе резултатите од првиот блок на дијалогот, по што ќе одлучиме како да продолжиме, рече Зеленски.
Тој додаде дека во САД се наоѓаат и претставници на Русија и Европа, истакнувајќи дека ќе може да зборува за деталите од разговорите откако ќе го добие извештајот од Умеров.
Свет
Американски напад врз Сирија, загинаа припадници на Исламска држава
Најмалку пет припадници на Исламска држава загинаа во синоќешните американски напади врз цели на ИД во Сирија, соопшти Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон.
– Помеѓу загинатите е и „водачот на ќелија“, задолжен за беспилотни летала. Тие се убиени во покраината Деир ез Зор, изјави претставникот на Сирискиот центар, Рами Абдел Рахман.
САД синоќа соопштија дека погодиле повеќе од 70 цели во неколку области на Сирија. Според неименуван безбедносен извор нападите биле насочени кон ќелиите на ИД во покраините Хомс, Деир ез Зор и Рака.
Претседателот на САД, Доналд Трап на сопствената платформа „Трут соушл“ (Truth Social), откако Пентагон соопшти за операцијата против Исламска држава, објави – „Напаѓаме многу силно против бастионите на ИД“.
Американската армија изврши „масовен напад“ врз цели поврзани со ИД во Сирија, како одговор на смртоносниот напад врз американските сили. На 13 декември во пустинска област во централната сириска покраина Хомс загинаа двајца американски војници и еден цивилен преведувач. Вашингтон за нападот ја обвини џихадистичката група, но ИД не презеде одговорноста за нападот.
Целта на операцијата, според Вашингтон, е да се ослабат капацитетите на ИД за понатамошно дејствување и да се спречат напади врз американскиот персонал во Сирија. Во Сирија распоредени се околу 1.000 американски војници.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека операцијата „Хајкај страјк“ (Hawkeye Strike) е насочена кон елиминација на „борци, инфраструктура и локации со оружје“ на ИД. Тој посочи дека метите се избрани за да се погодат клучните ресурси на ИД, вклучително и оперативните капацитети и логистичка поддршка.
– Ова не е почеток на војна – ова е декларација за одмазда. Денеска ги гоневме и убивме нашите непријатели. Многу од нив. И ќе продолжиме да го правиме тоа, наведе Хегсет на социјалните мрежи.
Изминатите месеци Коалицијата предводена од САД против ИД изврши неколку воздушни напади и копнени операции во Сирија, насочени кон осомничени членови на терористичката организација. Во операциите беа вклучени и припадници на сириските безбедносни сили.

