Македонија
(Видео) Од провокации до ескалација: Бугарски навивачи влегоа во Чаир, беа каменувани
Снимки од кршење на возило во Чаир, спроведување на навивачи до арената „Тодор Проевски“ од страна на полицијата и провокации од бугарски навивачи насочени кон Македонците, речиси цел ден кружат на социјалните мрежи. Ова се случуваше пред денешниот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Натпреварот е од висок висок ризик, а полицијата цел ден е мобилизирана да спречи можни инциденти. Но, веќе медиумите јавуваат дека бугарски натпреварувачи влегле во Чаир со два автомобили, каде биле каменувани од локалните жители. Од објавената снимка се гледа како неколку мажи фрлаат со предмети по автомобилот кој е со искршено стакло. „Макфакс“ побара информација од МВР, дали овој инцидент е пријавен. Оттаму ги прават потребните проверки.
Дека е можна ескалација пред натпреварот, најава беа снимките објавени од бугарски здруженија. На нив се гледа како навивачки групи веат бугарски знамиња додека доаѓаат накај Скопје и порачуваат дека тоа ќе е секојдневие.
„Ваква е состојбата денеска во македонските градови. Ако Бугарите во земјава не беа систематски прогонувани, ова што го гледате на видеото ќе беше секојдневие!“, стои под снимката.
Пред почетокот на натпреварот, на инстаграм профилот „Левски фанс официал“, беше објавена фотографија на навивачи со бугарско знаме и парола: „Македонија е Бугарска“.
View this post on Instagram
Европската фудбалска куќа (УЕФА) го просласи за меч од висок ризик поради што се очекува МВР да ги преземе сите мерки и активности за гарантирање на безбедноста во и надвор од теренот со цел да се избегнат можни немири.
На трибините на нашиот најголем стадион се очекуваат над 1000 навивачи да го бодрат Левски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

