Македонија
Ова е напад врз државата, рече Спасовски кој го посети струшкиот началник по обидот за убиство
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски во струшката болница го посетија струшкиот началник на полицијата врз кого вчера беше извршен брутален обид за убиство, а кој во моментов се наоѓа во стабилна здравствена состојба.
Посакувајќи му што поскоро опоравување на повредениот началник, Спасовски го повтори својот став дека напад на припадник на македонската полиција е напад на државата, поради што мора да има најстроги санкции за тој кој ќе се осмели да изврши таков чин на насилство.
„Насилството е последното прибежиште на криминалците, последниот обид да ги заплашат оние кои се задолжени за спроведување на законот. Затоа казната од правосудните органи треба да е брза, навремена, строга и без отстапки. А последниот удар на полицијата до конечна пресметка со криминалот – најсилен“, порача Спасовски по посетата.
Вчера на улицата Ристо Крле во Струга осомничениот С.Н. со своето возило му го попречил патот на началникот Д.А., кој бил во неговото возило и прво вербално го нападнал, а потоа му нанел повреди со остар предмет, по што се дал во бегство. Началникот бил пренесен во болницата во Струга, каде му е укажана лекарска помош.
Осомничениот е приведен и одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Бошњачката заедница е нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва присуствуваше на одбележување на Меѓународниот Ден на Бошњаците, во организација на Странката на демократска акција на Македонија (СДА).
Во обраќањето пред присутните, Филипче прача дека бошњачката заедница е нераскинлив дел од општеството и има значаен придонес во развојот и напредокот на Северна Македонија.
„Граѓаните Бошњаци по измените на Уставот од 2001 година, станаа дел од преамбулата и на нашиот Устав. Со нивната традиција, како составен и нераскинлив дел од нашето мултиетничко општество, имаат значаен придонес во развојот и напредокот на државата. Бошњачката заедница во Северна Македонија активно се вклучи во успешниот концепт „Едно општество за сите“, со кој Северна Македонија сега е пример во Ервопа и регионот за дијалог, меѓусебно разбирање и почитување“, рече Филипче.
Воедно, претседателот на СДСМ, Филипче ја потенцираше важноста на Странката на демократска акција на Македонија (СДА), која како коалициски партнер на СДСМ, изминативе години даде поддршка на развојните политиките во периодот на Владата на СДСМ.
„Во основното образование за учениците Бошњаци се врати редовната настава на босански јазик, Северна Македонија и Босна и Херцеговина потпишаа серија на билатерални договори во интерес на граѓаните,Скопје и Сараево станаа збратимени градови. Со својата прогресивна идеологија во изминатите години, СДА активно учествуваше во сите процеси кои ја придвижија државата напред, како што е членството во НАТО и започнувањето на преговорите со Европската Унија“, рече Филипче, додавајќи дека токму тоа и е разликата СДСМ и актуелната власт .
Филипче во своето обраќање нагласи дека СДСМ и СДА и во иднина ќе делуваат заеднички и ќе се залагаат за соживот,меѓусебна почит и интеграција на државата.
„ За жал деновиве сме сведоци на едни политики кои ја враќаат државата назад во изолација, нешто за што граѓаните не гласаа. И тоа не смееме да го дозволиме, не смееме да се откажеме од европскиот пат, од европска иднина за нашите граѓани. СДСМ и СДА и понатаму ќе продолжат да делуваат заеднички, ќе се залагаме за демократските вредности и инклузија на сите заедници, за интеграција, а не за изолација на државата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Промена на времето: УХМР за утре најавува дожд, силен ветер и драстичен пад на температурите
Управата за хидрометеоролошки работи најавува значителна промена на времето утре – дожд, засилен ветер и пад на температурата.
Утре под влијание на влажна и постудена воздушна маса од север ќе настапи позначителна промена на времето. Од утринските часови најпрвин во северните делови, ќе има повремени врнежи од дожд и локална појава на грмежи. Ќе дува силен ветер (наместа над 70км/ч.) кој ќе продолжи и во понеделник.
ИЗВОР: УХМР
Дневната температура значително ќе се намали (утре за 6 до 8, а во понеделник уште за дополнителни 4 до 6 степени). Потоа во следните два дена времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Во Скопје, утре ќе има повремени врнежи од дожд, локално со појава на ретки грмежи и силен ветер.
Од четврток се очекуваат нови врнежи од дожд.
Македонија
Претседателката Сиљановска Давкова се сретна со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки учеството на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, оствари средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Алан Берсе.
На средбата беа разменети мислења за целите и приоритетите насочени кон демократизацијата на македонското општество, човековите права и владеењето на правото. Реафирмирајќи ја посветеноста за натамошна конструктивна соработка со Советот на Европа, претседателката Сиљановска Давкова изрази задоволство од континураната поддршка за нашето целосно усогласување со европските стандарди и вредности.
Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи важноста од кредибилно постапување на Европската Унија во однос на интеграцијата на земјите од Западен Балкан кога напредокот на поединечните кандидати е евидентно заслужен. Таа се осврна и на неопходното обезбедување усогласеност со обврските што земјите-членки ги презеле, вклучително и правилното спроведување на пресудите на Судот во Стразбур.
Соговорниците разговараа и за актуелните безбедносни состојби во Европа, со акцент на војната во Украина, како и за потребата од посветеност и заеднички пристап кон сегашните и идните предизвици какви што се влијанието на новите технологии и климатските промени врз човечките ресурси.
На средбата претседателката Сиљановска Давкова упати честитки до новоизбраниот генерален секретар на Советот на Европа, Алан Берсе, изразувајќи искрени желби за успешно исполнување на важната мисија и продолжување на плодната соработка со македонските институции.