Македонија
Владата: Системот за наводнување Макарија за кус период е комплетно саниран
Системот за наводнување Макарија е саниран, проблемот со оштетување е надминат, земјоделците во Росоман од утре ќе имаат вода. Благодарение на брзата реакција на Владата, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, АД Водостопанство, професорите од Градежниот факултет во Скопје, изведувачот како и поддршката од локалната самоуправа, за многу кус период од месец и половина изнајдено е решение за дефектот на системот за наводнување.
Владата, на една од минатите седници го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да достави предлог измена на Програмата за водостопанство, со што се обезбедија потребните над 1,3 милиони евра за санација на проблемот.
Владата успеа да обезбеди ефикасно наводнување на земјоделските површини со цел да се запази сезоната за наводнување и очекуваниот принос на земјоделските култури.
Се работи за непристапен терен, за систем за наводнување кој е оставен на забот на времето над 50 години.
Со цел да им се надомести штетата, за земјоделците од Росоман и Градско, предвидено е обештетување за настанатите штети на овошните насади поради дефектот на системот за наводнување Макарија.
Земјоделците деновиве треба да се пријават во општинските комисии за проценка на штетите од сушата и неостварените приноси, а потоа врз основа на тие податоци Владата ќе донесе одлука за обештетување.
Земјоделците од Росан навреме ги добија субвенциите, односно 290 милиони денари, во еден ден беа префрлени на сметките на 10.604 производители кои се занимаваат со овоштарство.
„Овоштарството е наша важна земјоделска гранка. Оваа година за прв пат започнува авансната исплата на субвенциите, со што производителите на праски до крај на годината ќе добијат уште една финансиска поддршка од 12.000 денари по хектар како дел од новиот модел на брза и ефикасна исплата на субвенциите. Наместо во 2024 година овие пари земјоделците ќе ги добијат до крајот на 2023 година.
Дополнително, согласно новата Програма за откуп на свежо овошје и зеленчук, од минатата недела, за 38.000 деца од сите градинки во државава, веќе тече дистрибуцијата на 880.000 килограми свежо овошје. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм свежо сезонско овошје од прва класа. Ова е уште една поддршка за производителите на праски од Росоман, што има позитивно влијание во делот на откупот.
Со цел да имаат помали производствени трошоци, во најскоро време, ќе се дистрибуираат и картичките за зелена нафта како дополнителна поддршка при што производителите на праски добиваат околу 6.000 денари по хектар финансиска поддршка за зелена нафта.
И во следниот период, продолжуваат капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, односно на реконструкција и изградба на модерни системи и брани за наводнување. Овие инвестиции значат намалување на трошоците и загубите во производството, а од друга страна, влијаат на зголемување на производството на храна и создавање на модерно и европско земјоделство“, велат од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во Белград: Регионалното поврзување е клучно за забрзување на европската интеграција
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вечерва во Белград учествуваше на работна средба со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Централноевропската иницијатива (ЦЕИ).
Фокусот на разговорите беше ставен на проширувањето на Европската унија, актуелните геополитички околности и предизвиците што произлегуваат од нив, како и на регионалната безбедност и неопходноста од засилено регионално поврзување и соработка.
Министрите уште еднаш ја потврдија важноста на ЦЕИ како стабилна платформа за продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес, унапредување на партнерствата и ефективно справување со регионалните предизвици.
Во своето обраќање министерот Муцунски ја нагласи улогата на регионалното поврзување и регионалните иницијативи како клучни алатки за забрзување на европската интеграција – најзначајниот процес за поддршка на мирот, безбедноста и економскиот развој на континентот. Тој ја потврди целосната посветеност на Република Северна Македонија на европскиот пат, нагласувајќи дека тоа е геостратешка неопходност за стабилен, сигурен и просперитетен регион.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Фемицидот е еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел-дискусијата насловена „Од пријавување на насилството до спречување на фемицид – системски одговор“, организирана од мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа истакна дека и покрај бројните конвенции, закони, стратегии и проекти, рапидно расте родово-базираното насилство и бројот на убиените жени само затоа што биле жени. За неа, фемицидот е последица на насилство коешто се случувало во континуитет, а не било превенирано или санкционирано.
Според неа, борбата против фемицидот мора да започне дома, во градинка и во основното образование, да продолжи со правни акти и институционални механизми, вклучувајќи ги и јавно-обвинителските и судските.
Сиљановска-Давлова посочи дека ако фемицидот е системски предизвикан проблем, тогаш и неговото решавање мора да биде системско.
На првиот панел се обратија и амбасадорот Килиан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Ѓоко Велковски, заменик-министер за социјална политика, демографија и млади и Муамет Реџепи, помошник на министерот за внатрешни работи, презентирајќи свои видувања, податоци и решенија за надминување на еден од најтешките општествени проблеми со коишто сме соочени.
Во вториот панел се обратија: Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права, јавната обвинителка Фатиме Фетаи, судијката Габриела Гајдова, Светлана Цветковска од Mинистерството за социјална политика, демографија и млади и Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Секоја од нив, во рамките на својата работа ги детектираше најголемите слабости во справувањето со насилството врз жените, вклучувајќиго и фемицидот, оценувајќи ја позитивно воспоставената соработка со надлежните институции, како гаранција за позитивен исчекор во оваа битка. Сите ја поздравија нововоспоставената платформа Femicide Watch.
Сите учесници беа согласни дека покрај 16 дена активизам, потребно е 349 денови ангажман на сите во справувањето со фемицидот.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.

