Регион
Вучиќ ја коментира состојбата во Украина: „Ако заврши војната, светот ќе процвета за еден месец“
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска е во посета на Прибој, од каде што ја коментира војната во Украина.
„Само ако престанат да ја водат оваа војна… кредитите сега се скапи. Горивото порасна драстично“, рече Вучиќ и изрази надеж дека поради изборите во Америка, нешто може да се промени во врска со војната.
„Имаат две опции. Едната е да го напаѓаат Трамп претставувајќи се како попатриотски настроени и помагајќи и поддржувајќи ја Украина, што не сум сигурен дека ќе им донесе победа, зборувам за демократите. Втората е да се стави крај на војната и да се претстават како оние што донесоа мир. Во тој случај целиот свет би ги славел. Еден месец по завршувањето на војната во Украина, целиот свет ќе процвета“, изјави Вучиќ.
Но, тој сепак повика на претпазливост.
„Поради војната, секогаш мораме да бидеме подготвени за потешки ситуации и кризи“, рече Вучиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Завршено сослушувањето на новите сведоци во истрагата за убиството на малата Данка
Денеска, заврши сослушувањето на новите сведоци во истрагата за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ кога на прашања пред Вишото јавно обвинителство во Заечар, покрај брачниот пар Трајковиќ од Бањско Поле, одговараше Далибор Јовиќ.
Пред обвинителот вкупно три часа зборуваа тројца сведоци, а цело време беа присутни осомничениот и родителите на убиеното девојче.
Имено, веднаш по излегувањето од рочиштето, Јовиќ на насобраните новинари им порача дека не смее да каже ништо за да не ја загрози истрагата.
„За целта на истрагата не смееме да кажеме што му кажавме на јавниот обвинител. Останувам на мојот исказ што го дадов во полиција“, нагласи Јовиќ пред медиумите пред зградата на Обвинителството во Заечар.
Јовиќ рече и дека првпат се среќава лице в лице со осомничените за убиството на Данка, Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ, но дека и претходно бил сослушан во полициска станица.
„Пред неколку месеци веќе бев сослушан во полициска станица, а сега го кажав истото како и тогаш, џогирав, но ништо конкретно не видов“, изјави овој сведок.
Покрај него, сослушана е и брачната двојка Трајковиќ, кои истакнаа дека сè уште стојат зад зборовите што ги кажале претходно кога станува збор за страшното злосторство.
Тие во еден глас, како што пренесуваат српските медиуми, кажале дека остануваат на првичните изјави – дека во тој момент биле зад куќата и дека ништо ниту виделе ниту слушнале.
Регион
Експлозија во Загреб, разбојници разнеле банкомат
Непознати разбојници разнеле банкомат во загрепски Бузин. Полицијата го блокирала патот.
„Утрово, поминував покрај бензинската пумпа и видов дежурна полиција во близина на банкоматот. Некој го разнел во текот на ноќта“, изјавил жител на Загреб за „24 сата.хр“.
Станува збор за банкомат што се наоѓа во непосредна близина на бензинската пумпа на аголот на авенијата Вечеслава Хољевац и улицата Бани.
Полицијата веднаш излегла на терен со четири возила.
Отпадоци имало насекаде, а засега нема информации колку пари успеале да украдат.
Регион
Група туристи од Црна Гора заглавени на аеродромот на Сицилија: се активира вулканот Етна, издадено црвено ниво на предупредување
Група туристи од Црна Гора не се вратија од Сицилија како што беше планирано бидејќи летовите беа прекинати во четвртокот поради активирање еден од најголемите кратери на вулканот Етна.
Граѓанин на Црна Гора, кој бил на краток одмор на Сицилија, се пријавил на подгоричкиот портал ЦдМ и пријавил дека спиеле на аеродром и чекаат информација кога повторно ќе бидат возможни летовите. За новиот лет, рече тој, ќе треба да купат нови билети.
Според него, „Рајанер“ нема летови до недела, а „Визер“ утре има лет за Тирана.
Италијанската цивилна заштита објави црвено ниво на предупредување и предалармна оперативна фаза за вулканот поради ерупцијата на Етна, пишува „Палермо Република“, пренесува порталот „Подгорица“.