Македонија
СДСМ: Резолуцијата во американскиот Сенат е уште една потврда за државничките политики

Резолуцијата во американскиот Сенат да се слават македонскиот јазик, култура и историја е уште една потврда за успешноста на меѓународната политика на СДСМ и признание за конструктивната улога на Македонците во градењето на американското општество, велат од владејачкиот СДСМ.
„По Резолуцијата во Германскиот Бундестаг со Резолуцијата во САД гордост е да се знае дека македонските јазик, култура и историја добиваат признанија и промоции насекаде низ светот.
Наспроти повеќемесечните лаги на ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет, факт е дека тие како никогаш порано не се повеќе заштитени и потврдени во светот.
СДСМ продолжува да работи на дополнителна меѓународна афирмација на македонскиот јазик, култура и посебност и да ги остварува стратешките цели на државата“, наведуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски за акцијата за намалување на училишниот прибор: ДПИ е на терен, немаме нарушувања на веќе договореното

Државниот пазарен инспекторат е на терен гледа дали се почитува, засега немаме објективни нарушувања на веќе договореното, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како е задоволен од акцијата за намалување на училишниот прибор.
„Владата на седница донесе одлука со која обезбеди попуст заедно со трговците и снабдувачите на училишниот прибор помеѓу 10 и 15% на маржата, во зависност дали е на големо или на мало, а репер е цената од 1-ви јуни 2025 година. Задача е на трговците да означат која била цената на 1-ви јуни 2025 година и врз база на тоа да обезбедат попуст помеѓу 10 и 15% и да истакнат на влезот од продавницата натпис во којшто има „Помалку трошоци, повеќе за граѓаните”. ДПИ е на терен гледа дали се почитува, засега немаме објективни нарушувања на веќе договореното“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет

Ова е втора арбитража што оваа Влада ја добива и очекуваме барем уште две во периодот што следува, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање што подразбира одлуката за „Казандол“.
Премиерот Мицкоски посочи дека треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега тие се добиваат.
„Вистинското прашање е како во минатото беше пракса да се губат арбитражите и како сега наеднаш тие се добиваат во полза на државата. Треба тоа да се истражи, да видиме зошто она се случувало во минатото, ние да направивме одредени промени во адвокатскиот тим, но некако симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи, а сега ги добиваме“, рече тој.
Во однос на шпекулациите, Мицкоски истакна дека не е точно оти по арбитражната постапка, повторно ќе се отвори рудникот „Казандол“.
„Причина за да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на Владата за формирање на рудникот ‘Казандол’. Сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, имаат штета и повеле арбитража против државата во вредност од 115 милиони евра, односно имале отштетно побарување од 115 милиони евра. И го изгубија. И тоа значи дека тие веќе немаат концесија. Така што не е вистина дека со ова што компанијата изгубила, сега веќе ќе има отворање на рудникот. Тоа е повторно конструкција и обид за манипулација од одредени кругови што не ѝ мислат добро на Македонија и на граѓаните“, рече Мицкоски.
Македонија
Алиу: Лекарите по семејна медицина имаат суштинско значење во системот

Министерот за здравство Азир Алиу денеска одржа работна средба со претседателот на Здружението на лекарите по семејна медицина (ЗЛОМ), д-р Драган Ѓоргиевски, и со претставници од Здружението, на која се разговараше за повеќе актуелни теми, со фокус на унапредување на електронското здравство и можностите за укинување на хартиениот картон.
„Лекарите по семејна медицина имаат суштинско значење за превенција, рано откривање на болестите и континуирано следење на здравјето на пациентите. На денешната средба разговаравме за разните начини за стимулирање на семејните лекари за отворање нови ординации, како и за континуирана здравствена заштита во помалите населени места. Во таа насока интензивно работиме на промени на 12 закони, меѓу кои и дигитализација и надградба на националниот систем ‘Мој термин’, со цел унапредување на здравствениот систем и оптимизација на здравството во Македонија“, истакна министерот Алиу.