Македонија
Пендаровски: Да градиме европска, а не емигрантска македонска држава

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до граѓаните по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката
„Денеска, на нашиот најсветол празник Илинден се потсетуваме на генерациите кои се изборија за двете наши републики – Крушевската во 1903-та и АСНОМ-ската во 1944-та година.
Водени од прогресивни идеи за политичка слобода и социјална правда, младите беа вистинските двигатели на двата Илиндена. Младите први се кренаа во борба против фашизмот и станаа најборбеното јадро на народноослободителната војска. Самиот АСНОМ, пред сè, беше заседание на младите. Ние денес имаме слободна македонска држава, благодарение на младите од илинденската и од антифашистичката генерација.
Младите се клучни за каква било општествена трансформација, од народни востанија и револуции, па сè до креирање политики и спроведување реформи.
Но, за да ги мотивираме младите да останат и да се вклучат во изградбата на европска Македонија, мора со европски реформи да ја градиме нашата држава како праведна и прогресивна република во која македонските граѓани ќе имаат пристоен живот, добро образование, квалитетно здравство, ефикасен правен систем што ќе ги искоренува криминалот, корупцијата и непотизмот. Токму европската интеграција ќе ни помогне да го оствариме овој витален национален интерес. Затоа, мора без одлагање да ги надминеме разликите, да се сплотиме околу итно започнување на преговорите и да престанеме да им го трошиме времето на младите. Бидејќи, ако ја пропуштиме и оваа шанса, ќе го изгубиме виталниот дел од македонското општество.
Драги сограѓани,
Тешко е да се стекне слободна држава, но уште потешко е да се изгради и одржи слободно и праведно општество. Додека првото е дело на една генерација, второто станува обврска на сите наредни поколенија. Затоа, да се сплотиме за иднината на младите и сите заедно да градиме европска, а не емигрантска македонска држава.
За многу години Илинден!“, се вели во честитката на Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кисела Вода отворен нов парк со сообраќаен полигон

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, свечено го отвори новиот парк со прв инклузивен сообраќаен полигон во општината, простор наменет за игра, учење и развој на сите деца, вклучително и на децата со попреченост.
На местото на поранешниот запоставен простор, општината доби нов, современо уреден простор од околу 1.250 м², лоциран во рамки на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Паркот е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за подобрување на животната средина и создавање нови зелени површини. Во изминатите четири години, беа оформени и уредени над 80.000 м² ново зеленило, со што значително се унапреди квалитетот на живеење. Полигонoт, пак, е прилагоден за потребите на сите деца и опремен со пристапни патеки, визуелни елементи и тактилни површини.
-Грижата за лицата со попреченост е еден од врвните приоритети во нашата работа. Отворањето на овој парк и инклузивен сообраќаен полигон е конкретен доказ за тоа. Се наоѓаме во училиште кое има специјална задача, да обезбеди образование и поддршка за децата со оштетен вид, и не случајно, токму тука вложуваме во инфраструктура која е достапна и корисна за сите. Уште на почетокот на мојот мандат, започнавме да ја поддржуваме оваа установа со донација на книги напишани на Брајова азбука за училишната библиотека. Денес, таа поддршка добива и просторна димензија. Но, со овој парк испраќаме и друга силна порака- дека Кисела Вода останува посветена на создавање зелени, чисти и функционални површини што ќе им служат на сите генерации. Од депонии правиме паркови. Од запуштени простори, безбедни и уредени катчиња за децата. И тоа е визијата со која продолжуваме да ја менуваме општината на подобро- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Инаку, во Кисела Вода по извршената реконструкција, се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште во државата, „Кузман Јосифовски Питу“, како и првата инклузивна јавна детска градинка во Скопје. Со ваквите проекти, локалната самоуправа покажува дека грижата за најранливите категории не е само декларативна, туку реална и видлива на терен.
Македонија
Во моментот нема активни пожари, надлежните апелираат да се внимава за Илинденските празници

Според податоците на Центарот за управување со кризи (ЦУК), заклучно со 18:00 часот , нема ниту еден активен пожар. Шест се целосно изгаснати, додека еден е ставен под контрола.
Под контрола е пожарот во Општина Берово, во реонот на планината Готен кон Малешевските Планини, каде што е зафатена нискостеблеста шума, смрека, борова и букова шума, како и грмушки и ниска вегетација.
Во изминатото деноноќие, пожарните служби успешно се справија со шест пожари на отворен простор ширум земјата. Во Општина Карбинци, пожар избувна во шумскиот предел кај селото Јунузлија. Слична ситуација се случи и во Општина Кавадарци, каде што пламна ниска вегетација помеѓу селата Галиште и Ќесендре.
Во Општина Прилеп беа активни два пожара. Првиот се прошири од селото Бешиште, низ местото познато како Бешишки Рид, и продолжи кон територијата на Општина Новаци и граничниот појас со Грција. Вториот зафати поширок реон помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен, каде што гореше мешана шума и нискостеблеста вегетација.
Во скопската Општина Гази Баба беше изгаснат пожар во село Трубарево, каде што гореше отпад, додека во Општина Гевгелија беше изгаснат уште еден пожар во селото Милетево, кој зафати ниска вегетација.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, денеска апелираше за внимателност за Илинденските празници, за да не се предизвикаат пожари.
Македонија
Арсовска за Чаир: Денес 50 дивоградби, утре уште 50, луѓето не заслужуваат да живеат безбедносно загрозени

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска изјави дека до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници поврзана со сомнителни постапки за легализација и изградба на објекти во општина Чаир.
На брифинг со новинарите, Арсовска посочи дека станува збор за згради кои сѐ уште се градат – без документација, без проект, без платени комуналии и без статика.
„Ако нема санкционирање, денеска имате 50 згради што се градат. Утре ќе имате уште 50. Таму живеат луѓе, не бројки. И тие луѓе не заслужуваат да живеат во 12-катници без гаранција за нивната безбедност“, рече таа, предупредувајќи на сериозен преседан доколку институциите не постапат.
Документите доставени до обвинителството содржат, како што рече, докази за фалсификати, меѓу кои и изјави потпишани од лица кои во моментот на наводната изградба биле малолетни.
Таа ја нарече состојбата „очигледна операција на перење пари“, и нагласи дека ваков размер на криминал не е забележан во ниту една друга општина во Скопје.
Обвинителството веќе постапува по пријавата – одземена е документација од Општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски, а тече споредба на податоците со други институции.
Арсовска истакна дека не планира повторна кандидатура за градоначалник, но зад себе остава над 900 реализирани проекти, од кои 250 капитални, „и покрај сериозните опструкции од Советот на градот“.
Во однос на најавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ќе ја тужи, Арсовска одговори дека ќе и биде задоволство да ги соочи доказите со него, било каде и на било која платформа.