Македонија
Населените места не се загрозени поради пожарот кај Богданци, вели Стојанче Ангелов
Утре, рано наутро, околу 6 часот ќе продолжи гаснењето на пожарот кај Богданци. На помош се повикани пожарникари со теренски возила од Штип и Кавадарци. Потоа ќе се процени потребата од воздухоплови, објави вечерва директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Првиот човек на ЦУК смирува дека состојбата не е алармантна. Ниту едно населено место не е загрозено, гори нискостеблеста деградирана шума, грмушки и трева.
„Покрај пожарникарите од Гевгелија, Валандово, Кавадарци и Штип, како и тимови на ДЗС и Национални шуми од Валандово и Гевгелија, на располагање за утре имаме три Ер Трактори на ДЗС, два хеликоптери на МВР и еден на Армијата“, вели Ангелов.
Постои можност пожарот да се локализира во утринските часови без употреба на летала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: 15-ти ден Хирургија не функционира, државата е парализирана заради неспособноста на СДС и ДУИ
Петнаесетти ден Хирургија не функционира, државата е парализирана заради неспособноста на СДС и ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„15 дена ниту министерот за здравство Илир Демири, ниту власта во заминување на СДС и ДУИ не преземаа ниту еден чекор за решавање на проблемот на Хирургија.
СДС и ДУИ се 7 години на власт и не преземаа ништо за да се санира Хирургија во целост.
Наместо инвестирање во Хирургија СДС и ДУИ 7 години бркаа матни тендери во здравството, провизии од вакцини, трговија со терапија за рак, а пациенти добиваа физиолошки раствор.
7 години здравството пропаѓа. Состојбата на Хирургија е последица на негрижата и криминаллт на СДС и ДУИ. Одговорност мора да има“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Фестивал за домување во Скопје – во фокус прашања поврзани со домувањето и потребите на младите
Организацијата за домување и станари (ОДС) и Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје денес го организираат вториот фестивал за домување, со почеток во 12.00 часот во Паркот на франкофонијата во Скопје.
На овој настан ќе се отворат прашањата поврзани со домувањето и потребите на младите, пристапното и достапно домување, родовата перспектива во домувањето, правата на потстанарите, безбедноста и сигурноста во домувањето, одржливото домување, граѓанското учество во донесувањето одлуки, како и за многу други важни теми.
Предвидено е учество на експерти од Шведска, Германија, Белгија и Меѓународната унија на станари, кои во партнерство со ОДС развиваат соработка за унапредување на домувањето во Северна Македонија. На фестивалот поканети се и претставници од Регулаторна комисија за домување, други релевантни институции, граѓански организации, претставници на младински и студентски организации, и други засегнати страни во процесот.
Македонија
Претпладне топло, попладне нестабилно со пороен дожд и грмежи
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.
Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Попладне и кон крајот на денот ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени. УВ=7
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност, попладне во делови од котлината нестабилно со пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 31 степен.
Во следните денови ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен и југозападен правец. Во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, а поради големата енергија во атмосферата наместа процесите ќе бидат и во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.