Македонија
Со кои аргументи Апелација ја намали казната: Николов се кае, пред две години брат му загинал во сообраќајна несреќа, а избегал оти не можел да помогне

Обвинетиот многу се кае за стореното, пред две години во сообраќајна незгода загинал брат му, а пред кратко време ја изгубил и мајка си, што секако оставило длабока трага врз неговиот живот. Ова го пишува во пресудата на Апелацискиот суд за велешанецот Ангелчо Николов, кој наместо 18 години затвор, ќе треба да издражи 8 години за несреќата во која минатата година ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова и ја усмрти по што се даде во бегство повеќе од 30 часа, па самиот се пријави.
Во конкретниот случај, се вели во пресудата на Апелација, обвинетиот го напуштил местото на настанот бидејќи, од едена страна, не можел да ѝ помогне на жртвата, а од друга, се плашел од реакцијата на мајката на починатото дете. Самиот се пријавил во полициска станица и несомнено ја признал вината во текот на постапката, која во секој случај претпоставува и значи дека обвинетиот се кае за стореното.
Апелација во аргументите наведува и дека се работи за млад човек, неженет, досега е неосудуван и постапка за друго кривично дело не се води.

Извадок од пресудата на Апелација
Понатаму, Апелација додава дека првостепениот суд по однос на одлуката за висината на казната елаборира дека ваквата казна во траење од 18 години е пред сѐ поради ресоцијализацијата на обвинетиот, што во конкретниот случај секако може да се постигне и со далеку пократка казна затвор. Во согласност со ЗКП, признанието на вина упатува на обвинетиот да му се изрече казна со примена на одредбите за ублажување на казната, меѓутоа во конкретниот случај првостепениот суд признанието на вина го цени единствено како олеснувачка околност по однос на ефикасно завршување на постпката, меѓутоа не се стекнал со впечаток дека обвинетиот се кае за стореното иако таквиот заклучок е далеку од вистината.
„Обвинетиот Анѓелче Николов на јавната седница наведе дека ги прифаќа во целост жалбите поднесени од страна на бранителите и се согласува со одбраната дадена од страна на неговите бранители со дополнување дека е виновен за стореното, се кае за сѐ што се случило и го моли судот да му ја намали казната“, велат од Апелација.
Судот како олеснителни околности го зеде и тоа што Николов бил слабо имотен, немал оформено семејство, па смета дека со поблага казна позитивно би се влијаело на обвинетиот да се ресоцијализира.

Извадок од пресудата на Апелација
Пресудата на Апелација е донесена по пет месеци од изрекувањето на првостепената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.