Македонија
Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Аеродром доби пристапен лифт за децата со попреченост
Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во oпштина Аеродром, кое е едно од најголемите училишта во Македонија, добива нов пристапен лифт наменет за учениците со попреченост, со што се финализира уште еден важен циклус на инвестиции со кои ова училиште станува целосно инклузивно, со еднаков пристап за сите ученици, извести Општина Аеродром.
Градоначалникот Тимчо Муцунски на својот фејсбук-профил напиша дека инвестициите во образовната инфраструктура се реализираат со средства од буџетот на Општината и настојуваат почетокот на учебната година да биде одбележан со поквалитетни и современи услови за реализација на наставата.
„Голем дел од учениците во Македонија се соочува со пречки во образованието затоа што се разликуваат од другите. Преку инвестициите во унапредување на образовната инфраструктура настојуваме да ги отстраниме сите тешкотии со кои се среќаваат и да создадеме пристапен образовен процес преку кој ќе се исполни потенцијалот на секое дете“, напиша Муцунски.
Во ова основно училиште во изминатиот период се реализираа низа инвестиции, кои го подигнуваат нивото на инклузивност и овозможуваат еднакви услови за сите. Со поставувањето на овој лифт се заврши инвестицискиот циклус, во кој училиштето доби инклузивни тоалети, пристапни рампи, тактилни патеки и знаци, додаваат од Општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерот за правда Филков и Дејвид Гир разговараа за реформите во правосудството
Министерот за правда Игор Филков денеска оствари средба со шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
Се разговараше за состојбата со тековните и планираните реформски чекори во судството, , евроинтегративните процеси, Стратегијата за реформи во правосудството 2024-2028,состојбата со Судскиот совет , затворите како и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Во однос на законодавната агенда која треба да се реализира во периодот кој претстои се планира отворање на широка јавна дебата на сите засегнати чинители во која ќе бидат слушнати мислењата на експертската и општата јавност со цел да се дојде до најдобри реформски решенија за реализација на програмските цели на Владата .
Министерот Филков посочи дека во изминатите 10 дена откако ја презеде функцијата е информиран и целосно запознаен со процесот на преговори во делот на Поглавјето 23,, Правосудство и фундаментални права”, Планот за раст и 7-те цели од Реформската агенда, вклучување на невладините организации во дискусиите, како и активностите поврзани со реализација трите тековни проекти, еден од ЕУ и два од УСАИД.
Филков ја истакна определбата дека спроведувањето на реформската агенда е приоритет на државата при што останува клучна поддршката од ЕУ за стабилноста на земјата со надеж за продолжување на билатералната соработка во духот на заедничките вредности.
Делегацијата на ЕУ предводена од евроамбасадорот Гир ја поздрави посветеноста кон реформската агенда и ја истакна максималната поддршка за евроинтеграцискиот процес како и подготвеноста за континуирана соработка и обезбедување на сета потребна помош за спроведување на клучната реформска агенда.
Македонија
Гаши на парламентарниот самит на НАТО во Вашингтон
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, престојува во Вашингтон, САД, каде што ќе учествува на Парламентарниот самит на НАТО, во рамки на Самитот на Алијансата, по повод 75-годишнината од нејзиното формирање.
Самитот е во организација на Парламентарното собрание на Алијансата и ќе се одржи утре (9 јули), а покрај претседателот на Собранието, поканети се и претседатели на парламенти и шефови на делегации во ПС на НАТО од сите други земји членки.
За време на настанот, Гаши утре ќе има свое обраќање. На овој самит учествува и пратеникот Миле Талески, како в.д. претседател на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО.
Во текот на посетата на Вашингтон, предвидени се повеќе билатерални средби на претседателот Гаши со странски државници и високи американски претставници.
Делегацијата на Претставничкиот дом на САД во ПС на НАТО е домаќин на Парламентарниот самит, на кој ќе се соберат лидери на парламенти од 32 земји членки, како и Украина. Најавено е учество на 23 претседатели на парламенти.
Овој собир на високо ниво треба да ја покаже важноста на парламентарната димензија на Алијансата и да ги нагласи ставовите на сојузничките парламенти за клучните приоритети.
Македонија
Перински за 100. милиони евра што ќе ги добијат општините: Убеден сум дека ќе аплицираат со корисни проекти
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински денеска имаше состанок со градоначалниците од Скопскиот плански регион. На состанокот се разговараше за приоритетите на општините и за нивната подготвеност да реализираат проекти, кои што ќе бидат финансирани со средства од јавниот повик кој што веќе го подготвува Министерството за локална самоуправа.
„Јавниот повик ќе биде објавен веднаш по ребалансот на Буџетот и на општините ќе им бидат достапни првите 100 милиони евра за реализација на готови проекти. Убеден сум дека општините ќе аплицираат со квалитетни и корисни проекти кои што ќе одговорат на потребите на граѓаните“, рече министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Перински истакна дека Владата во континуитет ќе ги поддржува општините и затоа фокусот треба да биде ставен на подготовка на добри проекти и на проектна документација.
„Потребна е целосна посветеност на граѓаните и на нивните потреби. Владата и Министерството за локална самоуправа се подготвени и ќе инвестираат во квалитетни инфраструктурни објекти кои што ќе направат разлика и ќе го подобрат квалитетот на живеење во општините. Така ќе го поттикнеме развојот и на локално и на ниво на плански региони. Рамномерниот развој бара сериозни вложувања, нашите ветувања ги реализираме веднаш затоа што имаме за цел секоја општина да ги искористи сопствените потенцијали и да биде атрактивно место за живеење и за вложување во развојот“, рече Перински.