Македонија
Што е конго-кримска хеморагична треска, како се пренесува и како да се заштитиме
По смртниот случај со младата штипјканка, која почина од конго-кримска хеморагична треска поради каснување од крлеж, како и новиот случај на зараза потврден кај вработен на Клиниката за инфективни болести, кој бил во контакт со девојката, се поставува прашањето што, всушност, знаеме за оваа болест, како се пренесува, но и како да се заштитиме.
Надлежните смируваат дека не треба да се крева паника, а појава на нови случаи на конго-кримска хеморагична треска не очекуваат во блиска иднина.
Факти
Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широкораспространета болест, која се пренесува преку крлежи, предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae.
Вирусот на конго-кримска хеморагична треска предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска.
Смртноста од ККХТ достигнува и до 40 %.
Вирусот се пренесува на човек, пред сѐ, од крлежи на домашни животни. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрет, органи или други телесни течности на заболените лица.
ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и во Азија.
Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симптоматско.
Пренесување
Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Повеќето од случаите на заболување се однесуваат на луѓе што се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работници во кланици и ветеринарите.
Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрет, органи или други телесни течности на заболените лица.
Знаци и симптоми
Должината на периодот од заразување до појава на симптомите зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично од еден до три дена, со максимум девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет-шест дена, со документирани максимум 13 дена.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модринки, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно.
Случаи на конго-кримска хеморагична треска во Македонија имало и во минатото
Прва опишана епидемија на ова заболување во Република Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик, Тетовско. По оваа епидемија, лабораториски бил потврден еден случај во 2010 година.
Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата република и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.
Превенција и контрола
Мерките за превенција и контрола на заболувањето се насочени кон:
Намалување на ризикот од пренос од крлеж на човек:
- Доколку престојувате во место каде што има крлежи, носете облека што нема да остава откриени делови од телото – покријте ги рацете, нозете и другите експонирани делови – врат, глава;
- Носете светла облека за да се овозможи лесно откривање крлежи на облеката;
- Испрскајте ја облеката со спреј на база на синтетички пиретроид – перметрин или употребете купена, специјално третирана со перметрин облека за да се намали можноста за закачување на крлежите на облеката. Внимавајте да не прскате од спрејот на кожата на откриените делови од телото;
- Дополнителна заштита ќе ви обезбедат репелентите против крлежи и инсекти со посебна состојка, кои може да се нанесуваат на гола кожа. За постигнување максимален ефект, нанесувајте репелент на секои 1-2 часа ако престојот во ризични предели е подолготраен (поновите хемиски производи овозможуваат заштита од 8 до 12 часа). Употребувајте ги според пропишаното упатство бидејќи при честа и ексцесивна употреба кај деца, иако ретко, можни се несакани ефекти во смисла на сериозни невролошки компликации;
- По можна експозиција на убоди од крлежи, направете детаљна проверка на своето тело и на облеката, како и на телото и облеката на вашите децата. Особено внимание посветете им на влакнестите делови од телото, каде што крлежите најчесто се закачуваат, вклучително и главата, вратот и пределот зад ушите, особено кај децата. Крлежите исто често се закачуваат под пазувите, на ципите, под градите кај жените, на стомачните превиткувања и сл);
- Настојувајте да ги контролирате животните за присуство на крлежи и доколку има, соодветно да се елиминираат; и
- Избегнувајте региони каде што се присутни крлежи и делови од годината кога се тие најактивни.
Намалување на ризикот од пренос од животно на човек:
- Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на колење;
- Карантин на животните пред да влезат во кланици или рутински да се третираат со пестициди две недели пред колењето.
Намалување на ризикот од пренос од човек на човек:
- Избегнете близок физички контакт со лица заболени од ККХТ;
- Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болните луѓе;
- Редовно мијте ги рацете со вода и сапун по активностите за грижа/нега или посетата на болните луѓе.
Извор: Институт за јавно здравје
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

