Македонија
Маричиќ: Користењето на ИПА-фондовите клучно за забрзување на реформите и регионалниот развој

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, на својот фејсбук-профил објави дека од 2007 година досега во нашата држава се инвестирани вкупно 812.457.807,62 евра преку ИПА-фондовите на Европската Унија.
Според региони, Вардарскиот има најмногу инвестирани европски средства, во износ од 122.851.824,22 евра. Втор по искористеност на европските фондови е Пелагонискиот Регион, со вкупно 79.163.058,15 евра. Следуваат Скопскиот Регион, со 44.959.852,53 евра, Југоисточниот Регион, со 42.353.627,60 евра, па Источниот, кој има 37.079.873,71 евра, во Североисточниот Регион 34.418.739,01 евра, во Југозападниот Регион 31.171.375,34 и 29.044.517,85 евра во Полошкиот Регион.
„Граѓаните на земјите членки на ЕУ со тоа покажуваат за степенот на свест и желбата за придонес кон земјите кандидати за влез во Европската Унија. Одговорноста и детерминираноста што ја покажуваат нашите европски стратешки партнери треба да се сфатат сериозно. Превземањето одговорност од наша страна е и еден од најважните чекори за успешна реализација на евроинтегративниот процес, а тој се реализира преку свесно преземање на обврските и фокусирана работа од наша страна“, стои во објавата на вицепремиерот.
Според Маричиќ, „сè зависи од нас, од нашите капацитети“. Тој е убеден дека „заеднички ја имаме моќта да ја трансформираме оваа држава во уште поубаво место за живеење со помош и соработка на сите земји членки на Унијата“.
„Нашата цел е комплетна евроинтеграција, влевање уште поголеми средства за подобрување на животот во нашата држава во сите сектори – економијата, енергетиката, животната средина, образованието, трудот и социјалната политика, културата, дигитализацијата на општеството и сѐ тоа во една безбедна, регулирана и легално систематизирана средина“, пушува во фејсбук-објавата.
Вицепремиерот и национален ИПА-координатор, Маричиќ, додава дека фондовите и средствата што се инвестирани во Северна Македонија доаѓаат од сите земји членки на ЕУ, пари што се влеваат во фондовите директно од плаќањето на даноците во Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Платите во училиштата од овој месец се зголемени за седум проценти и ќе продолжат да растат

Платите на наставниците и директорите во основното и средното образование од овој месец се зголемени за 7% и ова е второ зголемување во мандатот на актуелната Влада, откако претходно во октомври 2024 година беа зголемени за 5%. Повеќе никој не зема плата под минималната, како што беше тоа случај во минатото со техничкиот персонал, соопшти Министерството за образование и наука.
Реакција на МОН како што велат е поттикната од лагите кои денеска ги изнесе политичката партија Левица, за наводно енормно зголемување на платите на директорите на основните и средните училишта, споредбено со зголемувањето на платите на наставниот кадар.
„Платите на директорите и наставниците се зголемени во просек од околу 2500 до 3500 денари, во зависност од звањето, стажот и степенот на образование“.
Потсетуваат дека веќе е направен план за долгорочен раст на личните примања кои во период од 4 години ќе пораснат најмалку за 46% а најмногу до 60%, зависно од степенот на инфлација.
„Левица оспорува договор помеѓу социјални партнери, односно институција и синдикат и изразува непочитување кон нив, како и кон целата јавност со обидите за манипулација и собирање политички поени“, истакнуваат од МОН.
Македонија
Велигден е тука, но нашите деца ги нема, не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, пишува Златкова, мајка на загинато момче во дискотеката во Кочани

Велигден е тука, но нашите деца ги нема. Престанаа да им чукаат срцата, ги закопавме во црната земја. Некои биле заљубени, некои требаше да се заљубат, некои од нив имаа и сопруги и сопрузи и мали дечиња и штотуку родени дечиња. Кој сега ќе се радува на нив? Некои од децата не дочекаа полнолетство, некои не дочекаа матура, некои требаше да дипломираат и да станат академски граѓани кои ќе работат чесно како што ги учеле нивните семејства.
Не прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, напиша на социјалните мрежи Јулија Златкова, мајка на момче кое загина во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее , да дочекаш уште еден Велигден со него. Еве ќе ви кажеме, живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие фалат дома .
Ќе се навршат уште малку 40 дена, 40 црни денови без нашите сонца, без нашите анѓели чии кревети од тој ден останаа празни, а нашите срца и души засекогаш завиени во црнило.
Времето поминува, но правдата како што се чини нема изгледи дека ќе излезе на виделина.
Зарем немате ни малку човечност во вашите души?
Зарем толку сте ефтини што со пари се купувате?Ееееј вие убијци на нашите деца!
Зарем нашите невини деца требаше да ја платат цената на вашата алчност и корумпираност? Со нивните штотуку расцветани животи? Вие сте дно на дното! Никој од нас не растел дете да стане херој, туку да стане човек. Вие ги убивте нашите деца! Ееее убијци, многу од вас се исто толку виновни како и сопственикот на Пулс-монструм, почнувајќи од премиер, министри, разно- разни инспектори, па се до обичните полицајци, сите сте гледале, ама не сте виделе ништо! При очи сте биле слепи! Срамота! Бедни сте, ситни души кои за проклети пари на душа ќе ги носите нашите убиени и многу повредени деца! На душа. Само што вие душа немате.
Затоа Ви кажуваме, дека ние родителите и блиските на нашите починати чеда, ќе продолжиме да излегуваме и понатаму, секоја сабота и се надеваме дека на крај нема да останеме единствено само ние, доколку на нашите сограѓани им досади да не следат нас, кои ја бараме правдата за нашите убиени чеда. Но ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16.март , бидејќи ние си ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит.
Правдата мора да излезе на виделина!
Нашите безгрешни деца мора да бидат осветени!
Ние родителите, нема да дозволиме виновниците да останат неказнети!!!!!!!!
Нашите деца ги нема повеќе, но можеби поради нашиот бунт кон овој трул државен систем ќе се смени нешто, па идните генерации ќе имаат побезбедна иднина од нашите деца.
Вечна Ви слава Ангели, утре наместо да кршиме јајца дома како секоја година претходно, ќе ви донесеме јајца на Вашите вечни почивалишта“, пишува Златкова.
Македонија
На Табановце се чека до половина час а на Богородица и Дојран до 15 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Дојран и Богородица време на чекање за излез е 10 – 15 минути, а на граничниот премин Табановце времето на чекање за влез и излез од државата е 20 – 30 минути.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.