Македонија
(Видео) Докторка од Инфективната клиника: Не можам да ви кажам дали доаѓала заразената болничарка на работа додека била под надзор, а како го замислувате вие надзорот
Докторката Добринка Наунова-Јовановска од ЈЗУ УК за Инфективни болести објасни дека заразената болничарка со конго-кримска хеморагична треска засега е во стабилна состојба.
„Параметрите се следат континуирано да не дојде до некое влошување, ова е веќе петти ден како е болна, но ја следиме постојано да не дојде до некои влошувања. Кај оваа болест, конкретно, многу е важна супортивната терапија, заменската терапија, да се надоместува сѐ што се губи. Пациентката се надеваме дека ќе остане во стабилна состојба. Самата болест има еволуција, првите денови не се толку лоши, подоцна се влошува состојбата, затоа се следи за да се интервенира во одредени ситуации. Засега нема крвавења“, изјави Наунова-Јовановска.
Како што објасни докторката, сите што биле во контакт со претходната пациентка се под надзор и се следат сите параметри.
„Досега веќе 29 лица се под надзор. За ден-два им истекува. Од новиот контакт 11 лица се под надзор и тие се следат. Пренесувањето не настанува од обичен разговор, треба секрет и крв за да се пренесе. Не е битно дали ќе дојде на работа и ќе разговараме, туку дали ќе се развие болеста и ќе стане извор на зараза за да се пренесе“, рече Наунова-Јовановска.
Болничарката била трета смена на работа ноќта кога ја негувала пациентката.
На прашањето дали доаѓала на работа болничарката додека била под надзор, докторката не можеше да каже.
„Не можам да ви кажам дали доаѓала. Дали доаѓала додека била под надзор? Не, не, колку јас што знам. А надзорот вие како го замислувате? Надзорот подразбира да се следи температурата, каков и да се појави симптом, веднаш да се направат испитувања. Тоа е битно. За да се пренесе инфекцијата, не е како Ковидот штo беше, потребен е материјал за да се пренесе на лице“, додаде докторката.
На прашањето како можело да дојде до заразување и покрај заштитата што ја користат, докторката истакна дека мора многу да се внимава при симнувањето на ракавиците и облеката, особено кога има голема количина заразен материјал.
„Ние како инфектолози сме добро упатени какви сѐ заштити треба да се носат, особено кај вакви болести, независно што додека добивме дијагноза, се работеше со лицето како пациент во тешка состојба. Шансите се многу мали, но со оглед дека пациентката има ненормално големи количини секрети и крвавења, тоа се заразни содржини што може да бидат пренесени. И покрај заштитата што ја имаме ние, додека болничарката работела со пациентката, била заштитена. Но, потоа кога ги симнува ракавиците, маските или облеката, може нешто да прсне во слузницата, во очите и да се зарази. Сѐ е можно кога постои толку голема количина заразен материјал. Затоа многу треба да се внимава“, објасни докторката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

