Македонија
Османи – Саидов: ОБСЕ го поддржува спроведувањето на реформската агенда во Узбекистан

Неодамнешните узбекистански уставни промени претставуваат голем чекор напред кон градење на нов Узбекистан и ОБСЕ ќе продолжи да дава поддршка за спроведување на реформската агенда во земјата.
Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната средба со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов.
Преку Канцеларијата на проектниот координатор на ОБСЕ во Узбекистан, Организацијата дава поддршка во клучни области, како: зајакнување на улогата на жените, борбата против корупцијата и ефективно адресирање на прекуграничните предизвици на границата помеѓу Узбекистан и Авганистан.
„ОБСЕ заедно со владата на Узбекистан работи на зголемување на капацитетите на граничните и царинските служби за ефикасно справување со прекуграничните предизвици на узбечко-авганистанската граница. Северна Македонија и нашиот регион на Југоисточна Европа имаат многу успешни приказни за споделување кога станува збор за регионалната соработка, поврзаноста и контактите меѓу луѓето. Нема подобар начин за справување со регионалните предизвици од регионалната соработка“, истакна Османи на средбата со Саидов.
Ова се само неколку илустративни примери за опипливите придобивки за граѓаните, кои се резултат на соработката помеѓу теренските мисии на ОБСЕ и локалните власти, додава Османи.
Регионалната соработка е од клучно значење и за одговор на воената агресија на Русија во Украина, што ја загрозува безбедноста во целиот регион на ОБСЕ.
„Ова е уште една причина зошто треба да се вклучиме во уште поблиска соработка и да продолжиме со координиран регионален одговор, како и со поддршка на мултилатерализмот. Затоа, денеска, вредностите и принципите на ОБСЕ и неговата улога како единствена платформа за дијалог меѓу разни региони е поважна од кога било“, рече Османи.
Османи истакна дека постои позитивен тренд на зголемување на меѓурегионалната соработка помеѓу државите од централна Азија, што дава надеж за трансформација на односите во регионот и нуди нови можности за поефикасно решавање на заедничките предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ.
Османи на средбата изрази благодарност до државните власти и до министерот Саидов за поддршката што Северна Македонија ја добива од Узбекистан во рамките на претседавањето со ОБСЕ, извести Министерството за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) До 11 часот и 15 минути гласале 9,38 проценти од избирачите

До ДИК, до 11 часот и 15 минути не се пристигнати информации за евентуални проблеми со кои би се соочувале избирачките одбори на терен или некои поголеми непријатности, известија од Државната изборна комисија.
До 11 часот и 15 минути пристигнати се податоци за одѕивот на граѓаните на Локалните избори од 3139 избирачки места, од вкупно запишани 1 645 583 гласачи, на овие избирачки места гласале 154 275 односно 9,38 проценти, соопштија од ДИК.
Овој изборен процес го набљудуваат 1484 набљудувачи, од кои 807 домашни, 640 меѓународни и 14 странски новинари.
Најголем одѕзив има во Берово, Богданци, Бутел, Вевчани, Виница, Гевгелија, Градско, Дебарца, Демир Капија, Зелениково, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Новаци, Пробиштип, Ранковци и Чашка.
Најмал одѕив има во Сопиште, Центар Жупа, Боговиње и Врапчиште.
Македонија
Регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк

За време на предизборниот молк, во текот на 18.10.2025 до 07:00 часот на 19.10.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 20 пријави за нарушување на изборниот молк од кои шест на подрачје на СВР Скопје, четири на подрачје на СВР Куманово, потоа СВР Велес – три, по два настани на подрачје на СВР Охрид, СВР Штип и СВР Битола и еден на подрачје на СВР Струмица. По преземени мерки не се потврдени пријавите за 15 настани, извести МВР.
„Покрај ова, регистрирани се 47 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето, регистриран е само еден настан“, додаваат од МВР.
Македонија
(Видео) ДИК: На две избирачки места гласањето се одвива без користиње на уредот за биометриска идентификација

Во Куманово едно избирачко место, број 1133, каде се запишани 12 гласачи, поради објективни околности, односно немање струја во тоа избирачко место, се гласа без уредот за биометриска идентификација, известија од ДИК.
„Согласно Изборниот законик, ДИК донесе одлука гласањето на ова избирачко место да продолжи непречено без користиње на уредот за биометриска идентификација. Не сакавме да се губи времето, затоа одлучивме на ова избирачко место гласањето да продолжи со користење на УВ спреј и УВ ламба“, изјави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
Иста ваква одлука е донесена за едно избирачко место во Штип, број 2271 каде што има запишано 507 гласачи.
„На ова избирачко место поради технички причини, ИТ лицата ангажирани од ДИК направија обид со два резервни уреди и две смарт картички, но не можеше да се стартува тој уред за биометриска идентификација. За непречено одвивање на гласањето, донесовме одлука и во ова избирачко место гласањњто да продолжи со УВ спреј и УВ ламба за идентификација на гласачите“, додаде Кондарко.