Свет
Убиен маж кој му се заканувал на Бајден – драматична акција на ФБИ
Маж од Јута е убиен за време на рација на Федералното истражно биро (ФБИ) во средата рано наутро, потврди бирото за „Еј-би-си њуз“.
Рацијата била поврзана со истрага за наводни закани кон претседателот Џо Бајден и други лица, изјавија официјални лица запознаени со ова прашање.
Според извор на „Еј-би-си њуз“ се работи за истрага која што почнала во април, а Тајната служба го известила ФБИ во јуни. Покрај заканувачките објави, рече функционерот, мажот на социјалните мрежи сугерирал дека планира да преземе конкретни чекори.
„Заканите беа оценети како веродостојни“, рече функционерот.
ФБИ во Солт Лејк Сити соопшти дека пукањето се случило околу 6:15 часот по локално време додека специјалните агенти се обиделе да издадат налог за апсење и претрес.
„ФБИ сериозно ги сфаќа сите инциденти со пукање во кои се вклучени наши агенти или членови на работната група. Во согласност со политиката на ФБИ, инцидентот со пукањето е под контрола на истражниот оддел. Бидејќи ова е тековно прашање, немаме дополнителни детали за објавување“, се вели во соопштението на ФБИ.
Починатиот осомничен е Крег Робертсон, изјавија повеќе извори за „Еј-би-си њуз“ . Тужбата против него вклучува бројни објави на социјалните мрежи за кои се верува дека ги направил Робертсон со закани дека ќе ги убие Бајден и потпретседателката Камала Харис, како и неколку функционери вклучени во гонењето на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Претседателот треба да ја посети Јута во среда.
Меѓу објавите што наводно ги напишал Робертсон имало и една крајно вознемирувачка, а споделена на 6 август, три дена пред закажаната посета на Бајден.
„Слушам дека Бајден доаѓа во Јута. Го откопувам мојот стар костум и ја бришам прашината од снајперската пушка М24“, се наведува во објавата.
Бајден е запознаен со настанот, изјави претставник на Белата куќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.
Свет
Епстин со години се обидувал да дојде до Путин, покажуваат новите документи
Во новообјавените документи на американското Министерство за правда, поврзани со случајот на Џефри Епстин, името на рускиот претседател Владимир Путин се споменува повеќе од 1.000 пати.
Документите содржат бројни електронски пораки во кои Џефри Епстин се распрашува за можноста за средба со Путин и се повикува на лица кои ги опишува како негови блиски контакти.
Во електронска порака од октомври 2010 година, испратена до лице чија адреса е сокриена, тој прашал: „Дали го имаше Путин на својот брод?“.
Подоцна истата година, при поднесување барање за руска виза, наводно напишал: „Дали треба да извадам виза? Имам пријател на Путин, дали него да го прашам?“. Во август 2011 година, на еден бизнисмен од Обединетите Арапски Емирати му напишал дека „Путин можеби доаѓа во САД. Попрво би го видел таму, така што Сочи е малку веројатно“.
Епстин во повеќе наврати му пишувал на Торбјорн Јагланд, тогашен генерален секретар на Советот на Европа и поранешен норвешки премиер, за можноста за средба со Путин. Така, во мај 2013 година му јавил дека Бил Гејтс ќе биде во Париз и додал: „Путин е добредојден да ни се придружи на вечера“.
Во јануари 2014 година го замолил Јагланд да „му објасни на Путин дека на Русија ѝ е потребна понапредна верзија на Биткоин“, а во јули 2015 година напишал дека „сè уште сака да се сретне со Путин и да разговара за економијата“. Во јуни 2018 година напишал дека би „сакал“ да го запознае Путин и понудил средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, наведувајќи дека претходно се среќавал со рускиот амбасадор при ОН, Виталиј Чуркин.
Во еден извештај на ФБИ од 2017 година, базиран на доверлив извор, Епстин е наведен како „финансиски советник“ на Путин и на други странски лидери.
Материјалите, кои опфаќаат милиони страници документи, фотографии и видеа, се дел од долготрајната истрага за криминалните активности на Епстин.

